Индијанците го почитуваа како божество: Како белиот руски генерал се бореше за Парагвај

Legion Media, Public domain
Генералот Иван Бељаев (1875-1957) во текот на болшевичката револуција има изгубено сè што поседувал во татковината и затоа се преселил во Латинска Америка кадешто ги остварил своите соништа од младоста и станал Хуан Бељаеф, народен херој на Парагвај.

Замислете вашата земја да се зафатена од страотна граѓанска војна, а страната на која сте се бореле да изгубела. На власт се комунистите кои ви ги имаат отепано пријателите. Вие сега во неа немате ништо и сте принудени да ја напуштите. Што би направиле?

Ова е прашање на кое офицерите и војниците на антиболшевичката Бела армија морале да одговорат во текот на дваесеттите години од минатиот век, по поразот во руската Граѓанска војна 1918-1922. Некои се скрасиле во Европа или во САД и станале успешни буржуи. Други, помалку успешни, морале да работат како чувари или како таксисти, а некои се оддавале на алкохол или го завршувале својот живот со самоубиство. 

Судбината на генералот Иван Томофеевич Бељаев (попознат како Хуан Бељаеф), јунак од Првата светска војна и руски царски офицер од стар ков, била многу повпечатлива и поинтересна од судбините на сите останати руски емигранти. Тој се преселил во Парагвај и се обидел таму да направи „втор дом“ за руските емигранти. Воедно и ги проучувал јужноамериканските Индијанци и станал нивен јунак. Како се случило тоа? 

Истражувач и артилерец

„Мојата судбина ја определи еден обилен настан“, пишува Бељаев во својата автобиографија „Записи на рускиот прогонет“. „Како дете се шетав со тетка ми низ Петербург и во една книжарница забележав книга на која беше нацртан Индијанец со наслов 'Последниот Мохиканец' [Џејмс Фенимор Купер]“.

Откако го прочитал овој авантуристички роман, а потоа и многу други мошне посериозни текстови кои се однесуваат на обичаите и на цивилизацијата на Индијанците, малиот Бељаев се заљубил во оваа тема и до крајот на животот се интересирал за Индијанците. „Секоја ноќ се молев за моите Индијанци“, се сеќава тој на своето детство. Неколку децении подоцна руската национална трагедија го принудила Бељаев навистина да се сретне со Индијанци. 

Пред него во младоста била јасно дефинирана кариера. Роден во семејство во кое сите мажи биле офицери, и тој станал артилерец и верно ѝ служел на Русија. 

Седум години војување

На почетокот на Првата светска војна во 1914 година Иван Бељаев имал чин на полковник. Кога ја чул веста дека Русија им објавила војна на Австро-унгарија и на Германија реагирал едноставно: „Да живее Русија, смрт на непријателот!“ и заминал на фронт. 

„Артилеријата е мајка на детето кое се разболело“, често велел тој. „Ние мораме да бидеме внимателни кон нашата пешадија и да водиме сметка за неа, да го чувствуваме нејзиниот пулс и секогаш да бидеме подготвени да ѝ помогнеме“. Омилен меѓу своите војници, Бељаев бил класичен руски офицер на своето време, конзервативен и храбар. 

Во војната полковникот преживеал многу опасности, а еднаш останал жив само поради среќни околности. Куршум го погодил во градите, но не стасал до ‘рбетот, ниту ги ранил цревата. Ранетиот Бељаев бил испратен во болница во близина на Петроград каде се запознал со царицата Александра Фјодоровна и каде е унапреден во генерал. Откако закрепнал повторно се вратил на првата линија на фронтот. 

Во своите мемоари тој признава дека во 1917 година Русија, и покрај храброста и напорите на нејзината армија, била премногу исцрпена од војната и ги изгубила сите најдобри синови. „Последните кои вредеа нешто потонаа во море од крв, последниот порив за борба беше целосно изгорен“, пишува Бељаев. Хаосот на револуцијата ги свртел Русите едни против други. Генералот најпрво одбивал да војува против Русите, но на крајот надвладеале неговите монархистички ставови. 

Пораз и прогонство 

Белата армија ја изгубила војната. Во текот на дваесеттите години од минатиот век Бељаев, како и многу други офицери и војници, отпловил далеку од бреговите на Русија. Заедно со семејството заминал во Европа, но не останал таму. Одлучил да го побара својот втор дом во Латинска Америка. 

Руските емигранти во Париз во дваесеттите години од минатиот век можеле да видат необични весници „Парагвај“, што во Франција Бељаев ги издавал на руски јазик. Во секој број на прво место било напишано: „Европа не ги оправда надежите на Русите. Парагвај е земја во која може да се изгради иднина“. Генералот ги повикал своите сонародници да се преселат во Парагвај и да помогнат таму да се направи нешто слично на мала Русија. Тој во Парагвај се преселил трајно веќе во 1924 година. 

„Белиот татко“

Зошто токму во Парагвај? Дури и според стандардите на Латинска Америка оваа сиромашна и слабо населена земја не можела да биде популарна дестинација. Токму поради тоа нејзините власти биле особено гостопримливи кон емигрантите. По поразот во Парагвајската војна 1864-1870 против Аргентина, Бразил и Уругвај, Парагвај останал слаба земја без воена сила, така што според сфаќањата на властите повикување на определени руски офицери би било добро решение. 

Хуан Бељаеф, како што го нарекувале Парагвајците“ заедно со уште 12 офицери на Белата армија стапил во Парагвајската воена служба во 1924 година и се приклучил на Генералниот штаб. Неговите интереси, меѓутоа, не биле поврзани само со војската. Имено, тој во Парагвај започнал да се занимава со наука. 

Бељаеф ја предводел 13 експедиција во Гран Чако, голема низина во Западен Парагвај, каде живее автохтониот народ Мака. „Тие зборуваа на своите јазици и речиси не комуницираа со другите Парагвајци“, истакнува историчарот Борис Мартинов, автор на книгата „Руски Парагвај“. Бељаев уште како дете бил фасциниран од Индијанците и веднаш со нив воспоставил тесни врски, помагајќи им околу храна и облека, проучувајќи ја нивната древна култура, отворајќи училишта, па дури и театри. 

Звучи парадоксално, но рускиот офицер навистина станал мост кои го спојувал народот Мака со нивните вестернизирани сонародници. Индијанците го обожавале Бељаев и го нарекувале „Белиот Татко“. 

Нова војна

Рускиот генерал уживал во контактите со народот Мака, но имал и многу поважни планови. „Би сакал да најдам место каде би можело да се зачува за подобри денови сето она што е свето и што е создадено во вечната Света Русија, како што тоа бил Ноевиот ковчег во времето на Потопот“, пишува тој. Со негова помош во Парагвај се основани неколку руски населби, но руските емигранти сепак не се „затрчаа“ во оваа земја. Нејзиниот внатрешен конфликт ги поткопуваа идеите за своевидна „нова Русија“ во Латинска Америка. 

Иако разочаран, Бељаев го доживувал Парагвај како свој втор дом, и заедно со многумина други руски офицери го поддржувал во војната за Чако 1932-1935 година кога соседна Боливија го нападнала Парагвај. Ранет и заразен со маларија, Бељаев многупати можел да почине, но преживеал, а неговата страна, иако била побројна, победила благодарение на народот Мака и на неговата лојалност кон Бељаев. 

Никогаш не се вратил во Русија – до крајот на својот долг живот останал во Парагвај. По смртта припадниците на народот Мака го пренеле неговото тело на своја територија и го чувале во мавзолеј, поклонувајќи се на духот на „Белиот Татко“ како на божество. Неговиот другар, исто така офицер во Парагвај, на својот пријател за Бељаев му рекол: „Ние можеби и ќе бидеме заборавени по смртта, но тој нема да биде заборавен“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња