Како советски разузнавач ја спаси старата престолнина на Полска

Sputnik; Александра Краснова/ТАСС
Жртвувал еден историски споменик за да го спаси целиот град од уништување.

„Спасувањето на Краков е најважното нешто што го имам постигнато во животот“, велеше советскиот разузнавач Алексеј Ботјан. И навистина, токму благодарение на неговиот подвиг древната полска престолнина до денес ја има зачувано својата старинска убавина (а, не реконструирана, како во случајот со Варшава).

Од полската армија во советската разузнавачка служба

Советски митралесци во борба за ослободување на градот. Краков, Полска.

Идниот разузнавач ја дочекал Втората светска војна како командир на посада на противвоздушно оружје во Првата полска армија кај Вилнус, а потоа кај Варшава, каде има соборено три бомбардери Ју-87 додека пикирале кон целта. „Војував како војник“, се сеќава Алексеј Николаевич. „Не ни размислував за тоа дека сум Белорусин, а борбите се водат за Полска. Тоа беше моја земја, моја татковина!“

Западна Белорусија, родното место на Ботјан, по поразот на Полска станува дел од СССР. Алексеј Николаевич кусо време работи како учител во школа, а потоа добива повик да стапи во школата за разузнавачи. Белорусин по националност кој одлично зборува полски и има воено искуство беше скапоцен кадар.

Во годините на Големата татковинска војна Алексеј Ботјан практично целото време го помина во непријателската заднина, на подрачјата на западна Белорусија и на Украина кој добро ја познаваше. Дејствуваше и самостојно, и како предводник на диверзантско-разузнавачкиот одред.

Одредот на Ботјан храбро и ефикасно ја изведе диверзантската операција во која на 9 септември 1943 година беше крената во воздух зградата на областниот комесаријат во градот Овруч во Украина. Во неа загинаа 80 германски стручњаци за борба против партизаните.

Повторно во Полска

Операцијата Висла-Одра, 12 јануари – 3 февруари 1945 година. Советските војници во битката за Краков.

Кога Црвената армија дојде до границите со Советскиот Сојуз Ботјан се врати во Полска. Негова задача беше да им помогне на советските единици во напредувањето. Во тоа време полската илегала беше мошне разнородна. Имаше многу струи кои не си веруваа една на друга – Армија Крајова, која се потчинуваше на полската влада во Лондон, полските комунисти на Армија Лудова и вооружените припадници на Селанските баталјони.

Алексеј Николаевич умееше да најде заеднички јазик со сите. „Полјаците го доживуваа Ботјан како свој човек и тоа беше еден од факторите за негов опстанок, спасување и успех. Тој одлично се камуфлираше. Тој беше глумец, извонреден глумец! Верувајте, ако некој е агент на разузнавачката служба на терен, а не е глумец, тогаш од тоа нема ништо“, велеше ветеранот на Надворешната разузнавачка служба Георгиј Саников.

Спасувањето на Краков

Ботјан беше добар дипломат, така што воспостави пријателски односи со командирите на Селанските баталјони Владислав Сокулски и Мечеслав Холев. Од нив дозна дека Германците во древниот Јагелоњски замок во градот Нови Сонч во близина на Краков сместиле големо складиште на муниција и експлозив.

Остатоци од Јагелоњскиот замок на реката Дунајец кај градот Нови Сонч.

Од инженерот и картограф Зигмунд Огарек, кого го заробија партизаните, се дозна дека експлозивот ќе биде искористен за кревање во воздух мостови преку реката Дунаец во стариот дел на Краков и на Рожновската брана. Планирано е браната да се крене во воздух доколку Црвената армија продре во градот, што би довело до делумно потопување на старата полска престолнина и би предизвикало мешаница во советските единици кои ќе влезат во градот.

Информацијата е потврдена на 10 јануари 1945 година кога партизаните кренаа во воздух возило на германскиот штаб. Во торбата на еден од убиените Германци е најден детален план за минирањето кое го спомена Огарек.

Не смееше да се одолговлекува. Ботјан ја осмисли операцијата за уништување на замокот заедно со складиштето со муниција. Со голем ризик воспостави директен контакт со еден офицер од замокот. Тоа беше германски капетан, по потекло Полјак, кого Вермахтот го мобилизираше уште во 1939 година. Тој беше подготвен да пребегне во партизани, а по долг разговор со советскиот разузнавач се согласи да учествува во акцијата.

„Му дадов англиска мина со запалка за да ја однесе во салата каде имаше многу експлозив. Тој му издаде наредба на својот војник да ја однесе мината во салата... Војникот веројатно не знаел што носи. Му било кажано 'однеси го ова таму и таму', и ништо повеќе“, се сеќава Алексеј Николаевич.

На 18 јануари 1945 година во 5 часот и 20 минути ѕидините на стариот замок беа разнесени од моќна експлозија во која загинаа неколку стотина германски војници и воедно е сопрен планот за уништување на градот. Веќе тогаш за офанзива на Краков се подготвуваа 59 и 60 армија на Првиот украински фронт кои следниот ден го ослободија градот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња