Како француските фашисти побрзаа на Источниот фронт за да се одмаздат за Наполеон

Bundesarchiv, Archive photo, Pixabay
Француските војници кои беа облечени во Хитлерови униформи се надеваа дека ќе ја повратат славата на Големата армија на Наполеон која во 1812 година беше завеана од рускиот снег. Верувале или не, тие ѝ се приближија на Москва многу повеќе од останатите германски колаборационисти. А, потоа и тие беа завеани.

Германската војска во јуни 1940 година ја прегази француската армија. Тоа беше крај на Третата Француска република. Но, сите Французи не го положија оружјето.

Нацијата беше поделена. Едни сакаа да ја ослободат својата земја, а други брзо свикнаа на новата реалност. Практично низ целиот свет „Слободната Франција“ на Де Гол војуваше против колаборационистите на Вишиевскиот режим. А, се судрија на советска територија.

„Во одбрана на цивилизацијата“

„Ова е наша војна и ќе ја водиме до крај, до победа“, вака Жак Дорио, лидерот на Француската народна партија, го коментираше упадот на Германците на територијата на СССР во 1941 година.

Претседателот на Вишиевска Франција Филип Петен и Адолф Хитлер, октомври 1940 година.

Хитлер всушност не сметал дека Французите се потребни на Источниот фронт зашто сметал дека неговата армија ќе ги прегази болшевиците во период од најмногу пет месеци. Но, Вишевската влада се надевала дека учеството на Французите во „борбата на цивилизираната Европа против комунизмот“, ќе биде наградена во повоена Европа.

На крајот на краиштата, создавањето единица на француски доброволци која ќе биде испратена на советско-германскиот фронт беше добар пропагандистички потег.

Француска легија

За разлика од соседна Шпанија која од доброволците формираше цела дивизија (18 илјади лица), во Франција сè се одвиваше без голем ентузијазам. Доколку многумина Шпанци сакаа да им се одмаздат на Советите за учеството во Граѓанската војна, Французите не наоѓаа добра причина да се упатат во далечниот Советски Сојуз.

Француски доброволци, септември 1941 година

За време на своето постоење Легијата на француските доброволци имаше најмногу седум илјади војници кои носеа германски униформи.

По трагите на „Големата армија“

Француските војници беа во првите редови за време на операцијата Тајфун и ѝ се приближија на Москва поблиску од останатите сојузници на Германија (Романците, Унгарците, Хрватите, Италијанците, Словаците итн.), на само 63 километри. Французите дојдоа да го „уништат комунистичкото чудовиште“, пишуваше весникот L'Oeuvre.

Војници на Француската легија во Русија

Но, на крајот на краиштата 638 полк донекаде ја повтори судбината на Наполеоновите војници. Заедно со другите делови на Групата армии „Центар“ наиде на силен контранапад на Црвената армија. Французите во битките или од болест и од студенило изгубија 500 лица, што за една ваква единица е голема загуба.

Француската легија се повлече до Смоленск, а понатаму се бореше во шумите на Белорусија против партизаните. По вториот контранапад на Црвената армија во 1944 година Легијата се повлече од фронтот и се распадна. Многумина војници беа префрлени во новата француска 33 дивизија на СС за на крајот на војната да го брани бункерот на Хитлер во Берлин.

Заедничка борба против агресорот

Секако, не треба да се заборави за на Французите кои на Источниот фронт се бореа против Германците.

Генерал Де Гол, командант на француското движење на отпорот, дојде до идеја да испрати француски пилоти на рускиот фронт. Советите го прифатија предлогот во ноември 1942 година.

Ескадрилата „Нормандија“, како што се нарекуваше на почетокот, беше формирана во март 1943 година. На почетокот имаше 14 пилоти и 47 механичари. Подоцна, по успехот во борбите за ослободување на Белорусија и на Литванија, Јосиф Сталин на називот на оваа единица му го додаде зборот „Неман“ според реката која минува тука. Наскоро ескадрилата се прошири и прерасна во полк.

Пилоти на полкот „Нормандија-Неман“.

Од првобитната екипа преживеаја само тројца пилоти. Сè на сè, низ Нормандиско-Неманскиот полк минаа околу стотина Французи. Тие за храброста имаат добиено мноштво советски воени награди. Четворица пилоти ја имаат добиени дури и највисоката советска награда – звањето Херој на Советскиот Сојуз, што е вистинска реткост за тоа време кога станува збор за странци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња