Првите месеци од операцијата „Барбароса“ се речиси исклучиво поврзани со порази на Црвената армија. Недоволно развиените и мобилизирани единици во моментот на напад на 22 јуни на западните граници биле главната причина за молскавичниот продор на Германците. Советската команда се обидувала со удари на механизираниот корпус да ја запре германската офанзива, а некаде и да ја поврати иницијативата. Еден од тие удари е Лепељската контраофанзива која завршува со тежок пораз за Црвената армија.
По уништувањето на основните сили на Западниот фронт во котлите под Бејласток и Минск германските сили продолжиле со напредување кон бреговите на реките Западна Двина и Днепар. На четврти јули како авангарда одела 7 панцер-дивизија која го зазела Лепељ и продолжила да се пробива на исток. Со неа офанзива извршиле и 17 и 12 тенковска единица. Треба да се каже дека поради загубите во првите две недели од операцијата дивизиите не биле во целосен состав. Падот на Витебск требало на Германците да им овозможи понатамошен пробив кон Смоленск и Москва. На театарот на борбените дејствија советската команда ги префрлила 5 и 7 механизиран корпус од Московскиот воен округ со цел запирање на германската офанзива во реонот на Витебск. Во својот состав имале околу 1.400 тенкови со додадени неколку десетина нови Т-34 и КВ-1. Основата на тенковите била составена од лесни тенкови Т-26, БТ-7. Првиот план предвидувал корпусите да се воведат како подвижна одбрана, на местата каде би се пробивале германските клинови. Но, маршалот Тимошенко сметал дека постојните сили можат со контраофанзива да ги одбијат Германците и до 100 километри на запад. Тоа се покажало како мошне голема грешка.
Вечерта на 5 јули издал директива за задачите за офанзивните сили на два корпуса. Според неговата замисла 5 и 7 корпус требале да досегнат длабочина на пробив од 130 до 140 километри во насока на Островно и Сено (Сјано). Лепељ требал да биде крајната точка. Почетокот на нападот бил утрото на 6 јули.
На советската контраофанзива Германците ѝ се спротивставиле од 400 до 600 тенкови на три панцер-дивизии. Сепак не е сè во бројките, германските сили имале доста помоќна воздушна поддршка, а треба да се зема предвид дека поголемиот број германски тенкови користеле радиоврска, што не бил случај со советските тенкови во првата фаза на војната. Исто така треба да се нагласи дека последните години воената историографија увидела значајна улога на германските тегначи на противтенковско оружје кои ја следеле офанзивата на оклопните единици и развивале средства за противоклопна одбрана на положбите на панцер-дивизиите.
Советската 14 тенковска дивизија ја започнала офанзивата на 6 јули во насока на реката Черногостнива. Цел шести јули дивизијата не постигнала никакви успеси, а претрпела сериозни загуби. Пред сè генералот Курочкин известувал дека координацијата на единиците е лоша и дека Германците речиси без никакви пречки од советската авијација ги бомбардираат офанзивните тенкови на Црвената армија што доведува до големи загуби. Офанзивата траела цел 7 јули. Од 126 тенкови колку што учествувале во нападот 50% биле изгубени, а во борбата загинале 200 луѓе. Дивизијата добила нова задача за следниот ден, но тогаш веќе ја изгубила борбената способност.
Осумнаесеттата тенковска дивизија напаѓала во насока на Сено. Оваа дивизија остварила привремен успех, исфрлајќи делови од 17 панцер-дивизија чии предни делови го зазеле Сено. Следниот ден, на 7 јули, дошло до жестока борба која се карактеризирала со контраофанзиви од едната и од другата страна. Но 18 тенковска дивизија на Црвената армија се повлекла зашто не добила поддршка од другите единици.
Петтиот механизиран корпус имал почетен успех на 6 јули, правејќи продор од 13 до 15 километри. Ги нападнал растегнатите делови на германската 17 панцер-дивизија која се пробивала кон Сено, а предниот одред зајакнат со 17 мотострелечки полк се пробил во реонот Цотов и Толинов. Со тоа успеал да расече делови на германската дивизија. Меѓутоа по напуштањето на Сено од страна на делови на 7 механизиран корпус, ситуацијата на 5 корпус станала тешка зашто 7 и 17 германска дивизија извршиле контранапад и ги ставиле во опкружување неговите предни делови.
По поразот што го претрпеле оклопно-механизираните корпуси, било решено операцијата да виде запрена и останатите сили да бидат изведени од борбата. Преостанатите тенкови на 5 корпус биле одведени кај Орша каде по наредба на генералот П.А. Курочкин, командант на 20 армија, биле употребени за пешадиските позиции. Остатоците од 17 тенковска дивизија се пробиле од опсадата дури на 20 јули.
За време на Лепељскиот контранапад Црвената армија изгубила 832 тенка од околу 1.400. Германските загуби не се точно утврдени, но приближно може да се каже дека имаат изгубено неколку десетина тенкови, додека пешадиските загубил биле прилично големи. Ова го потврдува и дневникот на генерал Халдер кој ја сумирал битката: „На северното крило на 2 тенковска група противникот изведе низа силни контранапади од правец на Орша против 17 панцер-дивизија. Овие противнапади се одбиени. Наште загуби во тенкови не се големи, додека пешадиските загуби се прилично големи...“
Како резултат на битката 20 панцер-дивизија на третата тенковска група на Х. Гот се пробила во Витебск на 9 јули, а тешките загуби на тенковските сили на Црвената армија им овозможиле на Германците полесно да дојдат до Смоленск каде се одиграла нова и многу поголема битка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче