Дали германските саботери го потопиле најдобриот руски брод во Првата светска војна?

Антон Романов
Кога џиновскиот дреднот на државата која е во војна е кренат во воздух, се појавуваат многу прашања.

На втори октомври 1916 година жителите на Севастопољ беа разбудени од силен грмеж на пристаништето. Адмиралскиот брод на руската Црноморска флота „Имераторката Марија“ беше во пламен.

„Потврдувам дека екипажот на бродот направи сè за да го спаси“, пишува адмиралот Александар Колчак, главен командант на руската флота на Црното море. Стотина морнари истрчале за да го изгаснат пожарот, но не можеле да го спасат. Огнот дошол до магацинот со барут, по што следувале 25 експлозии. Од 1.220 членови на екипажот загинале 320. Она што останало од „Императорката Марија“, лежи на дното на морето. 

Во 1916 година Руската империја веруваше со Турција за Црното море и тоа беше сериозен удар за воената морнарица. Зошто овој брод беше толку важен и што ја предизвикало експлозијата? 

Дреднот – доминантен брод од своето време 

„Императорката Марија“ 

Воениот брод запливал во морето во 1913 година и е наречен во чест на мајката на Николај Втори. Тој бил еден од најдобрите бродови во руската флота. Дреднотот бил најмодерен и најопасен брод во тоа време. Првите вакви бродови ги имаат направено Британците, а Русите почнале да ги градат по тешкиот пораз во морските битки во Руско-јапонската војна 1904-1905. Дреднотите биле вооружени само со тешка артилерија. „Императорката Марија“ имаше 12 топови со калибар од 305 милиметри и дваесет топови со калибар од 130 милиметри. 

Руската морнарица со дреднотите имаше голема предност во Првата светска војна, а во Црното море поседуваше три вакви брода. 

Истрагата 

Александар Колчак, 1916.

Да се изгуби во своето пристаниште најдобриот брод и 320 морнари без ниту еден испукан куршум било болно и понижувачко. Истрагата имала три хипотези: 1) барутот спонтано се запалил, 2) барутот се запалил како резултат на човечка грешка, 3) намерно е подметнат пожар. 

Истрагата секако ја отежнувало тоа што бродот се наоѓал на дното на морето и заклучокот на комисијата бил дека е невозможно да се утврди вистинската причина за експлозијата на бродот. 

Колчак подоцна рапортирал: „Не верувам дека станува збор за саботажа. Во време на војна вакви несреќи се имаат случувано повеќе пати и во други држави: Италија, Германија, Англија...“ 

Германска шпионска мрежа во Севастопољ? 

Оваа верзија за саботажата се појави ненадејно и речиси 20 години подоцна, откако адмиралот Колчаков веќе го беа стрелале болшевиците, а Сталин управуваше со земјата. Во 1933 година Виктор Верман, Германец по потекло, беше уапсен во украинското место Николаев, како шпион на Германската империја во текот на Првата светска војна, а особен интерес за него претставувале воените бродови како што се дреднотите. Така барем пишуваше во весникот „Независимое военное обозрение“ од 1999 година, повикувајќи се на архивски документи од Федералната служба за безбедност на РФ. 

„Од 1908 година лично учествува во шпионските задачи во овие градови: ...Севастопољ, каде главен за разузнавачката работа беше инженерот Визер“, сведочел Верман. „Визер имаше своја мрежа на агенти во Севастопољ“. 

Во 1916 година Верман беше депортиран во Германија и мали се изгледите дека можел да учествува во оваа саботажа. Но, можел да тренира и да организира други агенти да подметнат пожар на бродот. Сепак, цврсти докази за тоа не постојат. 

Многумина се обидуваа да го истражат овој случај, но дојде 1917 година. Во хаосот на војната и на револуцијата која следуваше по неа, за потонувањето на „Императорката Марија“ брзо се заборави.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња