90 години од раѓањето на легендарниот Лев Јашин, најголемата руска фудбалска ѕвезда

Лев Јашин (1929 - 1990)

Лев Јашин (1929 - 1990)

Виктор Шандрин/TASS
На 22 октомври 1929 година роден е Лев Јашин, еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалот. Да се потсетиме на руската фудбалска историја преку седум факти за легендарниот „црн пајак“.

1. Единствен голман кој ја заслужи Златната топка

Во фудбалот обично главни ѕвезди се голгетерите, но Јашин ги промени нештата. Во 1963 година му беше доделена Златна топка, најпрестижната индивидуална награда во овој спорт, и до денешен ден е единствен голман кој ја има заслужено. Стручњаците и FIFA и IFFHS (Институт за фудбалска историја и статистика) го прогласија Јашин за најдобар голман на 20 век.

2. Јунак од работничка класа

Јашин морал да работи многу уште од детство. Имал 11 години кога започнала Втората светска војна и работел на растоварање вагони во Уљјановск, а потоа станал машинобравар како и неговиот татко.

Дури и кога се прочул во светот како играч на репрезентацијата на СССР, Јашин се претставувал како обичен работник. „Морам да ја допрам топката пред натпреварот, исто како што дрводелецот го допира дрвото пред да го работи. Тоа е навика на работничката класа“, изјавил тој во едно интервју.

Како и многумина советски спортисти не заработувал онолку колку што заработувале фудбалерите во Европа. Новинарот Евгениј Рубин раскажува дека Јашин бил шокиран кога ѕвездата на Реал Мадрид унгарскиот фудбалер Ференц Пушкаш го отворил паричникот за да плати сметка во ресторан. „Никогаш немам видено толку пари во рацете на еден човек!“, рекол Јашин.

3. Целосно предан на својот клуб

Сепак Јашин никогаш не им завидувал на фудбалерите кои играат за богатите западни клубови, велејќи: „Не можев да замислам да не живеам во Русија“. Беше лојален на својот клуб Динамо Москва, и целата кариера ја мина во него – 20 години (1950-1970).

На Јашин му беше потребно време за да се докаже и да премине од јуниори во сениори. Стана прв голман на Динамо во 1953, има освоено 5 првенства и 3 купа на СССР.

„Никогаш не бараше да му се зголеми хонорарот, беше скромен. Секогаш се прашуваше: Дали го заслужувам ова?“, се сеќава неговата сопруга Валентина. Скромноста го направи уште попопуларен.

4. Јашин новатор

Јашин беше еден од првите голмани за кои се вели „трети бек“, голман кој е во постојан контакт со топката. Денес тоа е обична глетка на теренот, но во средината на 20 век се зборуваше дека Јашин со своето однесување го претвора фудбалот во циркус. Но, тоа беше иднината на фудбалот.

„Јашин, како и многумина други чија игра била откритие, ги урна постојните правила кои не му дозволуваа да дојде до израз, да за да покаже што сè може да направи“, вели Михаил Јакушин, првиот тренер на Јашин во Динамо. На 160 од 326 натпревари во светскиот шампионат, Јашин нема примено ниту еден гол.

5. Навивачите го обожаваа

Во 1956 година советската фудбалска репрезентација го освои златото на Олимпијадата во Мелбурн, и ги чекаше долго враќање дома: со брод до Владивосток, потоа со воз до Москва. Така навивачите низ цела Русија можеа да ги видат шампионите. Еднаш во вагонот упаднал маж со брада и прашал каде е Јашин, се сеќава лекарот на репрезентацијата Олег Белаковски. „Лев му се приближи, а човекот падна на колена, извади шише вотка, семки од сончоглед и рече: Ова е сè што имам. Земи ги! Голема благодарност од рускиот народ!“

6. Јашин ја диктираше модата

Секогаш се облекуваше во темно од глава до пети, го нарекуваа „црниот пајак“ поради акробатските вештини. Секогаш излегуваше на терен со качкет на глава. „Тоа е моја амајлија, секогаш ќе ја носам“, вели тој.

Уште еден дел од неговиот имиџ беа цигарите. „Јас сум пушач. Знам дека тоа е лош пример. Пушам по половина кутија на ден“, признаваше голманот. Тренерите преминуваа преку тоа зашто пушењето никако не влијаеше на неговата игра. Но тоа сериозно му штетеше на неговото здравје. Поради лошата состојба на крвните садови во 1984 година му беше ампутирана ногата. Шест години подоцна почина.

7. Сеќавањето за Јашин не избледува

За најдобрите голмани на светот, особено за руските, Јашин и понатаму е пример и признаваат дека е тешко да се постигне онолку колку што има постигнато тој. „Би бил среќен да сум барем близу на неговото ниво“, рече првиот голман на актуелната руска репрезентација Игор Акинфеев во ноември 2017 година кога се појави официјалниот постер на СП во фудбал 2018 на кој беше токму Лев Јашин.

„Засекогаш број еден“, вака и денес зборува за Лев Јашин познатиот Пеле, кој има освоено три титули светски шампион.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња