Михаил Наумов е роден во 1908 година во Пермскиот крај во селанско семејство. Животниот пат на овој иден херој на СССР минал како приказна за идеалните херои од советската епоха. Од осумнаесет години работел на одржување на системите во рудникот во градот Кизел. Од 1928 година стапува во Комунистичката партија каде се покажал како способен партиски организатор. Каде и да го испрателе ги извршувал поставените задачи за време на организацијата на работата и на колективизацијата. Неговата работа не била доведена во прашање дури ни за време на најголемите чистки и прогони. Неговата кариера била во константно искачување.
Воената кариера ја започнал во 1930 година во органите на ОГПУ (претходник на НКВД) во 23 полк во градот Шостка (североисточна Украина) каде бил помлад командир. Помеѓу 1923 и 1933 година минал обука во хемиските единици на силите на ОГПУ во градот Гомељ. Врвот на школувањето пред Големата татковинска војна го постигнал помеѓу 1935 и 1037 година како питомец на Вишата школа за граничари во Москва. Треба да се каже дека граничните единици на НКВ (зелените капи) се сметале за елитна вооружена сила и тоа целосно го оправдале за време на војната. Од 1939 година преместен е во западните воени окрузи каде го дочекал почетокот на војната. Пред почетокот на војната бил на служба во неколку места, Леско, Лавов, а потоа и во градот Черновци.
Големата татковинска војна ја дочекал на границата со Унгарија, што за Наумов била среќна околност зашто унгарската војска тргнала во напад на 27 јуни, односно 5 дена подоцна, што единиците од овој сектор ги спасило од пеколот во првите часови на војувањето. Со оглед на тоа дека темпото на германската офанзива во граничниот реон било брзо, единицата со која командувал Наумов добила задача од оклопен воз да го штити отстапувањето. Поради неможноста за понатамошен пробив морале да го уништат и оклопниот воз и нафтата за да не паднат во рацете на непријателот. На исток се пробивале пешадинците.
На почетокот на јули Наумов и неговата единица добиле задача да го штитат мостот преку Днестар кај местото Галич. Кога станало јасно дека Германците сепак ќе го заземат мостот, добиле задача да го кренат во воздух. Наумов самиот ја активирал експлозивната направа и го уништил мостот. Потоа од ремените собрани од сите војници направил верига преку реката и ги пренел своите војници на другата страна. По преминувањето извикал „кој сака да живее, напред!“. Со понатамошното отстапување дошол до единиците на Црвената армија. Но, несреќата продолжила, единиците на Црвената армија паднале во обрач и самиот Наумов е заробен, но успеал да избега. Неговиот воен пат по сплет на околности продолжил исклучиво во германската заднина.
Откако се пробил на североистокот од Украина, нашол шумски партизански одред на чие чело се поставил како искусен офицер. Веднаш започнал офанзиви врз германските магацини и напади на полициските пунктови во заднина. Во неколку акции запалиле огромни складишта со керозин. Омилена тактика на Наумов била со долги маршеви од по неколку десетина километри ноќе да дојде до точката што ја напаѓа. Така непријателот во поголемиот број случаи бил изненаден, а и партизаните остварувале надмоќ во бројност во однос на целта што ја напаѓале. До мај 1942 година за само неколку месеци дејствување, одредот „Црвени“ станал трн во окото на Германците, па против него активно почнале да применуваат авијација.
Во текот на летната кампања против партизаните, одредот на Наумов претрпел големи загуби, се појавувале случаи на дезертерство, но тој повторно успеал да собере единици од 800 луѓе вооружени со минофрлачи и дури и со топови и продолжувал непрекинати напади на германската позадина. Во полза на Наумов му одела и победата на Црвената армија кај Сталинград, по што луѓето сè повеќе оделе во партизани, чувствувајќи ја преломната ситуација. Од шумите во Брјанската област Наумов тргнал во „поход во степата“, напаѓајќи ги германските композиции и мостови, уривајќи ги комуникациите. Од февруари до април 1943 година партизанскиот одред станал и коњички поради големиот број запленети коњи од унгарската војска, па премина 2.379 километри за 65 дена низ Курската, Сумската, Полтавската, Одеската, Виницката, Житомирската и Киевската област, завршувајќи во Пинската област во Белорусија. За една ноќ преминувале од 50 до 80 километри, избегнувајќи ги на тој начин дејствијата на германската авијација. Успехот на „степскиот поход“ бил исклучителен, Наумовците урнале десетици мостови и исто толку композиции вагони. За овој подвиг Наумов е унапреден во чин генерал-мајор и награден е со ѕвезда херој на Советскиот Сојуз. По овој подвиг здравствената состојба сериозно му се влошила, па затоа со авион е пренесен во Москва каде го лекувале и каде му била врачена ѕвездата за херој. Неговиот партизански одред за време на неговото отсуство се растурил и претрпел тешки загуби во борбите со Германците, губејќи 2/3 од својот состав. По неговото враќање повторно е пополнет бројот и Наумов тргна по својот пат во нови напади на непријателската заднина. Овој пат тргна во пресрет на Црвената армија за да ѝ помогне во ослободувањето на Киев, поставувајќи го својот одред од 1.200 луѓе во триаголниот Киев-Корострен-Житомир каде претходно немало партизани. За време на овие борби на страната на Наумовците преминале над 200 легионери Ерменци кои претходно им служеле на Германците.
Михаил Наумов
wikipedia.orgСледниот трети голем поход на Наумовците бил западно од офанзивните сили на Црвената армија. Од јануари до март 1944 година, извеле поход во четири области на западна Украина, па дошле дури и до територијата на Лублинското војводство на Полска, минувајќи 1045 километри. Притоа извеле 72 диверзантски напади. Во овој момент одредот броел 2.000 луѓе. Најголемо искушение единиците имале на самиот крај на патот кога Германците покренале голем противнапад со цел да ја уништат. Во операцијата учествувале и 38 германски бомбардери, а борбите траеле повеќе од триесет часа непрекинато. Одредот успеал да се пробие кон силите на Црвената армија, но поголемиот дел од преживеаните се вратиле ранети. За овие подвизи на 30 март 1944 година наградена е целата единица.
По последниот партизански поход, Михаил Наумов завршил виши академски курсеви на воената академија Ворошилов во Москва. Станал заменик на 26 гардиска пешадиска дивизија на 11 армија во градот Тилзит во Источна Германија (денес Калининградска област). Наумов Михаил Иванович остана запаметен како најуспешен партизански командант за време на Големата татковинска војна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче