„Рускиот“ вирус од 1977: Една од најзагадочните болести во Советскиот Сојуз

Владимир Соколаев, МАММ / МДФ 3
Во 1977 година во Советскиот Сојуз дојде до појава на чуден грип од кој масовно умираше младината. Речиси сите жртви беа помлади од 25 години. Првиот заболен се појави на Далечниот Исток, но наскоро грипот го помина цел СССР и се пренесе во Европа. Во светот на овој грип му го дадоа името „руски“.

Претходникот на рускиот грип, како што беше потврдено подоцна, настанал во Југоисточна и Централна Азија. Во текот на пролетта 1977 година се движеше по јужна Кина и Јапонија од каде дојде во Хабаровск и Владивосток, каде што беше забележан првиот случај во СССР. Советските лекари, за разлика од колегите од Кина и Јапонија, веднаш ги информираа сите лаборатории во светот.

Советските виролози утврдија дека грипот има мешана структура. Во првата етапа настанал од два вируса, додека есента му се приклучил уште еден. Заклучокот што беше изведен на крај е дека „рускиот грип“ е многу сличен на „шпанскиот грип“ што се појавил на крајот на Првата светска војна, како и на грипот што прогрме низ цел СССР во 1947 година.

Вирусите слични на овој беа идентични на вирусите кои советските научници ги најдоа кај китовите од Антарктикот 1975 година, па и на птичјиот грип. Тоа ги наведе научниците да се посомневаат дека преку птиците се заразени планктоните со кои се хранат китовите.

Луѓето од постарите генерации кои прележаа сличен грип создадоа имунитет на „рускиот грип“, а болеста беше опасна за оние кои не го прележале, а тоа е пред сé помладата популација. Луѓето помлади од 30 години сочинуваа половина од тогашниот СССР.  Уште една особеност на грипот беше тоа што мнозинството население, околу 58%, го прележа во лесен облик, додека околу 42% имаа потешки или средни последици.

Сепак, надвор од границите работата беше дочекана на нож. Еден од првите конспиролози беше финскиот професор виролог Кале Саксела кој објави дека „рускиот грип“ е создаден во советските лаборатории. Вирусот најмногу беше распространет во тесните колективи. Една од најголемите зарази во текот на јануари 1978 година ја погоди авиобазата во Апер Хејфорд во Велика Британија. Исто така, на воздухопловната академија на САД во Колорадо се заразија повеќе од 3200 кандидати, поради што обуката беше прекината во целост. Во западниот печат покрај епитетот „руски“, вирусот уште се нарекува и „црвен“. Уште еден инцидент со голема зараза се случи во американската база Форт Дикс. И покрај тоа што во овој случај заразата беше брзо локализирана, случајот поприми јавни размери. Претседателот на САД Џералд Форд вети нова вакцина за сите Американци.

Во Европа немаше премногу заболени, но вирусот протатна по планетата. Се смета дека вирусот однесе 300000 животи во целиот свет. Колку точно луѓе починаа во Советскиот Сојуз, не е познато. Овој податок остана под превезот на тајноста.  

  

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња