Како руските герилци ѝ втерале страв во коски на француската армија во 1812 година

И.М. Прјанишњиков. 1873 г.
Никаде во Европа Големата Наполеонова армија не наишла на толку жесток и непопустлив отпор од страна на обичните луѓе како во Руската империја. Француските војници доживеале толкав страв само во судирите со шпанската герила.

Францускиот император Наполеон Бонапарта бил тврд орев за своите непријатели. Постојат многу малку генерали кои биле подготвени да ризикуваат и да се соочат со Големата армија на бојното поле. Ниту руските команданти не биле исклучок кога станува збор за ова. И тие до Бородинската битка избегнувале решавачки бој и им дозволиле на француските единици да навлезат длабоко во внатрешноста на Русија.

Жак-Луи Давид, 1812 година

Кога не е пожелен отворен судир се применувал герилскиот или партизанскиот начин на војување. Од една страна, руската герилска војна против француската армија била народна војна во која брадестите селани ги земале во раце вилите и секирите и заминувале во борба против омразениот освојувач.

Репродукција на цртежот „Сичевци“ (селски партизани во Татковинската војна од 1812 година), И. Теребенов, Државен историски музеј

Од друга страна, герилската војна ја воделе и таканаречените „летечки единици“ што ги формирала командата на руската армија. Ја сочинувале коњаници и козаци на чело со регуларните офицери. Тие ја напаѓале непријателската заднина и им ги пресекувале на Французите комуникациите и снабдувањето,

Упад на козаците на Платов во заднината на Наполеоновата армија

Првата „летечка единица“ е формирана во јули кога Големата армија стасала до Смоленск. Тоа била моќна воена сила составена од неколку козачки и драгубски полкови. Често го напаѓала левото крило на француската армија и служела како извидница која испраќала податоци до главнината на регуларната руска војска.

Албрехт Адам „Битката за Смоленск“, околу 1820 година

Командантот на оваа единица Фердинанд фон Винцингероде подоцна се прославил со обидот да ги спаси Кремљ и Москва од уништување. Неговата единица се наоѓала во едно село во близина на Москва кога командантот дознал за планот на Наполеон за уништување на градот. „Ако само еден храм биде кренат во воздух, сите Французи што ќе ги заробиме веднаш ќе бидат обесени“, рекол тој тогаш. Винцингероде отишол кај францускиот маршал Едуард Мортије со надеж дека ќе преговара со него, но наместо тоа бил заробен.

Рускиот генерал барон Фердинанд фон Винцингероде

Меѓу герилските команданти најмногу се прославил Денис Давидов кој без двоумење ги нападнал француските единици, без разлика на тоа што тие биле многу побројни. Еднаш со само 130 коњаници нападнал конвој со провијант кого го следеле 225 војници. Давидов ги запленил сите 30 товарни возила и убил повеќе од половината војници, а останатите стотина ги заробил.

Денис Давидов

Кога во октомври 1812 година Големата армија ја напуштила Москва и почнала да се повлекува на запад, многубројни „летечки одреди“ од по 500 луѓе почнале да ги напаѓаат непријателите, користејќи тактика на молскавичен јуриш и повлекување, како што пчелите напаѓаат ранета мечка и на тој начин ја исцрпуваат,

Наполеон се повлекува од Москва.

Но, герилскиот отпор врз Наполеон не би бил успешен доколку тоа не била народна војна. Селаните ја воделе својата борба против непријателот, уништувајќи ги прехранбените производи. Ја палеле летнината и своите куќи за да не дојдат во рацете на Французите, а потоа бегале во шума.

Василиј Верешчагин, репродукција на сликата „Не допирај ги, остави ги да се приближат“. 1887-1895.

Некогаш доброорганизираната Голема армија постепено се претворила во банда убијци и пљачкосувачи, а селаните сè почесто употребувале оружје и сè поинтензивно го напаѓале непријателот. Правеле заседи на француските единици, ги бранеле своите села од непријателските одреди кои ја одземале храната од локалните жители, ја бркале непријателската армија и немилосрдно ги убивале сите оние кои заостанувале зад главнината.

На почетокот ги напаѓале дури и „летечките единици“, мислејќи дека руската армија е француска. Денис Давидов на еден селанец што го нападнал му рекол: „Но, јас зборувам руски!“. Селанецот му одговорил: „Ги има секакви (Французи)!“ Тогаш Давидов решил да се зближи со обичните луѓе со цел да бидат избегнати недоразбирања. Наместо мундир облекол селска кошула, пуштил брада и почнал да зборува на „народен јазик“.

Денис Давидов

Историјата памети имиња на многу благородници кои командувале со „летечките одреди“. Денис Давидов, Александар Фигнер, Александар фон Бенкендорф, Николај Кудашев и други. Од друга страна, предводниците на селанските одреди се главно препуштени на заборавот. Некои се познати, како на пример Василиса Кожина. Таа за да го заштити своето село организирала герилски одред кој бил составен од жени и од младина. Често учествувала во транспортот на француски заробеници, па дури со коса убила еден тврдоглав непријателски офицер.

Портрет на Василис Кожина, копија на Станислав Лоч од 1959 година според оригиналот на А.Ф. Смирнов од 1813 година.

Прочитајте исто така: Зошто Наполеон не успеа да го крене во воздух московскиот Кремљ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња