Советската воена морнарица во врска со овој случај формираше специјален поморски одред кој беше составен од 27 борбени и логистички бродови од составот на Црноморската и на Тихоокеанската флота. Главниот брод на оваа група беше крстосувачот-носач на хеликоптери „Ленинград“ кого го следеа фрегатите „Скори“ и „Сметливи“. Патем речено, големиот противподморнички брод „Сметливи“ и денес се наоѓа во оперативна функција, каде и понатаму успешно ја извршува својата должност во Црното море.
На 14 јули 1974 година првите советски бродови влегоа во пристаништето Хургада и операцијата на деминирањето на зоната на Суецкиот канал и деблокадата на коридорот за поморски сообраќај можеше да започне. Отежнувачки околности за време на изведувањето на оваа мошне сложена и ризична операција беше недостатокот од морски мапи во кои се вцртани безбедните коридори кои се пловни, а кое се мошне важни за детално пребарување на дното на Суецкиот залив. Друга отежнувачка околност беа неподносливо високите температури и мошне честите појави на песочни бури.
„Сонцето тука немилосрдно пече. Потта во комбинација со врелиот ветар го зајакнува неговиот ефект, особено кога се работи. Тука се гледа сета тежина на морнарската работа. Локалните Арапи се чудеа како руските морнари во вакви тешки услови можат да работат и по 12 до 14 часа дневно без престан?!“ се сеќава капетанот од прв ранг Александар Аполонов. „На 18 јули наутро на остатоците од разурнатиот светилник инсталиравме антена, два шатори и дизел-генератор“. Островот Губаљ-Сахир беше вистинска пустина, без никакви траги на живот. Немаше никаква вегетација, освен бесконечните количества песок и исушените корали. Температурата на воздухот не можеше правилно да се измери зашто живиниот столб на термометарот беше ограничен на 50 степени Целзиусови, и понатаму не можеше да оди. Ваквите временски услови неповолно дејствуваа на нашата опрема која не беше проектирана за вакви услови“.
Друг проблем беа дејствијата на израелските ракетни чамци и на нивното воено воздухопловство. Израелците сметаа дека Суецкиот канал им припаѓа ним по уништувањето на египетската војска. Тие се обидуваа со сите сили да се вмешаат во целата приказна и да се ослободат од советските бродови. Израелските чамци не се чуваа ниту од судир со советските миноловци, а вооружените ловечки авиони Фантом знаеја во текот на денот по осум пати да го надлетаат Суецкиот канал, имитирајќи воздушен напад. Советските морепловци активно се спротивставуваа на оваа агресија така што со противпожарна техника (топови за гаснење оган, апарати за гаснење пожари) се бореа против здодевните израелски чамци, додека крстосувачот-носач на хеликоптери „Ленинград“ и други вооружени борбени бродови беа во целосна борбена подготвеност. На страната на СССР стоеја и ОН. На Израел влијаеја и неговите стратешки сојузници (САД и Велика Британија) чии трговски бродови минуваа низ „советскиот коридор“ во Суецкиот канал.
Но, можеби и најголем проблем за време на изведувањето на оваа операција беше мошне нискиот професионализам и обученоста на египетските морнари. Мините од советско потекло „Краб“ и АМД беа поставени без никаков план, често со целосно недвижни пловни средства (бродови за риболов и слично). На 13 септември 1974 година на една од овие мини налета советскиот миноловец „МТ-66“ со кој командуваше капетанот од трет ранг Свидоров. За време на експлозијата на мината трупот на бродот беше пробиен на 20 места. Беше изгубена можноста за управување со бродот, а снема и електрична енергија. Во длабока темнина бродот почна да тоне. Според сеќавањата на морнарите кои во тој момент се нашле на бродот „МТ-66“ наскоро на лице место се собрале голем број тигрести ајкули.
На бродот итно му беше потребна помош. Кон него набргу беше испратено зајакнување кое беше составено од неколку помали советски бродови кои и самите ризикуваа да налетаат на „диво“ минско поле. Откако го пронајдоа бродот кој веќе до половина беше потонат, пристапија кон акција за спасување на неговиот екипаж. Најтежок дел од акцијата беше деблокадата на една соба на бродот во која беа заробени двајца советски офицери. Тие на секој начин се обидуваа да ја урнат блокираната врата, а кога не успеаја во тоа напишаа проштални писма на своите семејства. Откако целиот екипаж беше евакуиран, оштетениот миноловец со тегнач беше префрлен во пристаништето во Хургада каде беше поправен и повторно беше вратен во функција.
Сепак, покрај сите тешкотии морнарите на СССР успешно ја реализираа целата операција. Миноловците и хеликоптерите најдоа и уништија десетици мини. Акваторијата која се простираше на површина од околу 1.250 квадратни милји во целост беше исчистена. За време на деминирањето на овој простор беа применети нови тактички модели на употреба на хеликоптери во вакви мисии со помош на подводни кабли со експлозивно полнење. Хеликоптерите Ка-25 и Ми-8 вкупно изведоа 188 летово во состав на операцијата за уништување мини. Во ноември 1984 година Суецкиот канал беше повторно отворен за непречен морски сообраќај.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче