Запознајте ја необичната историја на легендарната руска вотка Столичнаја

A View to a Kill (007 Бонд) - John Glen/Eon Productions, 1985

A View to a Kill (007 Бонд) - John Glen/Eon Productions, 1985

Во седумдесеттите години од минатиот век во американските продавници се појави првата руска вотка. И тоа благодарение на Пепси.

Ако помислите на руска вотка, Столичнаја (или Столи) е еден од брендовите што прв ќе ви падне на памет. Веќе со децении е популарна во Русија и во странство. Но, што всушност знаеме за нејзината долга историја?

Од СССР до САД

Столичнаја не е само една од најпознатите, ами и една од најстарите вотки во Русија. Постојат неколку верзии за тоа како настанала (некаде помеѓу 1938 и 1953 година). Руската државна компанија „Сојузплодоимпорт“ тврди дека сè започнало во 1938 година кога советските стручњаци го измислиле оригиналниот рецепт за оваа вотка од премиум класа од зрна на пченица и на 'рж. „Сојузплодоимпорт“ (главниот сопственик на брендот) тврди дека првите шишиња Столичнаја се произведени во 1941 година во Ленинград под опсада, додека масовното производство започнало во 1943.

Но, Московскиот државен вински магацин бр. 1 се спротивставува на оваа верзија, тврдејќи дека токму кај нив во 1940 година е измислен рецептот и тоа благодарение на врвниот стручњак за дестилација и процесен инженер Виктор Григорјевич Свириди. Неговото име во многу извори се појавува како име на главниот креатор на вотката Столичнаја.

Цената на Столичнаја била доста висока во споредба со другите вотки. По финансиската реформа од 1961 година цената била 3 рубли и 12 копејки или околу 2.13 американски долари (во тоа време доларот вредел 90 копејки). Затоа Столичнаја се сметала за врвна вотка, наменета само за оние што можат да си ја дозволат. Во 1954 година целосно ја надминала вотката Смирнов, освојувајќи низа меѓународни признанија, вклучувајќи и златен медал во 1958 година на Светскиот саем и меѓународна изложба во Брисел, како и уште едно злато на Лајпцишкиот саем во 1963 година.

Во 1972 година Столичнаја станала првата вотка од премиум класа која се појавила на американскиот пазар. Американската компанија PepsiCo имала монопол на нејзината продажба преку Атлантикот, благодарение на тоа што на Советите им ги отстапила своите производни капацитети. Така дошло до зголемување на популарноста на вотката Столичнаја во Америка која се рекламирала под слоганот „Само вотка од Русија е вистинска руска вотка!“. Оттогаш Столи станува позната како еден од главните симболи на Русија и на СССР му носела милиони американски долари профит. До 1990 година вотката Столичнаја се извезуваше во 90 земји.

Борба за правата

Со распадот на СССР и хаосот кој следуваше, трговската марка „Столичнаја“ престана да постои. Во 1992 година „Државен патент на СССР“, агенција задолжена за интелектуалната сопственост, практично го остави брендот без никаква заштита, претворувајќи го во обично име за група производи, што им овозможи на сите да ја произведуваат, со различни нивоа на квалитет и со различни етикети.

Кон средината на деведесеттите години од минатиот век се обидоа да воспостават контрола над ситуацијата и трговската марка ѝ беше вратена на компанијата „Сојузплодоимпорт“ (правен наследник на некогашната државна фирма) и сè ќе беше како што треба доколку еден од нејзините најголеми акционери, Јуриј Шефлер, немаше поинакви планови. Тој во 1997 година основа фирма со речиси исто име („Сојузплодимпорт“), ја купи Столичнаја со уште неколку брендови по ниска цена, ги продаде на сопствената фирма (Spirits International во Холандија) и практично производството на вотката Столичнаја го претвори во меѓународен приватен бизнис кој подоцна доби ново име: S.P.I. Group.

Како што минуваа годините, компанијата на Шефлер во Русија наиде на законски проблеми, па во 2001 година тој мораше да ја напушти земјата. Сепак продолжи да заработува милиони од продажбата на Столичнаја и на други брендови руски алкохолни пијалаци.

Во текот на последните 20 години „Сојузплодоимпорт“ и милијардерот во прогонство водат правна битка пред странските судови за правото на брендот Столичнаја. Во 2018 година холандскиот суд пресуди дека правото ѝ припаѓа на компанијата „Сојузплодоимпорт“ и дека S.P.I. Group мора да ѝ го исплати целокупниот профит направен на пазарите во земјите од Бенелукс од 1999 година. Шефлер поднесе жалба на оваа одлука, но во јануари оваа година жалбата беше отфрлена. Тоа е добар знак за Русија, но изгледа конфликтот не е ни близу до разрешница. S.P.I. Group и понатаму го користи правото на неколку трговски марки Столичнаја во 13 европски земји и подготвена е да ги брани во иднина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња