„Железен кит“ на дното на морето: Советската нуклеарна подморница К-8 која потона пред 49 години

Подморница од проектот „Кит“

Подморница од проектот „Кит“

wikimedia.org
На 12 април во градот Островно во Мурманската област (претходно ова било населено место Гремиха) жителите евоцираат спомени за загинатите членови на екипажот на подморницата К-8.

Истиот ден преживеаните членови на екипажот и вдовиците и роднините на загинатите морнари доаѓаат во Николо-Богојавленскиот морски храм во Санкт Петербург на помен за подморничарите кои го исполнија својот долг кон татковината. Во овој храм е поставена меморијална плоча во знак на сеќавање на загинатите морнари.

Советската нуклеарна подморница К-8 од проектот „Кит“ ѝ припаѓаше на Северната флота од 31 август 1960 година. Во април 1970 година беше на дежурство во Средоземното море и се подготвуваше за учество во најголемите советски маневри „Океан 70“. Екипажот требаше да биде во улога на условно непријателска подморница која плови кој брегот на Советскиот Сојуз. Беше планирано маневрите кои беа посветени на 100-годишнината од раѓањето на Владимир Ленин да започнат на 14 април.

Но, вечерта на 8 април, кога подморницата почна да се подигнува кон површината од длабочина од 160 метри со намера да го исфрли перископот и да воспостави радиоврска, изби пожар во хидроакустичната кабина. Тоа се случи во водите на Азорските острови. Се вклучи алармот за тревога. Целата команда веднаш стаса во централната командна кабина. Започна борба за опстанок на пловилото.

Подморницата исплива по пет минути, но пожарот се ширеше низ вентилацијата. Првата смена на главниот погон успеа да ги изгасне нуклеарните реактори и да спречи експлозија, но по цена на сопствените животи. Загина сите офицери: инженерот и капетан од 3 класа Валентин Хаславски, инженерот и капетан Александар Чудинов и инженери и натпоручници Георгиј Шостаковски и Генадиј Чугунов.

Многумина преживеани членови на екипажот се собраа во осмиот оддел. Започна нивната евакуација низ горниот отвор, но концентрацијата на јаглерод диоксид ги надмина дозволените норми. Само четворица успеаја самостојно да се извлечат, а уште 30 морнари го изгубија својот живот поради недостиг од кислород. Ноќта наспроти 11 април до подморницата допловија советски трговски бродови и ги евакуираа живите членови на екипажот.

Борбената смена на чело со командирот на К-8, капетанот од 2 класа Всеволод Бессонов продолжи да се бори за опстанок на подморницата. Како што се дозна подоцна, во овој екипаж биле избрани само оние што не се женети и морнари од семејства со многу деца, зашто се знаело дека К-8 во секој момент може да потоне. Дуваше силен ветар, брановите беа високи и до седум метри. Во еден момент подморницата ја изгуби стабилноста и тргна кон дното. Целата борбена смена од 22 морнари го изгубија животот во Бискајскиот залив.

Загинаа вкупно 52 члена на екипажот. Подморницата К-8 потона на длабочина од 4.680 метри, 490 километри северозападно од Шпанија. Тоа беше вистинска загуба за советската нуклеарна флота.

Подоцна во Североморск преживеаните членови на екипажот ја реконструираа целата оваа ситуација на слична подморница. Така беа согледани причините за хаваријата и дејствијата на морнарите. Членовите на државната комисија за истрага на катастрофи дојдоа до заклучок дека подморничарите постапиле правилно. Командирот на К-8, капетанот од втора класа Всеволод Борисович Бессонов постхумно е награден на 26 јуни 1970 година со звањето Херој на Советскиот Сојуз. Наградени се и сите членови на екипажот. Загинатите постхумно добија Орден на црвената ѕвезда, а преживеаните Ушаковски медал. Името на командирот В.Б. Бессонов го доби улица во Островно. Неговото име го носи и средното училиште број 1 во Лгов во Курската област.

Во Островно постои и улица која го носи името на бродскиот лекар А.М. Соловеј. Тој својот апарат за дишење му го дал на главниот подофицер Јуриј Иљченко, кого го оперирал пред избивањето на пожарот. Во градот е подигнат и споменик посветен на подвигот на морнарите на потонатата подморница К-8. Сегашните подморничари секоја година евоцираат спомени за загинатите Североморци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња