Руските војници засадија 75 портокалови и мандаринови дрвца во Сирија во спомен на ветераните од Втората светска војна. Настанот се случи во авиобазата „Хмејмум“ во рамките на акцијата „Градина на сеќавањето“. Многу од оние кои денеска служат во Сириската Арапска Република се потомци на ветераните кои херојски се бореа на фронтот и го ослободија светот од фашизмот, пишува ТВ „Ѕвезда“.
„Мило ми е што и јас ѝ служам на Татковината. Сметам дека секој човек треба да ја брани татковината и во секоја ситуација да биде на нејзиниот браник“, изјави Евгениј Толмачов, внук на Херојот на Советскиот Сојуз Михаил Сотников.
Како што истакна тој, уште од детството подвизите на дедо му не му давале мира и тој отсекогаш знаел дека ќе стане војник кога ќе порасне.
„Секогаш кога ќе ја слушнам песната „Денот на победата“ се ежам. Ме преплавуваат спомени. Не знам како преживеале. Имам цело семејство војници: дедовци, татко ми, па беше природно и јас да тргнам по нивните стапки. А мојот син, којшто допрва расте, одговара на прашањето што ќе биде кога ќе порасне: „Ќе бидам како тато – војник“, вели постариот поручник Тимур Агљамов.
Неговите двајца дедовци биле ранети во текот на Втората светска војна. Едниот служел како снајперист, вториот како извидник.
Акцијата „Градина на сеќавањето“ започна на 18 март и веќе се прошири во 70 региони на Русија. Според замислата на организаторите, учесниците треба да засадат 27 милиони стебла во знак на сеќавање на паднатите во најкрвавата војна во историјата на човештвото.
Акција станува сé повеќе популарна како во Русија, така и во странство. Во акцијата се вклучија жителите на Абхазија, Таџикистан, Ерменија и Грција. Почит на хероите им се оддава и во Мароко, Перу и на Кипар.
Пандемијата на коронавирусот наметна некои промени, признаваат организаторите, но Русите не се обесхрабруваат и садат дрвца на свое земјиште. Повеќе информации на официјалниот веб-сајт на акцијата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче