Големи и ужасни: САД високо ја оценија улогата на Т-34 во развојот на оклопните борбени средства

Global Look Press
Станува збор за тенк кој шокантно дејствуваше на оклопните единици на Вермахтот и на СС. Неговата закосена силуета, големата подвижност, силното вооружување едно време сериозно ја разнишаа довербата на германските „панцери“. Германските противтенковски топови мошне тешко излегуваа на крај со него зашто беше потребно големо количество гранати за негово уништување. Т-34 се одликуваше со мошне силен топ кој беше смртоносен за поголемиот број германски лесни и средни тенкови на почетокот на војната.

Тенкот кој тежеше 26 тони имаше за тоа време револуционерна концепција. Поголемиот број тенкови имаа мошне лоша оклопна заштита. Беа брзи, но мошне ранливи. Обединувањето на брзината, добрата оклопна заштита, и големата огнена моќ изискуваше измени во конструкцијата на тенковите. Исто така. Потребно беше да се создаде нов дизајн. Советските конструктори се „фрлаа“ на работа и набргу се појавуваа со свое решение кое е актуелно до денешен ден.

Кај тенкот Т-34 главна карактеристика беше примената на таканаречениот „закосен“ дизајн кој без преголемо додавање на оклоп ја зголеми неговата заштита. Гранатата често не знаеше како да се рикошетира од оклопот на тенкот кој беше поставен под определен агол. За тенкот беше развиен нов тип челик кој имаше подобрени својства на цврстина и на пластичност. Комбинацијата на усовршен оклоп и „закосен“ дизајн даде извонредни резултати во реалните борбени ситуации, пренесува Интернет-порталот РГ.

Постојат сведоштва на германски екипаж кој го опслужувала противтенковскиот влечен топ со калибар од 37 милиметри, во кои се наведува дека во една пригода испукале 23 гранати на една 34-ка, од кои една, кој знае која по ред, успеала само да ја блокира нејзината купола (бил оштетен механизмот за нејзино вртење), додека тенкот и понатаму функционирал.

Од основното оружје Т-34 имаше топ со калибар од 76 милиметри кој испукуваше панцирни гранати со тежина од 6 килограми. Оваа граната можеше на растојание од 900 метри да пробие оклопна плоча со дебелина поголема од 50 милиметри. Подоцна модифицираната верзија на тенкот доби топ со калибар од 85 милиметри (Т-34/85), кој остана во вооружувањето до крајот на војната, додека децении подоцна беше и во вооружувањето на голем број ширум светот.

Уште една предност на 34-ката беше нејзината висока подвижност. Тенкот го движеше мотор кој генерираше 500 коњски сили, што му овозможуваше да постигне брзина од 55 километри на час. Овие перформанси дојдоа до израз за време на Курската битка кога советските тенкови настојуваа да му се приближат колку што е можно поблизу на непријателот (блиска борба) и на тој начин да ја анулираат големата огнена моќ што ја поседуваа германските оклопни средства.

„Германскиот генерал фон Клајст го нарекуваше Т-34 „најдобар тенк на светот“. Тоа одеше дотаму што тој ѝ предлагаше на германската воена индустрија едноставно да го „ископира“ и да се откаже од развојот на својот проект со цел создавање тенк кој ефикасно би се спротивставил на Т-34. Оваа негова идеја беше отфрлена, а германските конструктори наскоро смислија свој одговор на новиот советски тенк во вид на среден тенк Пантер“, потсетува Хамблинг.

Меѓутоа не беше сè толку идеално. Т-34 имаше и свои недостатоци. Во тесната тенковска купола можеа да се сместат само двајца членови на екипажот. Командирот на тенкот имаше и функција на нишанџија, што во голема мера ја намалуваше ситуациската свест. Во целина, прегледноста на боиштето од оклопната школка на тенкот беше доста ограничена, што ја отежнуваше неговата употреба во борбата. Во голем број тенкови Т-34 кои беа дел од првата серија не постоеше ниту радиоврска. Тенкот беше исклучително некомфорен за екипажот, особено кога се движеше по неизрамнето земјиште, надвор од патиштата. Тој немаше амортизери, додека трансмисијата често знаеше да прави проблеми.

Авторот наведува дека своевремено и ЦИА потрошила многу време за да ги собере сите карактеристики на советскиот тенк за да ја докаже неговата ниска ефикасност. По овие анализи кои по правило беа обоена пропаганда, многумина западни експерти успехот на Т-34 во Втората светска војна го оценија како „преувеличен“.

„Фактите велат дека Црвената армија успеала да ја победи и благодарение на масовноста на своите тенковски единици. Едноставно, советската воена индустрија во тие неколку години од војната успеала да произведе неверојатно количество Т-34“, пишува Хамблинг.

По завршувањето на Втората светска војна многу тенкови кои беа активни учесници во неа беа едноставно застарени. Меѓутоа, Т-34 во активна експлоатација остана и во следните неколку децении (па и денес, во судирот во Јемен – заб. прев.). Тој се наоѓа во вооружувањето на многу армии како што се Намибија, Лаос, па и Босна и Херцеговина. Сигурноста на тенкот е демонстриран и за време на еден интересен случај во Украина во 2014 година кога двајца мажи се искачија на едно воено спомен-обележје Т-34 и успеаја да го стартуваат неговиот мотор.

Понатамошниот развој на основните борбени тенкови се наоѓа во криза. Според авторот на овој текст, тие и понатаму се произведуваат врз основната формула „брзина-закосена силуета-силен топ“ кои први ги измислија советските конструктори и ги применија на легендарниот тенк Т-34 пред 80 години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња