ЦИА против СССР: Пет најсериозни операции

Неидентификуван авганистански муџахедин со американски „Стингер“ за време на битката за Џалалабад, Авганистан.

Неидентификуван авганистански муџахедин со американски „Стингер“ за време на битката за Џалалабад, Авганистан.

Getty Images
ЦИА се има спуштено во големите океански длабочини за оттаму да подигне советска подморница, се истовари на напуштена советска арктичка станица и потроши голема сума пари за вооружување на бунтовниците во Авганистан и на националистите во Украина.

1. Операцијата „Аеродинамика“

Група украински бунтовници, 1946

ЦИА над 40 години ефикасно го користеше „украинскиот џокер“ во својата студена антисоветска војна. Веднаш по завршувањето на Втората светска војна Лангли воспостави блиски контакти со Организацијата на украинските националисти (ОУН) и со Украинската востаничка армија (УПА). Тоа беа двете најголеми антикомунистички организации со илјадници членови во западните земји и со илегала во Советска Украина.

Операцијата „Картел“ чија цел беше давање поддршка на украинските националисти на големо беше во тек веќе кон крајот на четириесеттите години од минатиот век. Со текот на годините во повеќе наврати беше менуван називот на оваа операција, а остана позната под називот „Аеродинамика“.

Најпрво ЦИА даде интензивна поддршка на вооружениот отпор во Украина, испраќаjќи свои агенти и инструктори, обезбедуваше финансирање на антисоветски воени единици и собираше податоци за положбите и за организациите на Црвената армија.

Кога во средината на педесеттите години од минатиот век силите на ОУН и на УПА во Украина и во источна Полска беа главно ликвидирани, Американците го сменија политичкиот курс и се концентрираа на идеологијата. Започнаа да објавуваат антикомунистичка литература и списанија, а исто така и да емитуваат илегална радиопрограма и да поддржуваат илегални украински политички движења.

Кога се распадна Советскиот Сојуз во 1990 година, шефовите на американските разузнавачки служби го прекинаа овој проект.

2. Операцијата „Колдфит“

Мајорот Смит дегустира „медицински “ скоч во авионот Б-17, 2 јуни 1962 година

Во мај 1961 година американски набљудувачки авион на Арктикот забележа напуштена советска станица на мраз. Посадата ја имаше напуштено станицата во брзање, стравувајќи дека покривката од мраз наскоро ќе пукне.

ЦИА во тоа виде голема шанса да дојде до определени советски воени тајни. Се претпоставуваше дека во станицата може да има важни информации од советската мрежа за акустично набљудување кои се користат за следење на американските подморници под арктичкиот мраз.

Излезе дека до станицата не може да се стаса со мразокршач или со хеликоптер, па поради тоа два агенти скокнаа со помош на падобран од бомбардер Б-17, а по нив беа исфрлени осум сандаци со соодветна опрема.

За тие три дена Американците на станицата собраа над 80 документи и направија илјадници фотографии на советска опрема. Кога работата беше завршена агентите заедно со вредните податоци беа евакуирани од станицата со авион Б-17 со помош на Фултоновиот систем за спасување „земја-воздух“, познат како Скајхук.

3. Проектот „Азоријан“

Бродот „Хјуџис гломар експлорер“ вкотвен во пристаништето Лонг Бич, Калифорнија. Овој брод во 1974 година се обиде да ја подигне советската подморница која потона во Тихиот океан во 1968 година.

Во март 1971 година подморницата К-129 на воената морнарица на СССР од непознати причини потона во Тихиот океан, на 1.600 километри од Хаваите. СССР, како што често се случуваше, се обиде да ја заташка трагедијата и официјално не соопшти дека подморницата исчезнала. Така ова пловило фактички стана „ничие“, што значи дека во принцип на него можеше да претендира која било земја. Американците, секако, не можеа да пропуштат ваква шанса.

Операцијата за вадење на подморницата ја замаскираа така да изгледа како вадење руда, и специјално за оваа намена го направија истражувачкиот брод „Хјуџис гломар експлорер“. Тој однадвор изгледаше како брод за дупчење, но е проектиран така што може да ја подигне советската подморница од морското дно. Задачата не беше воопшто лесна зашто подморницата К-129 се наоѓаше на длабочина од 5.000 метри.

Подигнувањето на подморницата започна во 1974 година, само три години откако потона. За време на операцијата се распадна, така што Американците го подигнаа само предниот дел. Деталите од операцијата се државна тајна, но се смета дека агентите на ЦИА имаат извлечено две торпеда со нуклеарни боеви глави, додека балистичките ракети, опремата и важните документи останале на дното.

Американците подоцна тврдеа дека со соодветни почести погребале шестмина советски морнари кои биле пронајдени во деловите на потонатата подморница.

4. Проектот „Темен ген“

Ф-4Е Фантом II, авион на Империјалистичкото иранско воено воздухопловство

Во текот на шеесеттите и на седумдесеттите години од минатиот век, додека САД и Иран сè уште беа пријатели и сојузници, ЦИА и Иранското империјалистичко воено воздухопловство заедно изведуваа разузнавачки операции во јужните делови на СССР, познати како проект „Темен ген“.

Американските и иранските пилоти со ирански ловечки авиони редовно го нарушуваа советскиот воздушен простор со цел да најдат слаби точки во советската противвоздушна одбрана и да проверат колку ефикасно советските пресретнувачи реагираат на повредата на воздушниот простор.

Во рамките на проектот „Темен ген“ Иран доби најнова опрема, вклучувајќи ловци Ф-14 кои САД не ги даваа на ниту една друга земја.

Пилотот Генадиј Елисеев на 23 ноември 1973 година беше испратен со авионот МиГ-21СМ да го пресретне иранскиот ловец Ф-4 Фантом II кој ја имаше повредено советската граница над Муганската долина. Испуканите ракети ја промашија целта, па Елисеев ја закачи опашката на „Фантомот“ со крилото од својот авион. Тоа беше прв намерен судир на авион на млазен погон. Авионот Ф-4 падна, а неговите пилоти се катапултираа, по што беа заробени. Рускиот МиГ удри во планина. Елисеев загина.

Во екот на оваа операција советските единици соборија четири ирански авиони. По Иранската револуција од 1979 година проектот „Темен ген“ беше веднаш запрен.

5. Операцијата „Циклон“

Ограничен контингент на советските единици во Авганистан. Во борбената операција на Спецназ уништен е карван на вооружената опозиција и запленет е примерок на американскиот преносен зенитен систем „Стингер“.

ЦИА во текот на руската интервенција во Авганистан (1979-1989) постојано ја изведуваше една од своите најскапи операции, која чинеше неколку стотини милиони американски долари годишно. Целта на операцијата „Циклон“ беше муџахедините да се опремат со неопходното оружје и муниција во борбата против Советите.

За Америка да не биде директно вовлечена во конфликтот, ЦИА соработуваше со Пакистанската разузнавачка служба, која со помош на американските пари и оружје организираше финансирање, вооружување и обука на авганистанската вооружена опозиција.

Особено беше забележана епизодата на операцијата „Циклон“ во која Американците во 1986 година им испорачуваа на муџахедините преносни противвоздушни ракети „Стингер“. Тоа предизвика големи загуби кај советското воено воздухопловство кое со години претставуваше сериозна закана за џихадистите. Советскиот Спецназ дури и тргна во лов на „Стингери“ кои муџахедините ги штитеа по цена на својот живот.

Операцијата „Циклон“ беше прекината кога советската армија се повлече од Авганистан. Пото се чинеше дека ЦИА воопшто не обрнува внимание на Русија, но тоа не траеше долго.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња