Хелоу Кити: Како советската подморница му го распори стомакот на американскиот носач на авиони

Порталот Бог-рата
Една атомска подморница со нуклеарно оружје во „клинч“ со ударна борбена група која ја предводи носач на авиони, имаат потенцијал да направат катастрофа од планетарни размери. Пред 35 години (на 21 март 1984 година) во Јапонското море дојде до опасна средба на руската нуклеарна подморница К-314 и американскиот носач на авиони „Кити хок“.

Еден од најголемите забележани инциденти помеѓу нуклеарните суперсили за жива среќа мина без човечки жртви и без далекосежни последици. Нешто подоцна, овој ист американски носач на авиони „Кити хок“ повторно се најде на првите страници на светските медиуми зашто неговата „непробојна“ противвоздушна одбрана ја совлада група руски бомбардери. Во овие настани од релативно блиската историја, поопширно во следниот текст.

Потрага по американскиот носач на авиони

Во март 1984 година настаните се развиваа со мошне голема брзина. Во Јапонското море доплови исклучително силна поморска борбена група на американската воена морнарица, која ја предводеше носачот на авиони CV-63 „Kitty Hawk“. Овој пловечки аеродром чиј депласман изнесуваше повеќе од 83 илјади тони, на својата палуба можеше да носи околу 80 борбени авиони и хеликоптери од различен тип. Главниот брод го покриваше група од неколку ракетни крстосувачи, фрегати и разорувачи, а тука беа и бродовите кои логистички ја обезбедуваа целата оваа формација. Ударната група бродови го свртеа својот курс кон брегот на Јужна Кореја, каде требаше да учествува во големата воено-поморска вежба со кодно име „Team Spirit-84“, пренесува Интернет-порталот „Бог рата“.

Зајакнатата активност на потенцијалните непријателски воени бродови во близина на границата со СССР не остана незабележана од поморските ефективи на Тихоокеанската флота. Советите во насока на американската групација ја испратија нуклеарната подморница (К-314) 671 „Ерш“ со задача да ги следи активностите. Подморницата од оваа класа беше вооружена со торпеда со калибар од 153 милиметри, противбродски мини и ракетен противподморнички комплекс „Вјуга“. Ракетите-торпеда со кои овие подморници беа вооружени носеа нуклеарни боеви глави кои беа особено ефикасни за време на изведување удар по крупни површински цели како што се на пример носачи на авиони или ракетни крстосувачи. Нивниот ефективен дострел изнесуваше 40 километри.

По неколку часа автономна пловидба, атомската подморница К-314 „Ерш“ налета на првите делови од американската поморска борбена групација. Советската подморница покрај помошните бродови детектираше и американски носач на авиони  и тргна незабележливо да го следи од безбедно растојание. Сè се одвиваше во најдобар ред сè до моментот кога подморницата мораше малку да застане за да оствари врска со командниот пункт на Тихоокеанската флота. За тоа време ударната група американски бродови се оддалечи од подморницата за некои 20 наутички милји, со што секој контакт со неа беше изгубен. На командантот на подморницата, капетанот од прва класа Владимир Евсеенко, во тој момент не му остануваше ништо друго, туку со полна брзина да тргне во потрага по изгубените Американци. Но, во такви околности самата подморница создава многу поголем шум, кој индицира демаркациски ефект кој го открива нејзиното присуство. Хидрауличните уреди кои се наоѓаа на американскиот носач на авиони брзо го регистрираа овој шум и истовремено ја алармираа целата групација нагло да се оттргне од својот првобитен курс, изведувајќи енергични маневри за избегнување на противничкото торпедо. Отежнувачка околност беше и тоа што практично сите американски бродови преминаа во фаза на целосна радиотишина. И на палубната авијација ѝ беше забрането да полетува и да слетува на носачот на авиони со цел максимално прикривање на своите позиции.

Директен контакт

Додека подморницата К-314 по непрегледниот хоризонт морничаво го бараше американскиот носач на авиони, одеднаш стаса порака од големиот противподморнички брод „Владивосток“, кој исто така се наоѓаше во акваторијата на Јапонското море. Имено, овој брод преку своите радарски системи ја откри точната позиција на американската групација и веднаш ги извести останатите советски поморски ефективи кои оперираа во ова подрачје, вклучувајќи ја и подморницата К-314 „Ерш“.

Подморницата веднаш зазеде нов курс и успеа да оствари визуелен контакт со американскиот носач на авиони кој се наоѓаше на околу 150 милји од брегот на Јужна Кореја. Следењето продолжи со подводно движење. По извесно време командирот на подморницата реши уште подобро да ги погледне противничките бродови и го крена перископот. Наоѓајќи се на длабочина од околу 10 метри, капетанот на „Ерш“ виде навигациски светла на американските бродови на растојание од само 4-5 илјади метри. Во тој момент се случија два поврзани удари со стравотна сила кои ја потресоа целата подморница. Излезе дека американскиот носач на авиони се наоѓал многу поблиску одошто се претпоставуваше, при што и двете пловила се движеле едно кон друго. Практично советската подморница К-314 се наоѓала во епицентарот на распоредот на групата бродови на ВМ на САД, во непосредна близина на американскиот носач на авиони „Кити хок“.

Згора на тоа, тие два удари за кои според звукот не можеше да се каже дека станува збор за експлозија, беа последица на судирот помеѓу подморницата К-314 и американскиот носач на авиони. Советската подморница одеднаш почна да ја губи својата брзина зашто за време на судирот настрада пропелерот на моторот.

Повеќе немаше каде да се оди. Мораше под итно да се изнурка, и советската подморница во своето комплетно издание наскоро се појави на површината на морето. Веднаш над оштетената руска подморница се собраа голем број американски авиони кои во една славеничка атмосфера искористија несекојдневна можност од воздух да ја фотографираат најновата класа советски „подводен џин“ што го движеше нуклеарен реактор. На локацијата каде се наоѓаше оштетената подморница „Ерш“ набрзо беше испратен влекач кој се наоѓаше во составот на Тихоокеанската флота, кој под придружба на американските бродови и авиони го одвлече на постојаното место на базирање.

Сепак, планираната воена вежба Team Spirit-84 воопшто не се одржа. Американскиот носач на авиони за 180 степени го промени својот курс и со полна брзина тргна кон базата Јокосука на итен ремонт. Имено, пропелерот на советската подморница К-314 длабоко се „зарил“ во трупот и направил дупка со длабочина од шест метри. Станува збор за мошне сериозно место, кое се наоѓа на делот од бродот во кој се наоѓале цистерните со огромни количества керозин. Во таа пригода во морето истекле неколку илјади тони авионско гориво. Имено, чиста среќа е што не дошло да активација на ова гориво кое би предизвикало една општа катастрофа со оглед на тоа што сè освен ова гориво се наоѓаше на американскиот носач на авиони (се споменува цифра од најмалку 10 ракети од класата воздух-земја опремени со нуклеарни боеви глави). Судбината на капетанот на подморницата К-314 Владимир Евсеенко по овој инцидент беше практично запечатена, барем кога станува збор за одговорните должности кои се поврзани со командувањето на борбените пловила. Тој во истиот момент е повлечен од море и е прекомандуван во единиците за крајбрежна одбрана.

Неканет гостин

Без оглед на тоа што за време на судирот на советската атомска подморница К-314 „Ерш“ лошо мина и американскиот носач на авиони „Кити хок“, целата Тихоокеанска флота на некој начин чувствуваше некој вид срам поради ваквиот развој на настаните. Долго очекуваниот реванш се случи 16 години подоцна кога своите поморски другари ги одмаздија руските пилоти.

Имено, во октомври 2000 година во акваторијата на Јапонското море повторно се појави силна група американски бродови кои како и во 1984 година беа предводени од носачот на авиони „Кити хок“. Тие во овој дел дојдоа за заедничка вежба со својот сојузник – Јужна Кореја. Во неутралните води, на околу 600 километри од Владивосток, неколку суперсонични извидувачки авиони Су-24МР на руското воено воздухопловство во брз лет прелета преку американскиот носач на авиони. Авионите на општо чудење на посадата која се наоѓаше на носачот „Кити хок“ се појавија од никаде. Тие летајќи на исклучително ниска висина успеаја да останат неоткриени за радарските капацитети на противникот, каде на тој начин во целост ги пробија системите за ПВО на целокупната ударна групација американски воени бродови со носачот на авиони на чело. Со заглушувачкиот звук на своите мотори, тие на еден мошне спектакуларен начин неколку пати пролетаа над палубата на овој брод каде направија комплетна фотосесија.

Деталите од оваа несекојдневна и уникатна операција на руските новинари им ги пренесоа непосредните учесници кои летаа на авионите Су-24МП, односно командирот на воздухопловната ескадрила на 799 извидувачки авиополк и полковник во пензија Александар Ренев, кој управуваше со еден од овие авиони. „Направив неколку круга над американскиот носач на авиони на височина од некои 30-50 метри. Сето тоа траеше околу 20 минути“, се сеќава рускиот пилот. „Потоа од носачот полетаа ловечките авиони F-18. Еден од нив се обиде да ми се приближи, но во близина се наоѓаше нашата ловечка заштита составена од авиони Су-27, од кои еден влета во просторот меѓу нас. Во таква формација, оддалечени еден од друг 10-15 метри ние го завршивме овој контакт и секој одлета на своја страна“, вели полковникот Ренев.

Но, вториот руски извидувачки авион Американците не сакаа да го пуштат туку-така. Над носачот на авиони во тој момент кружеа неколку ловци F-14. Тие се насочија кон Су-24, следејќи го практично во чекор. Во таа пригода тие се обидоа да извршат притисок врз пилотот така што сакаа да го подигнат колку што е можно повеќе во височина. Имено еден од авионите F-14 се подвлече под Су-24, не дозволувајќи му да се спушти на височина под 500 метри. Во тој момент над носачот на авиони се наоѓаше група американски авиони составени од летала F-14 и F-18. А покрај нив од неговата палуба полета и еден хеликоптер.

„Кити хок“ пловеше од јапонското пристаниште Отару кон водите на Јужна Кореја по завршувањето на поморската воена вежба. Во моментот кога дополнуваше гориво од танкерот наидоа руските борбени авиони. Во негова непосредна близина се наоѓаше само еден разорувач како заштита. Останатите бродови од оваа групација беа раштркани на оддалеченост и до 15 километри. Значи, резултатот од операцијата на руските пилоти може да се карактеризира како целосно изненадување за екипажот на носачот на авиони „Кити хок“.

На руските пилоти им успеа да откријат практично сè: принципот на работа на системот за противвоздушна одбрана кој ги штити ударната групација со носачот на авионот, типовите на овие системи, времето на нивната реакција и системот за обезбедување. Целата операција имаше огромно политичко значење зашто САД во тоа време сметаа дека на целиот Пацифик се апсолутно доминантни и дека Русија нема адекватни флоти кои можат да ѝ се спротивстават на таа доминација.

По овој инцидент дојде до големи потреси во воената морнарица на САД кои беа завршени со смени. Така беше сменет целосниот команден кадар кој раководеше со системите за ПВО на ударната поморска група, како и командантот задолжен за нејзината воздухопловна компонента. Американскиот печат се нафрли на воената морнарица, а почнаа да се појавуваат и мошне комични сведоштва на пилоти и морнари кои биле учесници на овој настан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња