Зошто СССР ја славеше Октомвриската револуција додека нацистите стоеја пред вратите на Москва?

Од слободни извори
Илјадници советски војници на 7 ноември 1941 година учествуваа на воената парада во Москва по повод годишнината на Октомвриската револуција. Од Црвениот плоштад тогаш заминаа директно на бојното поле за да ги запрат нацистите кои веќе беа на прагот на Кремљ.

Тоа беше веројатно една од најнеобичните воени паради што Москва некогаш ги беше видела. На 7 ноември 1941 година војниците маршираа на Црвениот плоштад во чест на 24-годишнината од Октомвриската револуција, а веднаш потоа преминаа на борбените линии за да им се спротивстават на нацистите кои се наоѓаа на само 30 километри од градот.

Годишната парада во чест на револуцијата беше мошне важен настан во СССР. Кон средината на октомври, меѓутоа, малкумина веруваа дека и таа година ќе биде одржана. Градот се наоѓаше на прагот од катастрофа. Германските единици ја пробија советската одбрана и се појавија во предградието. Во тек беше евакуација на индустриските и на административните ресурси, а она што не можеше да се премести, беше минирано.

Сообраќајот беше парализиран. Граѓаните во паника ја напуштаа Москва, носејќи сè што можеа да земат. За да се запре хаосот, на 20 октомври советската власт прогласи опсадна состојба. Воведен беше полициски час и градот под контрола го зедоа силите на полицијата (НКВД), што помалку-повеќе ја стабилизираше ситуацијата.

Но, строгите мери не беа доволни. На московјаните им беше потребно нешто да им го подигне моралот. Тогаш советското раководство реши да одржи парада посветена на Револуцијата за да ѝ покаже на Москва, на СССР и на целиот свет дека Советите сè уште можат и сакаат да се борат.

Првата задача беше Црвениот плоштад да се обезбеди од воздушните напади на Луфтвафе на денот на парадата. На 5 ноември советското воздухопловство започна со превентивни напади на германските аеродроми. 550 ловци беа пренасочени од другите фронтови, а противвоздушните сили беа доведени до највисоко ниво на подготвеност. Благодарение на овие мери и на силната виулица, на 7 ноември ниту еден непријателски авион не стаса до центарот на Москва.

Советското раководство се одлучи на некои неочекувани потези: од ѕвездите на Кремљ (кои привремено повторно беа вклучени) и од Мавзолејот на Ленин беше отстранета камуфлажата. На трибината стоеја советските водачи кои останаа во престолнината. Меѓу нив беше и Сталин кој одржа свечен говор.

(одлево надесно) Вјачеслав Молотов, Семјон Буџони, Лаврентиј Берија, Јосиф Сталин, Георгиј Маленков, Анастас Микојан

Истовремено поголем дел од советското раководство заедно со странските дипломати присуствуваа на слична парада во Кујбишев (денешна Самара), град на Волга на 1.000 километри од Москва, недалеку од Казахстан. Овој град беше избран како привремена советска престолнина во случај Москва да падне во непријателските раце.

Маршалот на СССР Клим Ворошилов

На московската Парада учествуваа 28.500 војници. Поголемиот дел од нов беа кадети на воените школи и припадници на стрелечките, коњичките и артилериските единици на Московскиот воен округ и на резервата на Врховната команда. Заедно со војниците на парадата учествуваа 140 единици артилериско оружје, 160 тенкови и 232 возила. Поради снежната бура настапот на авијацијата беше откажан.

Обично беа потребни 2-3 месеци за трупите да се подготват за парада на Црвениот плоштад. Но, во 1941 година на располагање имаа само неколку дена. По парадата војниците беа испратени директно на борбените линии за да се соочат со реални опасности.

Од парадата известуваа советски и странски новинари кои сè уште се наоѓаа во Москва. Ветеранот Сергеј Колодин се сеќава: „Ја слушавме парадата дома во Калинин (денешен Твер). Таа навистина исклучително ги мотивираше младите луѓе. Имав 17 години и заминав на фронт“.

По 1941 година во Москва не се одржуваа паради сè дури војната не беше завршена. Следниот пат војниците маршираа на Црвениот плоштад на 24 јуни 1945 година за да ја прослават Победата над нацистите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња