Како „црвениот терорист“ на Ленин стана смртен непријател на Винстон Черчил

Getty Images, Pixabay, Archive photo
Винстон Черчил како британски министер за внатрешни работи во текот на втората деценија од минатиот век по улиците на Лондон бркал латвиски криминалци. Тогаш не можел ни да претпостави дека еден од нив ќе дотурка до државниот врв на Советска Русија.

Од овој човек се плашела цела Русија. Јекабс Петерс е роден во Латвија. Бил еден од најмоќните и највлијателни болшевици кои по Револуцијата од 1917 година ја бранеле советската држава од внатрешните непријатели и организирале масовен Црвен терор во кои се погубени илјадници луѓе.

Петерс бил еден од основачите и раководителите на советската тајна полиција – Серуската вонредна комисија која е позната како „Чека“. Со самото тоа бил и втемелувач на КГБ.

Феликс Ѕержински, претседател на „Чека“ при Советот на народните комесари на Советска Русија, и неговиот заменик Јекабс Петерс (лево).

Но, пред руската револуција од 1917 година да го воздигне Петерс на самиот врв на советскиот политички систем, тој бил обичен имигрант во Велика Британија каде сериозно се замерил со Винстон Черчил.

Заминувањето во Велика Британија

Револуцијата од 1905 година во Русија била своевидна генерална проба за револуцијата од 1917 година. На „пробата“ активно учество зеле многумина идни болшевички лидери. Еден од нив бил и Јекабс Петерс.

Тој е уапсен за ширење левичарска пропаганда и за атентат на директор на една фабрика. Во судискиот процес е ослободен од обвинувањето, но сепак решил да избега од Руската империја.

Петерс во младоста

Јекабс во 1910 година во Велика Британија се приклучил на локалната група латвиски анархисти и радикални левичари кои, наместо да ја продлабочуваат политичката борба, ги пљачкосувале златарниците.

Нивните криминални дејствија биле толку дрски што министерот за внатрешни работи Винстон Черчил лично бил заинтересиран да се пронајдат тие „свирепи суштества“ кои центарот на Лондон го претвориле во „легло на убиства, анархија и револуција“.

Опсадата на Улицата Сиднеј

Опсадата на Улицата Сиднеј. Војници на шкотската гарда отвораат оган на блокирана зграда.

Кога латвиските анархисти во текот на една пљачка убиле тројца полицајци, Петерс и неговите јатаци биле уапсени како главни осомничени. Додека бил во притвор, била организирана таканаречената Опсада на Улицата Сиднеј, што претставувало кулминација на „ловот на Латвиците“.

Полицијата на 3 јануари 1911 година со поддршка на војската вооружена со митралези, па дури и со артилерија, ја опколила зградата на Улицата Сиднеј во источен Лондон каде се забарикадирала група латвиски екстремисти.

И покрај својата висока функција, министерот за внатрешни работи Винстон Черчил дошол лично да раководи со операцијата. Следело пукање во кое биле убиени двајца Латвици.

Винстон Черчил на Улицата Сиднеј, 3 јануари 1911 година

По оваа опсада започнал да се стега „обрачот“ и околу Петерс. Полицијата и Черчил особено обрнале внимание на него зашто излегло дека е еден од двајцата бандити убиени на Улицата Сиднеј бил Фриц Сварс, братучед на Петерс.

Перо Сликарот

Полицијата се сомневала дека Петерс бил свирепиот лидер на латвиските анархисти, таканаречениот Перо Сликарот. Оваа мистериозна личност била позната како терорист во времето на револуцијата од 1905 година во Русија. Истиот човек подоцна стоел зад сите злосторства на латвиските анархисти во британската престолнина.

Винстон Черчил го има споменато во своите „Мисли и авантури“: „Перо Сликарот беше еден од оние диви ѕверови кои во следните години, кога Русија уште беше размрдана по Големата војна, ја уништуваа и ја пустошеа земјата и народот“.

Винстон Черчил, 1911 година

Омразата што британскиот министер за внатрешни работи ја чувствувал кон латвиските анархисти била обострана. Како што истакнува ирскиот историчар Мартин Меккалеј, Петерс до крајот на животот не го поднесувал Винстон Черчил.

На суд, меѓутоа, не било докажано обвинението дека Јекабс бил Перо Сликарот, и дека имал каква било врска со злосторствата. Како што пишува британскиот професор Доналд Рејфилд, Петерс бил ослободен од обвинението благодарение на адвокатот што го ангажирала (латвиската) Социјалдемократска партија, и благодарение на мрзеливоста на Скотланд јард, кој и покрај сведочењата на очевидците дозволил за смртта на полицајците да се обвини убиениот анархист.

Јекабс Петерс

Черчил планирал пресудата да послужи како пример за сите останати, зашто Јекабс Петерс е ослободен од сите обвиненија и покрај негодувањето на британскиот министер за внатрешни работи.

Кога станува збор за Перо Сликарот, неговиот идентитет не е пронајден. Големо прашање е дали таа личност воопшто постоела.

Интимна врска со роднина на Черчил?

Некои истражувачи сметаат дека латвискиот револуционер имал и друга можност да го „полуди“ Винстон Черчил. Новинарката Елена Сјанова претпоставува дека во Петерс се вљубила вајарката Клер Шеридан, млада роднина на Винстон Черчил. Таа присуствувала на судењето во знак на поддршка, а по ослободувањето на Петерс биле во мошне интензивна, но и куса интимна врска.

Клер Шеридан

Сепак, оваа верзија е прилично сомнителна. Се знае дека од 1910 година Клер Фруен (нејзиното моминско презиме) била среќно омажена за Филфред Шеридан. Се смета дека го сакала до крајот на животот.

Секој на своја страна

И Черчил и Петерс во следните години дошле до највисоките функции во државата. Латвискиот левичар, за волја на вистината, наместо да се занимава со политика можел да си избере удобен живот во круговите на британската буржоазија. Имено, тој во 1916 година се оженил со ќерката на еден лондонски банкар. Сопругата Меј Фриман му родила ќерка.

Јекабс Петерс неколку дена откако НКВД го уапсило на 27 ноември 1937 година.

Но, кога следната година Русија потонала во хаосот на револуцијата, Јекабс Петерс го оставил семејството и заминал во Русија каде ја започнал својата видна, но не и „кристално чиста“ кариера.

Петерс двапати во животот имал среќа со правосудството, но го издала „третата среќа“, кога во 1938 година за време на Големите чистки бил уапсен и погубен поради „контрареволуционерно дејствување“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња