Сајанс фикшн тенкови: Со што сакаше Советскиот Сојуз да ги победи Хитлер и САД

„Објект 279“ во Музејот на тенкови „Кубинка“

„Објект 279“ во Музејот на тенкови „Кубинка“

Alf van Beem
Овие футуристички борбени машини беа замислени за целосно да го променат начинот на војување, но поради Втората светска војна не беа пуштени во масовно производство.

Од 1925 до 1960 година советските инженери експериментирале со различни типови тенкови со желба да го направат она што светот никогаш порано го нема видено. Такви, на пример, беа „летачките тенкови“ и тенковите со заштита од експлозија на атомска бомба.

НЛО-тенк

„Објект 279“, Музеј на тенкови „Кубинка“.

Овој „Објект 279“ повеќе личи на неидентификуван летачки објект одошто на вистински тенк. Направен е на почетокот од Студената војна кога Советскиот Сојуз и САД се обидуваа да направат борбени машини кои ќе функционираат и по нуклеарна војна.

Така в 1959 година се појави „Објектот 279“. Сите негови агли се заоблени, така што тенкот има елипсоиден облик. Тоа, меѓу другото, е направено и за да се амортизираат ударните бранови од експлозијата на атомска бомба. (Тоа беше историски период кога обете страни сметаа дека секоја муниција – куршум, мина или бомба – ќе имаат нуклеарно полнење).

Овој тенк имаше четири гасеници, што му овозможи да совладува повисоки и потешки препреки одошто други тенкови направени кон крајот на педесеттите години од минатиот век. Тој лесно можеше да минува низ мочуришта и снег, а исто така и да совладува противтенковски барикади кои беа вообичаени за тоа време. Сепак, „Објектот 279“ имаше и неколку лоши страни кои „натежнаа“.

Пред сѐ овој тенк практично немаше маневарски можности, што значи дека беше лесна мета за гаѓање на бојното поле. И второ, беше многу скап и за производство и за опслужување. Тоа се главните причини поради кои советското раководство реши да се откаже од овој проект.

Денес постои само еден прототип на „Објектот 279“. Тој може да се види во Подмосковје, во Музејот на тенкови „Кубинка“.

Крилат тенк

Макета на тенкот МАС-1

Во 1937 година советските инженери работеа на уште еден амбициозен проект. Тоа беше советскиот летачки тенк БТ-7. Тој имаше сосема поинаков изглед.

Тоа беше комбинација на лесен тенк и млазен мотор. На врвот од „тенкот“ имаше крила кои се склопуваат, а со чија помош машината требаше да совладува препреки во воздухот.

Ова чудо дури имаше и вертикална опашка и кормило за управување во текот на „летот“. На предната страна имаше монтиран пропелер со две елиси. Тој исто така служеше за летање, а за движење по земја машината имаше гасеници.

Беше предвидено со тенкот да управува екипаж од двајца, а од оружје да има на располагање два митралези, еден голем со калибар од 12.7 милиметар и втор со калибар од 7.62 милиметри.

Потенцијално оваа машина требаше да дејствува во длабоката непријателска заднина каде би собирала извидувачки податоци од земја и од воздух.

Инженерите дури и имаа направено дрвена макета на идното метално чудовиште, но воениот врв сметаше дека сето тоа се претерано футуристички идеи и дека не треба на нив да се фрлаат пари.

Тенк-амфибија

Тенк-ховеркрафт

Советските инженери во 1937 година имаа направено и лебдечки тенк-амфибија врз база на ховеркрафт. Тој беше наменет за движење низ шумски мочуришта каде стандардните тенкови тешко можеа да минат.

Конструкцијата е базирана на првиот ховеркрафт на светот кој ја носеше ознаката Л-1, а направен е неколку години претходно.

Според прелиминарните нацрти на тенкот, инженерите планираа на предниот дел да постават два пропелери кои би ги движеле два авионски мотори М-25 со вкупна сила од 1.450 коњски сили.

Со тој мотор оваа метална аждаја тешка 8.5 тони би станала првата машина на светот со тешко вооружување која може да развие брзина од 250 километри на час на висина од 25 сантиметри над земјата и водата. Но, Втората светска војна катастрофално ги измени плановите на Советскиот Сојуз, така што воениот врв реши да се откаже од спорните тенковски проекти и сите инженери да ги насочи кон создавање попрактични борбени машини.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња