Како паганска Литванија станала моќна западноруска држава

Национален музеј во Варшава, М. К/Википедија
Во средниот век Москва не била единствен центар на обединување на руските земји. Со векови конкуренција во оваа смисла ѝ било Големото кнежевство Литванија, кое имало намера да создаде сопствена верзија на „Русија“.

Денес Литванија е мала земја на североисточната периферија на Европската Унија, но пред 600 години таа мила една од најголемите и најмоќни европски држави.

По монголската наезда опустошената Русија била погодно тло за литванска експанзија. Литванија по пат на династиски бракови и воени походи, а најчесто со доброволно присоединување, воспоставила власт над огромни територии на руските кнежевства и имала пригода да ѝ го одземе на Москва статусот на центар околу кој се обединувале сите руски земји.

Нескршливите Литванци

Древен литвански војник од Битката кај Саула.

На почетокот на 13век паганските племиња од источниот Балтик на своја кожа го почувствувале сиот ужас на крстоносните походи. Тогаш се чинели дека и Литванците ќе минат лошо како и другите балтички племиња кои биле скршени под чизмата на западноевропските витези.

За чудо, литванските племиња успеале да се консолидираат и да го запрат германскиот продор, па дури и да извршат неколку контраофанзиви. Литванците во битката кај Саула од 1236 година практично го уништиле Ливонското братство кое дејствувало на териториите на современа Латвија и Естонија. Интересно е дека заедно со припадниците на братството загинале двесте војници од Псков кој тогаш бил сојузник на овој витешки ред.

Од запад (денешна Калининградска област) на литванските земји им се приближувале витезите од Тевтонскиот ред, кои претходно ги потчиниле пруските племиња. На Тевтонците им се придружиле остатоците од Ливонското братство и така настанал редот на Ливонските витези. Тие почнале да ги стегаат Литванците во обрач од обете страни.

Во тие околности литванските поглавари сфатиле дека самостојно не можат долго да даваат отпор. За нивна среќа (но, за несреќа на Русите), во руските кнежевства во 1237 година упаднале Монголите, со што во голема мера се решиле литванските проблеми.

Од мала држава до Големо кнежевство

Гедимин влегува во Киев. Слика од една книга на Ленард Хоџак (1824 година).

Монголската наезда ги опустошила кнежевствата од североисточна Русија и ги ослабнала западните руски кнежевства. Литванија не ја пропуштила таа шанса.

Литванците не се ширеле на руските земји исклучиво со оган со меч. Поголемиот број присоединувања минувале по мирен пат. Руските владетели во силната Литванија гледале заштита од Монголците, а Литванците ја добивале толку потребната поддршка во борбата против витешките редови, а и Монголците исто така за нив претставувале опасност.

Литванските кнезови не ги загрозувале правата на локалните власти, а руските владетели ги третирале како вазали. Во случај на војна можеле да сметаат и на руските воени контингенти.

Кон средината на 13 век Литванија ја присоединила таканаречената „Црна Русија“, односно териториите на современа западна Белорусија, и оттогаш го носела називот Големо кнежевство Литванија.

Експанзијата на Големото кнежевство својот врв го достигнала во 14 век за време на кнезовите Гедамин и Олгерд. Тогаш на литванската држава ѝ припаднале големи територии од денешна Белорусија, поголем дел од Украина и делови од југозападна Русија.

Новото Големо кнежевство Литванија не можеле да го игнорираат дури ни Тевтонците, неговиот стар непријател, а покрај нив и Монголците, Полјаците, Унгарците и Московјаните. Од Москва до литванската територија имало помалку од двесте километри.

Центар на обединување на руските земји

Покрстувањете на Литванија, Јан Матејко.

Големото кнежевство Литванија било литванско само по називот. Девет десетини од нејзиното население го сочинувале предците на денешните Руси, Белоруси и Украинци. Не било лесно да се зачува целовитоста на една ваква разнородна држава, па владетелите морале да балансираат помеѓу различните групи на свои поданици.

Една од главните црти на оваа држава била верската толеранција. Државата официјално била паганска, но не ги кршела правата на православното население. Напротив, ги поддржувала на секаков начин. Литванците во 1316 година дури и основале митрополија во Новогротк (денешен Новогрудок во Белорусија) и воспоставиле непосредни контакти со константинополскиот патријарх.

Замок на островот Тракај, Литванија.

Дури и многу подоцна, во 16 век, пратеникот на германскиот император Сигизмунд фон Херберштејн за литванската престолнина Вилнус напишал: „Таму има многу повеќе руски цркви, одошто храмови на римската вероисповед“.

Литванските кнезови најпрво воспоставиле протекторат над Киев, а во текот на шеесеттите години од 14 век конечно го присоединиле овој град, задржувајќи го неговиот статус на „мајка на градовите руски“. Западнорускиот јазик го потиснува литванскиот и се користи како официјален јазик сѐ до крајот на 17 век.

Литванија на сите начини им нагласувала и им демонстрирала на руските кнежевства и на Големото кнежевство Московско како на свој главен ривал на истокот дека токму таа е центарот на собирање и обединување на руските земји.

Цивилизациски избор

Литванските кнезови постојано балансирале помеѓу католицизмот и православието, не поддржувајќи трајно ниту една страна.

Крунисувањето на Миндовг. Гравура од книгата на Леонард Хоџак „Полонија, 1824 година

Така великиот кнез Миндовг е крстен во католицизам, а за „крал на Литванија“ го крунисал римскиот папа Инокентиј Четврти. Но, по неговата смрт во 1263 година Литванија повторно се вратила на паганството, што не му пречел на синот на Миндовг Војшелк, кој ја наследил власта од татка си, да биде ревносен православец.

Сепак, ваквата состојба не можела да трае вечно. Големото кнежевство Литванија била последната паганска држава во Европа и христијанските држави на Европа не можеле да ја третираат рамна на себе, а на витезите од Тевтонскиот ред литванскиот паганизам им одел во прилог зашто сосема легално можеле да водат света војна против него.

Проблемот бил решен со политичко и културно зближување на Литванија со Полјаците, со кои Литванците заедно војувале против Тевтонците. Великиот кнез литвански Јагајло (Владислав II Јагелон) кој воедно бил и крал на Полска, ја покрстил Литванија по католички обред.

Гравура на која е прикажана верска прослава на Сојузот на Полска и Литванија, 16 век.

Оттогаш во Големото кнежевство Литванија било забрането ширењето на православието, а исто така и давање поддршка на православните верници. Со самото тоа Литванија повеќе не можела да претендира а статус на обединувач на руските земји.

По обединувањето на Литванија и Полска во една држава во 16 век извршен е исклучително силен политички, културен и верски притисок врз православното население на Големото кнежевство. Во текот на следните векови сѐ до денес, тоа ќе биде јаболко на цивилизацискиот раздор помеѓу Полска и Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња