Што се случи со авторот на најпознатата фотографија од Втората светска војна

Yevgeny Khaldey/Sputnik
Заземањето на Берлин означуваше конечна победа над нацизмот. Симболот на овој настан е снимката на советскиот воен фоторепортер Евгениј Халдеј со подигнувањето на СССР над Рајхстагот. Оваа фотографија се појави во сите светски весници. Но, нејзиниот автор во татковината набргу падна во немилост.

Самоук фотограф

Евгениј Халдеј е роден на 23 март 1917 година во Донецк. За фотографијата се заинтересирал уште како дете и помагал во локалното фотографско студио. Својот прв фотоапарат го направил самиот од две кутии и леќа од очилата на неговата баба.

Во триесеттите години од 20 век во регионот во кој живеел завладеал глад и 14-годипниот Халдеј се вработил како бравар во депото за локомотиви. Во паузите од работата се занимавал со фотографија, па набргу го повикале да работи за весникот „Сталински рабочи“. Летото 1937 година, на 19 години, се преселил во Москва и почнал да работи за агенцијата ТАСС.

Првото лице на војната

Халдеј се наоѓал во редакцијата кога на 22 јуни Вјачеслав Молотов го одржал својот историски говор: „Без изнесување на какви било барања до Советскиот Сојуз, без објавување на војна, германската војска ја нападна нашата земја“. Халдеј тогаш излегол на улица и ја направил една од своите најпознати фотографии на која се гледа како московјаните го слушаат говорот.

„Луѓето не се разидуваа. Стоеја, молчеа и размислуваа. Ги прашав: за што? Никој не одговараше. За што размислував јас? За тоа дека еден ден ќе ја направам и последната, победничка снимка“, се сеќаваше Халдеј.

5 години војна

Халдеј целата војна ја помина со фотоапаратот, од првиот до последен ден. Урнатините на градовите, војниците во борба и во ретките моменти на одмор, цивилите што изгубиле сè, многу смрт.

„На сите им се чинеше дека она кон што тежнеевме сите овие 1.418 дена треба да се заврши на некој грандиозен начин. А, тука стоеше само Рајхстагот, поцрнет од чад, и владееше неверојатна тишина“, така се сеќава тој на заземањето на Берлин.

Евгениј Халдеј го режираше и познатиот момент забележан на фотографија, за што години подоцна и самиот разговараше. Знамето со срп и чекан од фотографијата Халдеј самиот ја донел и замолил тројца војници кои случајно се нашле таму да запрат и да го држат така како првпат да го ставаат на зградата. Зашто, додека стасал, Берлин целиот веќе бил накитен со советски знамиња.

Евреин

Халдеј подоцна ги фотографираше најважните моменти од тој период: Постдамската конференција, потпишувањето на капитулацијата на Германија, Нирнбершкиот процес, Георгиј Жуков на бел коњ и првата Парада на победата на Црвениот плоштад. Прогласен е за еден од најдобрите фотографи во земјата и одликуван е со девет медали, како и со Орден Црвена ѕвезда и со Орден на Татковинската војна.

Но, една година подоцна нагло се променил односот на државата кон Евреите. Во 1947 година морал да излезе пред комисијата која пресудила: „Просечен репортер, кој одвај успева да ја задоволи нормата“. На крајот во 1948 година бил отпуштен со објаснување: „Поради намалување на обемот на работа на московската редакција“.

Долг пат

Фотографот паднал во немилост на власта и стравувал за својот живот. Дури и морал да ги уништи негативите со снимките на глумецот и режисер Соломон Михоелс, кој бил убиен по наредба на Сталин, а потоа и снимките со Јосип Броз Тито поради заладувањето на односите со Југославија.

Халдеј успеал официјално да се вработи дури шест години по смртта на Сталин, во 1959 година. Следните 17 години ги минал како фоторепортер во весници и заминал во пензија.

На него се сетија за време на одбележувањето на 50-годишнината од Победата. Во 1995 година Халдеј, на специјална покана од претседателот на Франција, стаса на главниот светски фотографски фестивал во Перпињан, каде му беше доделен орден „витез од редот на уметноста и литературата“.

Шест месеци пред неговата смрт, кон крајот на мај 1997 година, за Халдеј во Европа беше прикажан документарен филм, а во Америка беше објавена книга. Неговата легендарна фотографија со знамето е продадена на аукција за 13.500 американски долари.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња