Како советски МиГ-23 случајно уби белгиски фармер?

AP
Пред 30 години сојузнички МиГ-23 без проблем помина низ воздушниот простор на Полска и Источна Германија, а потоа и командата на НАТО одлучи да не го собори. Сите немо го следеа летот на советскиот ловец без пилот.

4 јули 1989 година требаше да биде обичен ден за полковникот Николај Скуридин, искусен пилот на советското Воено воздухопловство. Скуридин, којшто штотуку се врати од својот одмор, тој ден имаше пробен лет преку Полска (тогашен советски сојузник). Но, кратко време откако со својот ловец МиГ-23 полета од воздухопловната база Багич во близина на Колобжег, работите тргнаа во погрешен правец.

Илјада километри западно, во Белгија, 19-годишниот младич Вим Делере, исто така, очекуваше да има сосема обичен ден на својата фарма. Тој дури и не насетуваше дека тоа ќе биде последниот ден од неговиот живот.

Што се случи?

Веднаш штом Скуридин полета, на моторот се исклучи форсажот (режим на максимална работа на моторот). Тоа беше привремена пречка, но Скуридин заклучи дека тоа е знак дека моторот  откажува. Затоа тој го информираше раководителот на летот дека ќе се катапултира и, откако доби официјална потврда, токму тоа и го стори. Скуридин направи сé според правилата, но уследи сосема неочекувана ситуација.

Моторот на авионот без пилот го поврати нормалното функционирање. Престана да губи на висина и продолжи да лета со помош на автопилот според дадениот курс, продолжувајќи понатаму на запад. Советите и Полјаците кои останаа во базата не можеа да сторат ништо повеќе.

Ризична мета

МиГ-23 без никакви проблеми помина низ воздушниот простор на Полска и Источна Германија, бидејќи беше препознаен како „сојузнички“. Дури и кога ја премина границата меѓу Источна и Западна Германија, пилотите на пилотите на НАТО-ловците, откако утврдија дека авионот лета без пилот, одлучија да не го гаѓаат.

„Кога видоа американските ловци дека советскиот авион не е вооружен со офанзивно оружје како што се нуклеарни бомби, тие го оставија да лета, надевајќи се дека ќе се урне во Ла Манш“, објави тој ден „Њујорк Тајмс“. Имаа добри причини. МиГ-23 леташе над густо населените региони на Германија, Холандија и Белгија. Доколку го собореа тогаш, најверојатно ќе предизвикаа голем број жртви.

Потоа се утврди дека постои опасност авионот да се сруши врз францускиот град Лил, па ловците на НАТО се подготвуваа сепак да го соборат. Меѓутоа, Миг-23 почна да губи на брзина и се урна во западниот дел на Белгија, во село во близина на Кортријк... директно врз куќата на несреќниот Вим Делере. Тој веројатно немал време ни да сфати што се случувало.

Последици

„Жал ми е поради тоа што се случи. Белгијците веќе ги знаат причините и ние го упативме нашето извинување“, изјави истиот ден Михаил Горбачов, претседател на СССР. Во најлош случај, таа несреќа можеше да предизвика голема меѓународна криза, но, со оглед на тоа дека советско-западните односи во тоа време беа на својот врв благодарение на демократизација на Горбачов и што тензиите од студената војна ослабеа, сè помина релативно непречено. СССР ѝ исплати компензација од 685000 американски долари на Белгија и несреќата наскоро беше заборавена. На крајот на краиштата, МиГ-23 уби само едно лице, а можеше да биде многу полошо. Додуша, Вим Делере веројатно не би се согласил со тоа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња