Случајот „Каталина“: Како советски МиГ-15 собори шведски авион над Балтикот

Слободан Ѓукиќ
Во јуни 1952 година Шведска и СССР се најдоа на граница на прекин на дипломатските односи. Во шведскиот главен град Стокхолм гневни граѓани со камења ја нападнаа советската амбасада и ги искршија прозорските стакла, додека министерствата за надворешни работи на двете земји си разменија остри протесни ноти.

Причината за овој конфликт е соборувањето на шведскиот амфибиски авион С-28 „Каталина“ од страна на советски ловец МиГ-15. Имено, шведскиот авион учествуваше во специјална шпионска мисија организирана од шведските вооружени сили по налог на НАТО.

Тешкиот инцидент се случи на 16 јуни 1952 година, кога во советскиот воздушен простор беше детектиран шведски хидроавион С-28 „Каталина“ со евиденциски број „47002“. Со цел негово пресретнување, од воздухопловната воена база која се наоѓаше н подрачјето на градот Талин полета дежурниот пар ловци Миг-15 со пилотите Николај Семеринков и Иља Јаценко-Касенко. Објектот кой го повреди воздушниот простор на СССР се наоѓаше на висина од околу 4000 метри и на оддалеченост од 6000 метри североисточно од ’ртот Ристна, кој се наоѓа на островот Хиуми, пренесува интернет-порталот РГ.

„Сè се случуваше во раните зори“, се сеќава на настанот советскиот пилот на авионот-ловец МиГ-15 Николај Семеринков. „Швеѓаните нѐ забележаа и го свртеа курсот на авионот кон неутралниот воздушен простор. Ние за неколку секунди ги стигнавме. Им се доближивме на околу 20 метри и на тој начин му дадовме на шведскиот пилот знак заедно со нас да слета на нашиот аеродром. Меѓутоа, без оглед на нашиот маневар, шведскиот авион продолжи да лета во правецот во кој тргна. Ние ја известивме нашата команда дека авионот не реагира на нашите барања. Реакцијата на командата беше брза и енергична „Соборете го авионот!“ Пилотот Јаценко веднаш ја изврши наредбата. Наскоро го видовме шведскиот авион во морето. На површината забележавме и неколку површински пловила кои со голема брзина се приближуваа до соборениот авион. За соборувањето на шведскиот авион јас и Јаценко-Косенко добиме Орден на Црвеното знаме“, рече Николај Семеринков.

Екипажот на шведскиот авион кој се состоеше од пет лица (две во овој инцидент беа ранети) беше собран од германскиот трговски брод „Минстерланд“ кој ги префрли во Финска.

Новинарите притоа соопштија дека „Каталина“ учествувал во акција на потрага по шведски извидувачки авион Douglas DC 3, кој исчезна три дена претходно. Повеќе од 50 години немаше информации за овој шведски авион кој исчезна над водите на Балтичкото Море.

На почетокот на 50-тите години на минатиот век, Шведска тајно соработуваше со НАТО со цел испитување на советската линија на одбраната која беше организирана во регионот на Балтичкото Море, како и за собирање што повеќе информации за воените ефективи ангажирани на овој оперативно-стратешки правец. За оваа специјална разузнавачко-извидувачка операција се користеа два американски воено-транспортни авиони DC-3, опремени со најсовремена електронска опрема за извидување во тоа време.

Една од овие авиони го доби називот „Хугин“, кој во скандинавската митологија претставува една од враните на богот Один. Според легендата, птицата имала способност да лета на сите страни на светот носејќи му важни информации на својот сопственик. На тој принцип работеше современиот „Хугин (ДЦ-3), кој периодично влегуваше во воздушниот простор на СССР.

И така, сето тоа траеше до 13 јуни 1952 година. Во 11: 08 ч. командниот центар на шведската армија последен пат имаше контакт со авионот ДЦ-3 „Хугин“. Судбината на пилотите и екипажот на овој авион беше многу тажна. Осум лица загинаа при падот на леталото во водите на Балтичкото Море. Со цел прикривање на своите шпионски операции во овој регион на светот, шведската влада го заташка целиот случај и го чуваше во строга тајност полни 50 години. Во немилост се најдоа и семејствата на загинатите кои беа во авионот. По повод овој настан, во Шведска беше формирано здружението „Вдовиците на DC-3“ кое безуспешно се обидуваше да ја открие вистината за исчезнатите пилоти.

Информацијата за овој случај дојде од Русија, кога тајните документи од овој период беа декласифицирани и од нив отстранета ознаката „строго доверливо“. Се покажа дека во конкретниот случај шведскиот авион Douglas DC-3 извршил напад на советскиот ловец МиГ-15 со кој пилотираше Григориј Осински. По овој напад советскиот ловец го соборил овој авион. За успешно извршената задача Григориј Осински е одликуван со Орден на Црвеното знаме. Истиот ден тогашниот министер за одбрана на СССР, Василевски, му испратил на Сталин рапорт со следнава содржина. „Денес, 13 јуни, во 13 часот и 20 минути на 100-110 километри северозападно од градот Виндава наш авион-ловец МиГ-15 собори странски двомоторен авион“.

Во Шведска по тој повод изби скандал. Еден од најпопуларните весници во земјата Expressen објави текст дека оваа информација е од провокативна природа. Во јуни 2004 година беше пронајден несреќниот авион во чиј труп беа најдени останките на петмина членови на екипажот. Остатоците од авионот беа пронајдени во водите на Балтичкото Море на длабочина од 125 метри, во поширокиот реон на островот Готланд-Сандјен.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња