Како се откажа од власта првиот претседател на Русија Борис Елцин

Дмитриј Донској/Sputnik
Пред 20 години, на 31 декември 1999 година, точно на полноќ граѓаните на Русија го видоа видеообраќањето на првиот претседател на Русија Борис Елцин во кое тој обелодени дека се повлекува од функцијата и официјално ја замоли нацијата за прошка. Еве што се случуваше тој ден и зошто многумина сè уште го памтат овој настан.

„Донесов одлука. За неа размислував долго и со мака. Денес, на последниот ден од ова столетие, поднесувам оставка. [...] Сфатив дека е неопходно да го сторам тоа. Русија треба да влез во новиот милениум со нови политичари, со нови лица“, вака на 31 декември 1999 година првиот претседател на Русија Борис Елцин се повлече од функцијата.

Тој својата одлука ѝ ја соопшти на јавноста во традиционалната новогодишна честитка, која некаде беше прикажана напладне, а беше репризирана пет минути пред полноќ, а некаде на полноќ додека граѓаните на Русија седеа пред телевизорите со полни трпези и шампањско во рацете и се подготвуваа да го дочекаат новиот милениум, а не оставка од шефот на државата.

„Тоа беше чудно чувство. Настана мол. Сите и понатаму седеа на масата, чекајќи на кремаљскиот саат да се покаже полноќ. Ги гледав родителите, во очите имаа солзи. Никој во нашето семејство не го сакаше Елцин, но тоа беше нешто моќно“, се сеќава жителот на Калининград Егор Степањук. Тој тогаш имал 14 години. Таа ноќ сè уште ја памети.

Во декември 1999 година претседателот на Русија уживаше минимална поддршка од страна на жителите – само 4%. Но, неговиот последен говор влезе во историјата. Тој беше првиот шеф на државата кој ја замоли нацијата да му прост.

„Новинарите беа затворени во Кремљ, не можеа да излезат од просториите“

Борис Елцин поднесува оставка во очи на новата 2000 година

Новогодишното обраќање на Елцин беше снимено двапати. Првиот пат Елцин го направи тоа неколку дена пред 31 декември, и тоа беше обична честитка – во неа немаше ниту збор за повлекување. „Ненадејно, на самиот крај на оваа новогодишна честитка тој кажа: 'Не ми се допаѓа како е снимено ова. Ќе снимиме на 31 декември'. Телевизиската екипа се стаписа, зашто тоа значеше дека сè ќе се прави во последен момент, но Борис Николаевич не ја промени одлуката“, раскажува Валентин Јумашев, советник на Елцин и автор на првата честитка.

Во седум часот наутро на 31 декември Елцин дојде во Кремљ на снимањето. Само неколкумина знаеја што се подготвува да каже. Во содржината на претстојното обраќање на Елцин беа упатени неговиот советник, шефот на кабинетот, ќерката Татјана, идниот наследник Владимир Путин и сопругата Наина. Нејзе тој своите намери ѝ ги откри пред самото поаѓање.

„Борис лошо спиеше ноќта на 31 декември 1999 година. Стана во шест часот, порано од обично. Појадувавме, а потоа се подготви за на работа. Додека го облекуваше капутот ми рече: 'Наја, одлучив, ќе дадам оставка'. Јас го гушнав и го бакнав, од радост ми потекоа солзи“, пишуваше подоцна во своите мемоари објавени под насловот „Наина Елцина. Личниот живот“.

Реконструисани лични кабинет првог председника Русије Бориса Јељцина у коме је он снимио новогодишње обраћање грађанима 31. децембра 1999. године. Део експозиције Предесдничког центра „Борис Јељцин“ у Јекатеринбургу.

Претседателот го сними своето последно обраќање во својот кабинет. На снимката добро се слуша како чука кремљовскиот саат додека тој ја изговара последната фраза. „Тогаш некој почна да аплаудира, па потоа повеќе од нив“, се сеќаваше подоцна Елцин. „Го кренав погледот и гледам дека целата телевизиска екипа стои и ме поздравува. Бев збунет“.

За волја на вистината, Јумашев вели дека потоа целата телевизиска екипа била затворена во соба без телефон, а мобилните им биле одземени за веста за повлекувањето да не се прошири пред време. Ги пуштиле дури напладне, кога целата земја веќе ја дознала веста.

Касетата во телевизија ја однел лично Валентин Јумашев во блиндирана лимузина, во придружба на сообраќајната полиција.

Првите часови по оставката

Борис Елцин и Владимир Путин по официјалната церемонија на примопредавање на власта во 1999 година.

По снимањето Елцин се состана со патријархот Алексиј. Потоа беше организирано примопредавање на „нуклеарното куферче“ и на крајот проштален ручек со претставниците на вооружените структури. Во таа пригода беше одгледано снименото обраќање во кое Елцин официјално го претстави Путин како привремен вршител на должноста претседател. На Путин за подарок му го даде наливното пенкало со кое ги потпишуваше указите (па, и својата оставка). На крајот кусо му рече: „Чувајте ја Русија“, по што конечно беше слободен.

„Борис се врати дома рано, пред да се стемни. Повеќе никогаш не стапна во својот кабинет во Кремљ“, раскажуваше подоцна Наина.

Кога стасал дома Елцин рекол: „Во колата ми се јави Бил Клинтон [тогашен претседател на САД – заб. ред.]. Не сакав да разговарам со него, му ветив дека ќе му се јавам подоцна. Можам да си го дозволам тоа себеси, повеќе не сум претседател“.

Крај на една епоха

Имаше и такви кои веста за повлекувањето не ги изненади многу. Против Елцин трипати беше започнувана процедура за отповикување, и тоа последниот пат неколку минути пред новогодишната оставка.

Јавни протести кои радикалната и умерената левица ги организираа пред Државната дума, барајќи отповикување на претседателот на Русија Борис Николаевич Елцин.

Ирина Хакамада, на пример, очекувала такво нешто. Таа во декември 1999 година повторно доби пратенички мандат во собранието, а подоцна стана претседател на парламентот. „Сепак бев политичар. Определени информации протекоа и доаѓаа до мене, така што сфатив што се случува“, раскажуваше подоцна. Но, сепак, сите беа длабоко потресени од говорот на Елцин кој беше „трагичен, изговорен во гроги состојба“, како што се изрази Хакамада. Таа Новата година ја дочекала со пријатели во зимско одморалиште на планина. Реакцијата била бурна: „Ги потресе текстот, особено зборовите 'Сакам да побарам прошка од вас'. Сите се расплакаа. Всушност, не се расплакаа, ами се натажија. Елцин на многумина не им се допаѓаше, но сите сфатија дека со него заминува една цел епоха. И имаа право“.

Борис Николаевич Елцин во Барвиха 24.11.2006, Русија.

„Сакам да побарам прошка од вас“, рече Елцин таа вечер. „За тоа што многу наши сништа не се остварија. Она што се чинеше дека е едноставно, се покажа како крајно мачно и тешко. Ве молам да ми простите што не оправдав некои надежи на луѓето кои веруваа дека можеме со еден замав да скокнеме од сивото, воспоставено, тоталитарно минато, во богата цивилизирана иднина. Јас и самиот верував во тоа. Се чинеше дека со еден замав ќе надмине сè. Не успеавме со еден замав“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња