Два удари со сабја по глава: Како Николај Втори преживеал напад на јапонски фанатик

Global Look Press
Зошто еден јапонски полицаец го нападнал Николај и дали навистина тоа е една од причините поради која избувнала руско-јапонската војна 1904-1905?

Од телата на последниот руски цар и на неговото семејство речиси да нема останки. По бруталното убиство тие биле запалени. Во 1991 година во близина на Екатеринбург пронајдени се останки за кои се претпоставува дека се на царот и на неговото семејство. Останките беа повторно погребани во 1998 година во Санкт Петербург. Притоа беше потребно да се спроведе генетска анализа која би го потврдила нивното потекло. Но, каде да се најдат примероци од ДНК на последното руско царско семејство? А, каде на друго место освен на предмет кој носи траги од царската крв: во Ермитаж во Санкт Петербург се наоѓа кошула со крв на Николај Втори. Тој ја носел кога еден јапонски полицаец се обидел да го убие додека сè уште бил престолонаследник.

Великиот кнез Николај Александрович во Нагасаки

Патување на исток

Обичај бил руските аристократи во младоста да патуваат во странство. Во 1890-1891 великиот кнез Николај Александрович, идниот цар Николај Втори, тргнал на патување на исток. Имено, неговиот татко сметал дека престолонаследникот не треба да ја посети Европа (како што било вообичаено), ами земјите од истокот, а своето патување да го заврши во Јапонија. Освен свитата, Николај го следел и неговиот далечен роднина принцот Георг од Грција и Данска.

Николај ги посетил Египет, Индија, Сингапур, Кина, а потоа Јапонија, каде неговата посета била очекувана со голема возбуда. Тоа била прва посета на престолонаследник од некоја странска земја на Јапонија. Реномираното јапонско списание „Јомиури шимбун“ објавило дека посетата на Николај е настан од „суштинска важност“ за Јапонија. Но, ставот на Јапонија кон Русија бил проблематичен: во ноември 1890 година, шест месеци пред доаѓањето на Николај, руската амбасада во Јапонија била нападната. Николај за време на доаѓањето е дочекан на највисоко можно ниво: постојано се наоѓал во друштво на принцот Арисугава Тахеито, член на јапонското царско семејство. Ова, сепак, не го заштитило Николај од опасен инцидент.

Принцот Арисугава Тахеито

Инцидентот во Оцу

Во понеделник, 28 април 1891 година во утринските часови кнезот Николај, принцот Георг и принцот Арисугава Тахеито го посетиле стариот град Оцу. Улиците на древниот град биле мошне тесни, па наместо во кочии со коњи, гостите се движеле во рикши. Додека поворката од околу 50 рикши во кои се наоѓале Николај, неговите пријатели, свитата и јапонски државници минувале низ Оцу на пат кон Кјото, еден јапонски полицаец кој се викал Цуда Сенѕо, а кој ја обезбедувал поворката, одеднаш со сабја го нападнал Николај. Николај добил два удари со сабја по глава, а потоа скокнал од рикшата. Принцот Георг го удрил Цуда со својот стап од бамбус (според друга верзија со него го спречил вториот удар), но не успеал да го запре, по што тоа го сториле двајцата возачи на рикшата.

Улицата во Оцу на која е извршен нападот на Николај.

Последици

Веднаш по инцидентот на Николај на лице место му ги превиле раните. Великиот кнез се здобил со рана долга 9 сантиметри на задниот дел од главата која била длабока до коска и со слична рана долга 10 сантиметри на челото. Исто така ги повредил дланката и увото. За време на превивањето отстранет е тенок фрагмент од челната коска долг 2.5 сантиметри. Меѓутоа, великиот кнез тврдел дека се чувствува добро. „Тоа не е ништо“, рекол тој за повредата. „Само се надевам дека Јапонците нема да помислат дека ќе го сменам својот однос кон нив и дека ќе бидам помалку благодарен за нивното гостопримство“, му рекол Николај на принцот Арисугава Тахеита. Николај брзо бил префрлен во пристаништето Кобе, каде рускиот лекари од рускиот крстосувач „Памјат Азова“ му ја зашиле раната.

Раната подоцна била причина за мачните главоболки кои го следеле Николај до крајот на животот.

Подароци за великиот кнез Николај на крстосувачот „Памјат Азова“, 13 мај 1891 година.

Јапонија по инцидентот

Јапонците се нашле во небрано и биле огорчени поради она што го направил Цуда. Од страв дека инцидентот би можел да ги влоши односите помеѓу двете земји, царот Мауцухито лично заминал во Кјото да го пречека великиот кнез Николај. Во знак на почитување кон ранетиот руски престолонаследник, следниот ден биле затворени берзата, некои училишта, театрите и јавните куќи.

Царот Мауцухито изразил надеж дека Николај нема да се навреди и дека ќе ја продолжи посетата на Јапонија. Во меѓувреме, во Санкт Петербург Александар Трети одлучил патувањето веднаш да биде прекинато. Откако Николај се качил на „Памјат Азова“, каде му била дадена медицинска нега, тој повеќе не го напуштал бродот. На 6 мај Николај го прославил својот 23 роденден на бродот, а следниот ден отпловил за Русија. Но, пред заминувањето ги повикал двајцата возачи на рикша кои го запреле Цуда и богато ги дарувал.

Возачите на рикша му го спасиле животот на Николај, (лево) Китагаичи Ичитаро и Мукохата Џисабуро.

Јапонското општество жалело поради инцидентот. Околу 24 илјади телеграми со сочувство биле испратени на рускиот крстосувач каде се наоѓал Николај. Овој настан предизвикал дури и самоубиство на младата Јуко Хатакејама, која како чин на јавно каење себеси си го пресекла гркланот пред Управната зграда во Кјото и потоа починала во болница. Прифаќајќи ја одговорноста за пропустите направени во обезбедувањето, министерот за внатрешни работи Саиго Цугумиши и министерот за надворешни работи Аоки Шузо поднеле оставка.

Кој бил Цуда и кои биле неговите мотиви?

Причините што го навеле Цуда да го нападне рускиот престолонаследник до денес остануваат нејасни. Се верува дека себеси се доживувал како самурај и дека бил загрижен патриот кој паметел како во Јапонија пред владеењето на Муцухито странците биле презирани и омразени. Цуда бил свесен за сите почести и за почитувањето што Јапонците им ги укажувале на гостите. Исто така веројатно му замерил на Николај што не ги соблекол чевлите за време на посетата на будистичкиот храм. Освен тоа, се сомневал дека Николај и Георг од Грција се странски шпиони кои подготвуваат инвазија на Јапонија. Сето тоа му го помрачило умот и го навело да го нападне Николај.

Цуда Санѕо

Јапонскиот суд го осудил Цуда на доживотна робија во работен логор, а руската власт изразила задоволство поради оваа одлука. Но, во септември истата година Цуда умрел во заробеништво. Постојат наводи дека одбивал храна и така себеси се умрел од глад.

Иако Николај подоцна во својот дневник запишал дека не им е лут на Јапонците поради „ужасните нешта што ги направил зилотот“, неговите министри истакнувале дека кон Јапонците секогаш бил прилично резервиран. Инцидентот во Оцу се поврзува и со руско-јапонската војна 1904-1905 година. Некои историчари сметаат дека на Николај му било полесно да влезе во оваа војна со оглед на односот што по инцидентот го имал кон Јапонците.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња