Додека Црвениот плоштад стоеја тенкови, а на мостовите подигаа барикади, актуелниот претседател Михаил Горбачов беше на одмор, и Сергеј Крикалев во вселената, 350 километри далеку од Земјата. Неговиот привремен дом беше станицата „Мир“.
Му го дадоа прекарот „последниот државјанин на СССР“. 1991-та година супердржавата се распаѓаше на 15 дела, а на Крикалев му беше кажано дека не може да се врати дома, бидејќи државата која вети дека ќе го врати повеќе не постои.
Четири месеци претходно 33-годишниот космонаут инженер Крикалев како член на советскиот екипаж се упат на орбиталната станица „Мир“, полетувајќи од советскиот космодром Бајконур во Казахстан. Се сметаше дека неговата мисија ќе трае вкупно пет месеци. Неговиот организам беше трениран и подготвен токму за толкав период.
Но, се случи пучот. „За нас космонаутите тоа беше сосем неочекувано“, се присетуваше Крикалев подоцна. „Не сфаќавме што се случува. Во разговорите се обидувавме да предвидиме како тоа ќе влијае на нашето освојување на вселената“.
А влијаеше многу силно. „Нема пари за твоето враќање“, му беше кажано на Крикалев. По месец дена го доби истиот одговор: Земјата бара од него малку да се задржи во вселената. По месец дена истото. „Тие знаат дека тоа за мене, за моето здравје не е лесно. Но, државата сега е во уште потешка ситуација, а приоритет на државата е да заштеди пари“, зборуваше Крикалев во интервјуто за Discover Magazine.
Вистината е, меѓутоа, дека Крикалев можеше да се врати дома без чија било помош, бидејќи ја имаше на располагање капсулата „Радуга“ за лет во еден правец. Но, неговото заминување од станицата „Мир“ ќе значеше дека нејзиното работење се запира, бидејќи на станицата немаше друг инженер.
„Размислував дали ќе имам доволно сила да издржам. Не верував дека ќе можам“, признава тој. Ризикот бил голем: мускулна атрофија, радијација, онколошки болести... а мисијата продолжуваше и продолжуваше.
Сергеј Крикалев и Валериј Полјаков
TASSСергеј Крикалев со 311 ден или 10 месеци поминати во вселената постави светски рекорд. За тоа време беа планирани четири експедиции, а реализирани две и во ниту една од нив немаше место за нов инженер.
Во потрага по пари Русија продаваше места во ракетата „Сојуз“, на пример, на Австрија за 7 милиони долари или на Јапонија за 12 милиони, која во вселената испрати новинар. Се размислуваше и за продажба на „Мир“ додека сѐ уште функционира. Со други зборови, другите членови на екипажот се враќаа на Земјата, и само Сергеј, како единствен инженер, не можеше да се врати. Вселенскиот заточеник молеше барем да му испратат мед да го поправи расположението. Немаше ниту мед. Му испратија лимон и рен.
Крикалев се врати на Земјата на 25 март 1992 година, откако Германија плати 24 милиони долари за својот астронаут инженер кој го замени Русинот на станицата.
Од капсулата на „Сојуз“ извлекоа човек на чија униформа имаше четири букви „СССР“ и црвено советско знаме „бел како брашно и испотен како влажни тесто“, пишуваа западните медиуми. За „вселенската жртва“ на Крикалев дозна целиот свет. Четворица му помогнаа да застане на нозе. Еден го загрна со капут, друг му подаде чинија со супа.
Додека Крикалев беше во вселената, околината на градот Аркалих каде што се приземји тој престана да биде советска земја и стана дел од независната Република Казахстан. Градот во кој живееше повеќе не се викаше Ленинград, туку Санкт Петербург. Додека направи 5000 круга околу Земјата неговата држава стана помала за 5 милиони квадратни километри, а единствената постојна и владејачка од 20-те години Комунистичка партија стана само една од многуте. Неговата плата од 600 рубли, која пред летот во вселената важеше за една од подобрите во државата, сега не беше ни половина од месечната заработка на еден обичен возач на автобус.
„Промените и не се толку радикални“, ќе рече Крикалев неколку дена по приземјувањето. „Живеев на територијата на Русија додека беше во состав на СССР. Се вратив во Русија во состав на Заедницата на независни држави“.
Крикалев потоа ќе добие орден „Херој на Русија“, а по две години повторно ќе полета во вселената како првиот руски космонаут во американски шатл. А уште неколку години подоцна ќе стане и првиот руски космонаут кој ќе влезе во новата Меѓународна вселенска станица.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче