„Побожните фармери кои се решени со својата крв да ја бранат слободата на татковината секогаш ќе бидат поблиски на светата Русија, одошто ладнокрвната и саможива Англија, нашиот исконски непријател“, пишува на 16 октомври 1899 година популарниот руски весник „Ново време“.
Оваа емотивна белешка била предизвикана од англиско-бурската војна којa тукушто била почната во Јужна Африка. Бурите, потомци на холандските, германските и француските колонисти, во споменатата војна ја бранеле независноста на своите две држави (Трансвал и Портокаловата Слободна Држава) од Британската Империја.
Втора бурска војна во Трансвал, пораз на Англичаните во Беркелакт. Насловна страница на францускиот весник Le Petit Parisien, 17 ноември 1901 година.
Getty ImagesБорбата што ја воделе Бурите предизвикала голем одек во многу земји ширум светот, па и во Руската империја, каде воодушевувањето на слободољубивиот народ било проследено со непомирлива англофобија.
„Бурите имаат многу заеднички нешта со Русите... Тие, како и Русите, се првенствено земјоделски народ. Склони се, како и Русите, кон екстензивна земјоделска култура“, пишува веќе споменатиот весник „Ново време“.
Во руското општество се истакнувала дури и сличноста во надворешниот изглед и во карактерот на рускиот и бурскиот народ. Бурите, како и Русите, биле силни, крупни и со бради. Исто така биле побожни и мирољубиви, вредни и строго патријархални домаќини.
Бури со пушки во вагон за време на Втората бурска војна.
Getty ImagesКога започнал вооружениот конфликт, цела Русија била обземена од бурофилија. Во руските крчми луѓето често ја пееле „бурската химна“ и зборувале за војната во Африка.
Русите во црквите собирале прилози и им ги испраќале на Бурите, а кога бурскиот генерал Пит Кронже бил заробен, од доброволните прилози била направена „братина“, огромен пехар со сребрен орнамент и му бил испратен. Покрај пехарот биле приложени и списоци со потписи од 70.000 луѓе.
Пит Кронже. Бурски лидер и воин, се предава на лордот Робертс, Пардеберг, Јужна Африка, 1900. Кронже се борел во Првата бурска војна. На 29 декември 1895 година го победил Џејмсоновиот одред кај Кругерсдорп. Во Втората бурска војна (1899-1902) ги победил Британците кај Магерсфонтејн на 11.12.1899
Getty ImagesВо некои весници периодично се објавувале апели како: „Ние имаме доволно сопствени грижи и неволи“, „До Бога, зошто се грижите за Бурите? Мислете на својот народ“, но тие веднаш биле пресретнувани со критики. Цела Русија била опфатена со сеопшта омраза кон „алчниот Британец“ кој се свртел кон независноста на малите народи.
Како што истакнуваат истражувачите на овој конфликт А. Давидсон и И. Филатов , во историјата на Русија немало многу случаи во кои општеството за некое прашање било единствено. Дури и либералите ја критикувале Велика Британија поради тоа што ги погазила либералните идеи.
17 улански полк во Битката кај Модерфонтејн
Richard Caton Woodville, Jr.Опседнати со англофобија, вжештените глави во Русија на цел глас зборувале за тоа дека е неопходно да се завојува со Велика Британија. И навистина, Англичаните тогаш ги осудувале многу земји, меѓу кои и Франција, Германија и Холандија. Ватикан водел сеопфатна антибританска пропаганда во целиот свет. Покрај тоа, неочекуваните победи на Бурите на почетокот на војната сериозно го занишале авторитетот на „господарката на морето“.
Руското раководство, меѓутоа, не сакало да се впушта во отворена војна поради далечните полумитски јужноафрикански земјопоседници. Царот Николај Втори на 22 март 1900 година ѝ напишал на мајка си, императорката-вдовица Марија Фјодоровна: „Неверојатно е какви глупости се шират низ градот... Дека ќе одиме во Москва и дека таму свечено ќе ѝ објавиме војна на Англија“.
Царот Николај Втори Романов на смотра на војници на Измајловскиот полк.
Public domainСепак, Русија била на страната на Бурите, а во светот ја третирале како сила која може да ги запре Англичаните, било по воен или по дипломатски пат. Но, сите напори што ги вложиле Русите во оваа насока биле залудни.
Половина година пред почетокот на војната во Хаг на иницијатива на Санкт Петербург свикана е мировна конференција посветена на решавањето на конфликтот кој тогаш се заострувал. Потпишани се неколку документи кои имале статус на препорака и практично не значеле ништо, ниту го спречиле почетокот на борбените дејствија. Британците дури не ни им дозволиле на претставниците на бурската република да дојдат во Хаг.
Кога војната веќе била во тек, Санкт Петербург се обидел со Берлин и со Париз да формира антибританска алијанса. Идејата пропаднала зашто Германците и Французите не можеле да го решат меѓусебниот судир околу Алзас и Лотарингија.
Царот Николај Втори бил убеден дека во секој момент ќе може да го запре вооружениот судир. Набргу по почетокот на војната ѝ напишал на сестра си, кнегињата Ксенија: „Ти знаеш, драга моја, дека не сум горделив, но ми годи тоа што во моите раце се наоѓа средство кое конечно може да го промени текот на војната во Африка. И тоа е мошне едноставно средство – да се издаде преку телеграф наредба до сите туркестански (средноазиски) единици да се мобилизираат и да се концентрираат на границата. И ништо повеќе! Никакви најмоќни флоти на овој свет не можат да нè спречат да се пресметаме со Англија токму онаму каде таа е најранлива“.
Подоцна излегло дека овие самоуверени зборови на царот сепак биле само зборови. Велика Британија едноставно ја игнорирала делумната мобилизација на Кавкаскиот армиски корпус – била сосема сигурна дека Русија нема да се реши на влез во голема војна.
Дипломатијата и прилозите не биле единствената помош што Русија им ја дала на Бурите. Им испратила и 225 доброволци. Имало неспоредливо повеќе луѓе кои сакале да одат во војна, но многумина не можеле финансиски да го поднесат долгото и скапо патување на другиот крај од светот.
Бурскиот генерал Евгениј Максимов
Public domainОфицијалната руска статистика нема евидентирано емигранти од Руската империја, особено Евреи, кои уште пред избувнувањето на конфликтот постојано се населиле во Трансвал и во Портокаловата Слободна Држава. И тие се фатија за оружје кога ги повика новата татковина.
Меѓу руските доброволци најмногу се има истакнато потполковникот во пензија Евгениј Максимов. Тој кај Бурите дотуркал до генералски чин.
Благодарение на Максимов бурските единици престанале со спорадично извидување и пристапиле кон системско, добро смислено и подготвено рекогносцирање на теренот. Покрај тоа, Максимов во голема мера придонел бурската герила да се дисциплинира, па ги збие редовите и без поговор да се потчинува на командата, што ја зголемило нивната борбена ефикасност.
Руско-холандски санитарен одред тргнува од Петербург во помош на Бурите. Варшавска железничка станица 1899 година.
Getty ImagesВо Трансвал стасале два руски одреди од Црвениот крст. Тоа бил најголем контингент на медицински работници од Европа. Првиот во Јужна Африка заминал во таканаречениот владин одред, кој непосредно пред тоа стекнал непроценливо искуство во Абисинија (Етиопија).
Вториот бил доброволечки одред формиран со средства што ги давало руското население. Една половина од одредот ја сочинувале Руси, а втората Холанѓани, „поради полесен контакт со властите и со жителите на Трансвал.
Обата одреда останале во Јужна Африка до падот на двете републики. Бурите биле воодушевени од тимот на одредите и мошне ги почитувале, иако најчесто биле прилично сомничави кон Европејците.
Втората бурска војна во Трансвал, британски доброволци се враќаат од Англо-бурската војна.
Getty ImagesНабргу излегло дела Русите во оваа војна многу им помогнале и на Англичаните, а не биле свесни за тоа. Имено, во септември 1901 година се дознало дека британските единици во Трансвал набавуваат коњи за влечење од Русија. Извесен генерал Томсон масовно откупувал коњи од Русија и ги извезувал низ преку пристаништето во Одеса.
Во тој момент веќе биле продадени над 40.000 кои, а купувањето не престанувало. Министерството за одбрана немало можност со закон да забрани продажба на коњи на Британија, па се трудело на сите начини да ја отежни и да ја саботира таа работа.
Велика Британија ги победила Бурите и покрај сета помош на Русија и на другите земји кои им биле наклонети, и во 1902 година ги припоиле своите држави на големата империја. Русија не можела да го спречи тоа.
По војната англофобијата уште извесно време доминирала во руското општество, за сè да се смени во 1907 година кога двете империи решиле да ги надминат овие несогласувања и да потпишат заедничка конвенција со која е крунисано формирањето на Антантата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче