Во Керченската тврдина на Крим пронајдени речиси две илјади бомби

CC BY-SA 3.0, commons.wikimedia.org
Бомби од Втората светска војна, пронајдени во магацин во тврдината Керч, беа уништени на специјален полигон.

Стручњаците на Центарот за спроведување спасувачки операции со посебен ризик „Лидер“ на Министерството за вонредни состојби (МЧС) на Русија пронајдоа при прегледот на тврдината Керч на Крим склад со авионски бомби од Втората светска војна, соопшти службата за односи со јавноста на Главната регионална управа на ова министерство.

Станува збор за 1700 парчиња распрскувачки бомби од 2,5 килограми и една разорна авионска бомба со тешка сто килограми. Како што се  наведува, сите бомби се успешно извадени од земја и уништени на специјален полигон.

Како што велат од МЧС, со цел пронаоѓање на заостаната муниција од Втората светска војна, оваа година биле прегледани 35 хектари од Керченската тврдина и при пребарувањето се пронајдени и уништени над 3,5 илјади експлозивни предмети од тоа време. Според шефот на главната управа на МЧС за Крим Александар Еремеев, работите на деминирање на тврдината ќе траат до крајот на август.

Тврдината Керч, која уште се нарекува и утврдувањето Тотлебен, се наоѓа на Ак-Бурунскиот `рт на подрачјето на Керчскиот теснец, а била изградена во втората половина на деветнаесеттиот век во најтесниот дел на теснецот, како воено утврдување на Руската империја на Црното Море со намера да ги брани нејзините граници.

Тврдината се протега на вкупна површина од 40 хектари. На почетокот на Големата патриотска војна, користена е како магацин за складирање муниција за морски орудија. Од јануари 1942 година се користи за складирање на авионски бомби. Во мај 1942 година, кога Германците ја нападнале, импровизираниот гарнизон ја организираше одбраната која траеше два дена, по што се повлече во правец на Тамањ, а магацините во најголем дел беа кренати во воздух, при што најголемо уништување претрпе централната тврдина.

По 1945 година, во тврдината беа распоредени активни воени единици на СССР, па сѐ до распаѓањето на Советскиот Сојуз беше специјално заштитен објект со развиена воена инфраструктура. По распадот на земјата, гарнизонот се намалуваше, така што во 1996 година практично најголемиот дел од воените објекти целосно опусте. На почетокот на 2000-те, дел од тврдината беше отворен за посетители и почна да работи како музеј.

Патем, на Крим пролетва беше уништена 500 килограми тешка авионска бомба, исто така од Големата патриотска војна. Бомбата, која се наоѓаше на дното на морето 250 метри од крајбрежјето, ја пронајдоа нуркачи на дива плажа во селото Орџоникиѕе.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња