Пред 55 години руската подморница К-27 го собори рекордот во пловидба под вода

Од слободни извори
Од 21 април до 11 јуни 1964 година траеше подводниот поход на нуклеарната подморница К-27. Тоа беше прва пловидба од таков вид во руската историја. Задачата беше да се тестира подморницата во гранични услови за да дојдат до израз нејзините можности, како и да се изврши проверка на системите и механизмите на подморницата во автономна пловидба. Покрај тоа, требаше да се дефинираат оптималните режими на функционирањето на погонот. К-27 пловеше од Арктикот до екваторијалните води на Атлантикот.

К-27 е единствената подморница направена според проектот 645 ЖМТ на течен метал. Изградбата започна на 15 јуни 1958 година. Подморницата беше спуштена во вода на 1 април 1962 година, а предадена на морнарицата на 30 октомври 1963 година.

Во арсеналот имаше четири торпедни апарати со калибар од 522 мм, сместени на крмата. Во рамките на проектот 645 првпат во светската пракса на подморниците е применет уред за брзо полнење на торпедните апарати. Секој торпеден апарат имаше сопствен механизам за полнење, така што торпедата можеа да се уфрлуваат истовремено.

Посадата на К-27 на чело со И. И. Гуљаев се впушти во првиот поход на 21 април. Во подморницата беа и членовите на владината комисија - вицеадмиралот Г. Н. Холостјаков, контрарадмалот И. Д. Дорофеев, а во име на фабриката главниот проектант на подморницата А. К. Назаров и конструкторот на проектното биро „СКБ-143“ Г. Д. Мороскин. Тие беа одговорни за испораката на подморницата и мотори на воената морнарица. Додуша, имаа и друга задача – во случај на вонредна ситуација и хаварија да ѝ помогнат на посадата во отстранувањето на дефектот.

И таква ситуација навистина се случи. Дојде до дефект на реакторот на левата страна на подморницата. Стопениот метал навлезе во системот за гас на првиот сектор и таму се стврдна, што веднаш предизвика слабеење на вакуумот. Вонредната ситуација мораше да се реши итно. Командирот на дивизионот, капетан 3 класа А. В. Шпаков, ја отсече и рачно ја исчисти, а потоа ја завари цевката во која се стврдна стопениот метал. Работата беше одработена многу внимателно и претпазливо, бидејќи дефектот беше близу до активната зона на реакторот.

Во екваторијалните води беше проверен системот за ладење на реакторот. Температурата на водата во океанот беше 25-27 степени, а во коморите со реакторот и турбогенераторот достигнуваше 60 степени. Во други отсеци се движеше околу 45 степени со влажност од 100 проценти. Па сепак, дури и во такви сложени услови системот за ладење на реакторот си ја одработи својата работа, иако, како што истакнуваат експертите, работел на границата на можностите. Во тој прв поход подморницата К-27 го собори светскиот рекорд во должина на подводна пловидба - помина во морето 51 ден и помина преку 12000 милји (22224 км).

За успешното тестирање на новата техника командирот на нуклеарната подморница К-27 капетанот 1 класа Иван Иванович Гуљаев беше одликуван со Орденот на Ленин и му беше врачена Златна Ѕвезда на Херој на Советскиот Сојуз.

Подморницата К-27 во 1965 година тргна во вториот поход и повторно го сруши рекордот во должина на пловидба без излегување на површината. Овој пат под вода помина 60 дена и прејде 15000 милји (околу 28000 км).

За жал, на 24 мај 1968 година во Баренцовото море во оваа подморница дојде до сериозна хаварија. Страдаше целата посада. Еден подморничар го загуби животот во подморницата, а осуммина подоцна починаа во болница од високи дози на радијација.

Пловилото на 1 февруари 1979 година беше повлечено од арсеналот на Воената морнарица на СССР. Во април 1980 година беше донесена одлука нуклеарната комора да се конзервира, а на 10 септември 1981  целата подморница беше потопена во близина на полуостровот  Степовој во Карското море, во североисточниот дел на архипелагот Нова Земја. Како што велат експертите, подморницата К-27 е напреден изум на советската наука на кој се испробани нови материјали и нови технологии.

Нуклеарната подморница К-27 имаше подводен депласман од 4370 тони, беше долга 109,8 метри, широка 8,3 и висока 9,4 метри. Максималната длабочина ѝ беше 300, а работната длабочина 270 метри. Развиваше максимална брзина од 30,2 јазли и можеше да плови 50 дена во автономен режим. Имаше 105 членови на посадата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња