Дали праисторискиот човек ја обработил бивната на мамут која научниците ја пронајдоа во Јакутија?

Академија на науки на република Саха
Планирано е да се изврши анализа со метод на радиоактивен јаглерод за да се утврди староста на ископината.

Палеонтолозите од Академијата на науки на Јакутија за време на експедицијата на островот Котељни во Новосибирскиот архипелаг открија скелет на мамута и бивна тешка преку 23 килограми на која се гледаат траги од обработка со човечка рака. Се претпоставува дека бивната ја обработил праисторискиот човек. Ова во понеделникот беше соопштено на официјалниот сајт на Академијата на науки на руската република Саха (Јакутија).

На членовите на експедицијата им помагаа жители на северниот Алаиховски реон на Јакутија.

„Заедно со мештаните прекопавме парцела со површина од 20 квадратни метри. Успеавме да извлечеме огромен скелет на мамут во кој има околу 40% од коските. Интересно е што на фрагментите од бивните откривме траги на преработка кои, претпоставуваме, ги оставиле праисториските луѓе“, се цитира во соопштението изјавата на Инокентиј Павлов, раководител на експедицијата и истражувач на одделението за проучување на мамутовата фауна на Академијата на науки на Јакутија.

„Современиот човек не би ја обработувал бивната во тундрата, туку би ја однел во ловечка куќичка, во зимувалиштето“, смета Павлов.

Како што се соопштува, научниците веќе донеле во Јакутск фрагмент од мамутска бивна за понатамошни испитувања. Се планира да се изврши анализа според методот на радиоактивен јаглерод која ќе овозможи да се утврди староста на ископината и да се проучат трагите од обработка од човечка рака.

Останатите делови од мамутскиот скелет ќе бидат префрлени во Јакутск во август. Членовите на експедицијата веќе ја нарекоа оваа ископина „Мамутот на Павлов“ во чест на раководителот на експедицијата.

Прочитајте повеќе: Руските археолози на Алтај пронајдоа една од најстарите дијадеми од мамутска бивна

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња