Москва горела неколку пати во својата историја и во тие пожари многу луѓе го имаат изгубено својот живот. На пример, во 1547 година во Москва избил пожар кој однел над 4.000 човечки животи.
За време на француската окупација од 1812 година, Москва го зафатил еден од најразорните пожари. Не се знае што го предизвикало, но се претпоставува дека пожарот најверојатно го подметнале самите жители на Москва како знак на одмазда, или, пак, руските власти.
Во пламенот изгореле две третини од градот: поголемиот дел дрвени куќи, 2.657 зданија од камен, 122 храма и многубројни ракописи и предмети со непроценлива културна и историска вредност. Пожарот однел илјадници човечки животи, а меѓу нив и 2.000 ранети руски заробеници кои Французите ги довеле во Москва по Бородинската битка.
Кога француските единици избегале од Москва, руската коњица влегла во градот и имала што да види: „Со голем напор го расчистувавме патот од телата на загинатите луѓе и животни“, напишал генералот Александар Бекендорф. „На сите страни имаше урнатина и прав. Среде таа огромна пустош како ориентир ни служеа ограбените и поцрнети храмови“.
Зимскиот дворец, раскошната царска резиденција во Санкт Петербург, се запалил на 29 декември 1837 година. Огнената стихија беснеела 30 часа. Пожарникарите биле немоќни, како и 20.000 војници кои се сложиле да помогнат.
Првиот и вториот кат целосно изгореле. Пламенот ги уништил прекрасните хали, богато украсениот декор, непроценливите уметнички дела и уникатните ракописи. Обновата на дворецот траела две години.
Изложбената сала на московскиот Манеж е подигната во 1817 година во близина на ѕидините на Кремљ и е посветена на петгодишнината од победата на Русија над Наполеон.
Во ова здание на 14 март 2004 година изби пожар. Изгореа сите осум надворешни ѕидови. Истрагата покажа дека пожарот бил подметнат, но злосторниците никогаш не беа пронајдени. Ова злосторство се поврзува со претседателските избори кои беа одржани истиот ден.
Телевизиската кула „Останкино“ е висока 540 метри. Ова е највисокиот објект во Европа и една од главните знаменитости на руската престолнина.
Пожарот во кулата изби на 27 август 2000 година. Уништени беа три ката, вклучувајќи го и познатиот ресторан „Седмо небо“ кој потоа не работеше цели 16 години. Пламенот беше толку интензивен што во еден момент се појави страв од уривање на целата кула.
Ова е најсмртоносниот пожар во современата историја на Русија. Ноќниот клуб со име „Куциот коњ“ се запали на 9 декември 2009 година. Причина беше игнорирањето на противпожарните правила. Овој мал клуб беше предвиден за само 50 посетители, но таа ноќ во него имаше 300 лица. Пожарот однесе 156 човечки животи.
Од огнометот се запалија дрвените украси на ѕидовите. Пожарот предизвика паника и стампедо. Посетителите очајнички се обидуваа да излезат, но имаше само една врата за излез. Поголемиот дел од нив се задушија.
Оваа трагедија предизвика голем скандал во Русија. Сопствениците беа уапсени, а обласната влада на Пермскиот крај поднесе оставка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче