Кои беа главните сојузници на СССР во студената војна?

Издавачка куќа „Правда“, 1963 година

Издавачка куќа „Правда“, 1963 година

Советскиот Сојуз имал сателитски држави на речиси секој континент. Тие биле негови најважни и најверни сојузници.

Куба во Северна Америка

Кога Советскиот Сојуз се соочи со критика по инвазијата на Варшавскиот блок на Чехословачка во 1968 година, јавна поддршка доби токму од Фидел Кастро, лидерот на Куба. Кастро ја осуди Прашката пролет и повика „здружена борба против проамериканските агенти и шпиони“. Години по оваа значајна демонстрација на поддршка Куба и понатаму беше еден од најблиските сојузници на Советскиот Сојуз во студената војна.

Веднаш по Кубанската револуција, советската интелигенција и водачите не знаеја многу за тоа кој е всушност Фидел Кастро и какви се неговите цели: дури и се разгледувала можноста дека го плаќа ЦИА.

Но, набргу почетокот на студената војна и американските економски и воени притисоци ја турнаа Куба во цврста прегратка на Советскиот Сојуз. Островската земја стана единствено комунистичко упориште во западната хемисфера, што ѝ даваше исклучително значење во времето на заострениот идеолошки судир.

Со текот на годините по Кубанската револуција, СССР ја придвижуваше и ја одржуваше кубанската економија, плаќајќи десеткратно повисока цена за шеќерната трска од Куба, најголемиот извозен производ на оваа земја. За возврат Советскиот Сојуз доби близок сојузник на само 250 километри од брегот на Флорида. 

Советите изградија и водеа шпионска база на Куба, позната како Радиоелектронски центар во Лудрес, на само 150 километри од Ки Вест и 300 километри од Мајами. Советскиот Сојуз и Куба исто така профитираа од неуспешната американска операција во Заливот на свињите на Куба во 1961 година, поставувајќи нуклеарни ракети на островот. Овој потег ја предизвика Кубанската ракетна криза која беше решена на обострана корист на Москва и Вашингтон.

Египет и Сирија на Блискиот Исток

Студената војна помеѓу Америка и СССР на Блискиот Исток изгледаше како партија шах: секоја страна се обидуваше да ги неутрализира стратешките предности на спротивната страна во овој регион, кој имаше суштинско значење и истовремено носеше голем потенцијал за избивање судир. Во тензичната атмосфера помеѓу Израел и арапските земји, Советскиот Сојуз си ги избра своите сојузници.

Од самиот почеток на студената војна кон крајот на четириесеттите години од минатиот век СССР ги снабдуваше арапските земји, особено Египет и Сирија со советско оружје и таму испраќаше свои воени советници. Советите одиграа клучна улога во повлекувањето на Велика Британија и Франција од Египет во 1956 година, кога египетскиот претседател Абдел Насер го национализираше Суецкиот канал и така доведе до воена инвазија од страна на овие земји 

Иако Советскиот Сојуз не успеа да ја всади комунистичката идеологија на Блискиот Исток, ги користеше испораките на оружје и на друг вид помош за стекнување политичко влијание во регионот. Откако во 1971 година советската морнарица доби пристап до сириските пристаништа, Америка повеќе не беше единствениот играч во Средоземното море, со оглед на тоа што Петтата оперативна ескадра на советската морнарица држеше противтежа на американската Шеста флота базирана во Италија.

Дури и откако Египет по смртта на Насер му сврти грб на Советскиот Сојуз, Сирија остана советско упориште на Блискиот Исток сè до распадот на СССР во 1991 година. 

Етиопија во Африка

Некои набљудувачи го опишуваа присуството на Советскиот Сојуз во африканските земји според принципот: максимум добивка со минимален ризик. Африканските земји, ослабнати по деколонизацијата, станаа простор за ширење на комунистичката идеологија и за стекнување стратешки упоришта во овој значаен регион во кој се појави вакуум на моќ по повлекувањето на европските сили. 

Советскиот Сојуз во текот на студената војна поддржуваше бројни бунтовнички движења ширум африканскиот континент, но најзначаен сојузник во Африка му беше Етиопија. 

Оваа земја на Африканскиот рог и пред Октомвриската револуција од 1917 година беше привлечна за Русија зашто нејзините владетели тука гледаа стратешка можност за ширење продор на африканскиот континент. 

Меѓутоа, врвот на советско-етиопското пријателство настапи дури во 1977 година кога Сомалија, во тоа време советска сателитска држава, ги раскина односите со СССР, ги протера советските сојузници и почна офанзива против Етиопија. 

Веднаш по нападот, Москва се најде со испорака на оружје и друга воена опрема на Етиопија (меѓу другото, 80 летала, 600 тенкови и 300 оклопни транспортери) по воздушен и по морски пат со ефикасност и со брзина која ги збуни западните противници на Советскиот Сојуз.

Заедно со 17.000 кубански војници кои на бојното поле стасаа од Ангола, советската воена помош брзо направи пресврт во текот на војната и ѝ овозможи на Етиопија да ја одбие сомалиската офанзива. 

Овој инцидент на капиталистичкиот блок јасно му ја покажа советската способност да ги обликува настаните во светот и го зацврсти статусот на СССР како глобална сила. 

Многу подоцна британскиот писател на бестселери Вилбур Смит еден од своите романи го заснова на настаните со советското присуство во Африка. 

Виетнам во Азија 

Во текот на конфликтот Советите на северновиетнамските герилци под водство на верниот социјалист и марксист Хо Ши Мин им испраќаа голема воена помош, вклучувајќи авиони, радари, артилериски и противвоздушни системи, малокалибарско вооружување, храна и медицинска опрема, Северновиетнамските пилоти на ловечки авиони исто така се обучуваа во Советскиот Сојуз пред својата борба против Американците во Јужен Виетнам.

За возврат, Советскиот Сојуз по падот на Сајгон доби пристап до морнаричката база во заливот Кам Тан каде ја постави својата Тихоокеанска флота. Оваа база стана клучен фактор во советското проектирање за ширење моќ и за собирање разузнавачки податоци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња