Дали Русија е сојузничка на Иран?

Legion Media
Во заднина на американско-иранскиот конфликт кој подгрева судири на Блискиот Исток, ова прашање не е без основа.

Најдобар начин да се почне новата година е со приказна за крајот на светот и во тој поглед 2020 година започна со голем стил. Кога на 3 јануари во американскиот напад беше ликвидиран иранскиот генерал Касим Сулејмани, гласовите за Трета светска војна брзо го преплавија Интернетот. И, иако повеќе станува збор за Америка и за Иран, ни Русија не останува надвор од некакви настани (барем од хумористичен карактер).

На пример, поранешната порноѕвезда Миа Халифа на Твитер објави фотографија на која носи црвена маица со руски грб под која стои натпис: „САД е во судир со Иран... Иран е сојузник на Русија... И јас да се изјаснам за секој случај“.

Добар потег, Миа! Но, шегата на страна, може ли навистина да се каже дека Москва и Техеран се сојузници?

1. Русија и Иран блиско соработуваат во Сирија

Покојниот генерал Сулејмани, за Американците е терорист, а за проиранските шиитски сили на Блискиот Исток е херој, кој блиско соработуваше со Русија во Сириската војна. И Москва и Техеран го поддржуваат претседателот Башар ал Асад во конфликтот, а се борат против исламистичките терористи и прозападната опозиција.

Додека Русија главно се концентрира на воздушните напади со ограничено користење на специјалните сили, Иран контролираше илјадници војници на територијата на Сирија (според американската процена, во втората половина на 2018 година во војната учествуваат над 12.5 илјади ирански претставници). Башар ал Асад со помош на Русија и на Иран успеа да поврати поголем дел од сириските територии во периодот од 2015 до 2019 година.

Значи, кога станува збор за Сирија, руските и иранските интереси се поклопуваат, зашто обете држави сметаат дека владата на Ал Асад за нив е скапоцен партнер. „Русија и Иран се единствените две држави подготвени да инвестираат во сириската обнова по војната. А, ниту една од нив сама не може да ја обнови Сирија“, истакнува Пјотр Кортунов од Рускиот сојуз за меѓународни прашања, опишувајќи ги односите помеѓу двете сили како „стабилен брак од корист“.

2. Но, имаат различни ставови за Блискиот Исток

Сепак, кога станува збор за долгорочните стратегии, стручњаците се сложуваат дека Русија и Иран имаат различни цели.

„Целта на Москва е да одржува рамнотежа на моќ во регионот за да игра улога на клучниот вонрегионален претседател“, пишува иранологот Никита Смагин во статија за Московскиот центар Карнеги. „Иран за многу работи гледа во спротивна насока, обидувајќи се да стане лидер на Блискиот Исток, зашто Техеран верува дека тоа е единствениот начин да си гарантира себеси безбедност“.

Смагин истакнува дека ваквиот пристап предизвикува незадоволство кај Москва. На Блискиот Исток Русија повеќе би сакала систем на заемна контрола без посебен лидер. Таа одржува добри функционални односи не само со Иран и со Сирија, ами и со Израел, со Турција, а од неодамна и со Саудиска Арабија (сите три земји имаат долга мачна историја во односите со Техеран). Иран, од друга страна, ги поткопува напорите на Русија да му помогне на Ал Асад да направи отстапки на опозицијата и конечно да најде политичко решение за националната криза. Ваквите конфликти на интереси веројатно нема брзо да исчезнат.

3. Нивните економски врски се слаби

„Економијата и понатаму е слаба точка на билатералните односи“, признава Мехди Санаи, ирански амбасадор во Русија од 2013 до 2019 година, во интервју за Комерсант пред напуштањето на функцијата. „Ова делумно може да се објасни со фактот што и Русија и Иран извезуваат енергенси. Во вакви околности не е лесно да се зголеми обемот на извоз“.

Навистина, трговската размена и понатаму, во најдобар случај, е умерена. Во 2018 година достигнала 1.7 милијарди американски долари, помалку од 1% од надворешнотрговскиот промет. Постојат некои амбициозни проекти во инфраструктурата и во трговијата, како што е меѓународен сообраќаен коридор „Север-Југ“, кои обезбедуваат копнен премин од Индискиот океан до Балтичкото Море преку Индија, Иран и Русија, или слободна трговска зона помеѓу Иран и Евроазиската економска унија (на чие чело е Русија), но нивната реализација и понатаму е спорна. Без силна економска база сојузот не може да се смета за одржлив.

4. Историски меѓу нив постојат горчливи искуства

„Во текот на 19 и на 20 век Русија и Советскиот Сојуз повеќепати го имаат доведено во прашање иранскиот суверенитет“, потсетува Никита Смагин. Во 1911 година, за време на Персиската уставна револуција, Руската империја, штитејќи ја својата сфера на интереси, испрати единици во Иран, задушувајќи го демократското движење и пукајќи од топови на Меџлис (парламентот).

Подоцна, во август 1941 година, кога изби Втората светска војна и Советскиот Сојуз и Велика Британија се плашеа дека Иран ќе стане германска марионета, испратија свои единици, земајќи ја земјата под своја контрола. Сталин дури и ја разгледувал можноста да го „сталинизира“ северот на Иран, создавајќи марионетска држава, но меѓународната заедница во 1946 година ги принуди Советите да ја напуштат земјата.

Ваквите искуства не влијаат директно на односите меѓу земјите, но поттикнуваат дел од иранското општество, кое се сомнева во тоа дека на Русија може да ѝ се верува, и понатаму да ги комплицира односите. На пример, веста дека на Русија ѝ е дозволено да ја користи иранската воздухопловна база за напад врз Исламската држава во 2016 година предизвика толкави негодувања во јавноста, што Техеран мораше да ја повлече оваа дозвола.

5. Тие се партнери, а не сојузници

Сето претходно наведено не мора задолжително да значи дека Русија и Иран не можат да соработуваат. Напротив, моменталната состојба на Блискиот Исток прави овие земји да станат мошне важни една за друга, барем политички (како што истакна Мехди Санаи, претседателите Владимир Путин и Хасан Рухани се имаат сретнато 17 пати во текот на последниве шест години, што значи дека сигурно имаат многу теми за разговор). Сепак, тука попрво се работи за тактичко партнерство, одошто за стратешко сојузништво, поради различноста на нивните глобални цели.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња