Како советски разурнувач ги надмудри бродовите на англиската интервентна флота

Разурнувачот „Гаврил“, април 1918.

Разурнувачот „Гаврил“, април 1918.

Wikimedia.org
Пред 101 година, на 18 мај 1919 година, во водите на Балтичкото море советскиот разурнувач „Гаврил“ стапи во бој против четири брода на англиската флота. И не ја изгуби битката.

Во тоа време на северозападот на Русија беснееше Граѓанската војна. Работничко-селанската Црвена армија се бореше против силите на Белото движење кое го поддржуваа Англичаните и балтичките земји. Во тој момент воената среќа беше на страната на вторите. Тие успешно извршија десант во Лушкиот и Копорскиот залив и постоеше опасност единиците на Црвената армија да се најдат во обрач, поради што мораа итно да се повлечат.

Командата на Црвената балтичка флота одлучи истовремено да изведе извидувачка операција во Копорскиот залив. Задачата беше барем да се соберат податоци за непријателските сили и десантираните единици, а по можност и да се нападнат тие единици и да се уништат со топовски оган од бродовите.  

Утрото на 18 мај кон заливот запловија бојниот брод „Андреј Првозвани“, разурнувачот „Гаврил“, четири миноловци и два патролни брода. Првиот брод, меѓутоа, мораше да се врати во Кронштат поради дефект на котлите. Останатите бродови Англичаните ги забележаа малку по 10:00 часот во Копорскиот залив. Крстосувачот „Клеопатра“, разурнувачите „Скаут“, „Волкер“ и „Шекспир“ одлучија веднаш да ја нападнат значително послабата советска „флотила“.

Капетанот на „Гаврил“ реши да му даде отпор на надмоќниот непријател и да ги покрива бавните миноловци. Според одделни извори, борбата трае малку подолго од еден час. Бродовите отвараат оган едни на други од дистанца од околу три наутички милји. Англичаните истрелуваат преку 300 проектили, но „Гаврил“ не е погоден директно со ниту еден проектил благодарение на вештото маневрирање. Само тројца морнари се здобиваат со рани од гелери. Малку подоцна советските бродови се повлекуваат кон брегот, каде можат да бидат покривани од артилериските орудија од брегот, така што Англичаните се принудени да се откажат.

Треба да се истакне дека „Гаврил“ бил разурнувач од класата „Новик“, т.е. бил најмодерниот брод во својата класа. Масовното производство на тие бродови започнува уште во времето на Руската империја. Бродовите од класата „Новик“ биле многу брзи, преку 34 јазли, и имале моќни парни турбини и котли на нафта.

Според вооружувањето биле универзални. Секој „Новик“ имал 3-5 орудија со долга цевка и калибар 102 мм, исто толку двоцевни или троцевни торпедни апарати калибар 457 мм и 80 морски мини.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња