Како Русија се обидела да ѝ ја преземе Индија на Велика Британија?

Наталија Носова
Сте знаеле ли дека на почетокот од 19 век руската армија тргнала во поход за да ја преземе Индија од Велика Британија? Овој поход бил спречен со убиството на рускиот император Павел Први.

Во февруари 1801 година над 20.000 козаци на чело со атаманот Матвеј Платов тргнале од донските степи во незапаметен поход преку Централна Азија и Авганистан во Индија.

Императорот Александар Први се трудел да го оцрни својот татко и затоа овој индиски поход е запаметен како утописка авантура и плод на безумието на умоболниот монарх.

Многу детали од оваа експедиција свесно се предадени на заборавот. На пример, ретко кој знае дека козачкиот поход бил само мал дел од замислениот руско-француски упад во Индија што го смислил лично Наполеон Бонапарта.

Разочарување во Англичаните

Во текот на последната деценија од 18 век напорите на сите владари на Европа биле насочени кон уништување на револуционерната Франција за заразна идеја да не се прошири и во нивните земји.

Во овие војни учествувала и Руската империја. Суворов ги извел своите прекрасни походи во Италија и во Швајцарија, а ескадрилата на Ушаков ги „бркалa“ Французите по Средоземното море.

Павел Први во бела одора.

Но, како што минувале времето императорот Павел Први сè повеќе согледувал дека Русија нема никаква корист од конфронтација со Французите. Додека руските трупи проливаат крв, Англичаните и Австријците се кријат во сенката зад нивниот грб и уживаат во плодовите на руските победи.

Кога во 1800 година Велика Британија ја зазеде Малта, тоа беше последната капка во чашата на трпението. Англичаните го потиснаа францускиот гарнизон и го вратија островот на Малтешките витези, и веднаш од Малта направија своја колонија и воено-поморска база. Рускиот император Павел бил велик магистер на Малтешкиот ред и тоа го доживеал како лична навреда.

Пријателството со Наполеон

Павел ги прекинал сојузничките односи со Британците и почнал да се зближува со Франција, која претходно му била непријател, а сега со задоволство ја прифатила подадената рака.

Првиот конзул на Француската Република Наполеон Бонапарта ослободил 6.000 заробени руски војници, ги вооружил, им дал знамиња и организирал парада по која ги испратил дома. Рускиот император високо го оценил овој гест. Тој, пак, од своја страна, дури и ги протерал од земјата францускиот крал во прогонство Луј XVIII кому претходно му дал прибежиште.

Страните се договориле заеднички да дејствуваат против Велика Британија која според нивното мислење била главниот извор на интриги и немири во Европа. „Вашиот владар и јас ќе го измениме лицето на овој свет!“, му рекол Наполеон на рускиот амбасадор во Париз.

Идејата за истоварување во Англија веднаш била отфрлена, дури ни обединетата руско-француска флота немала многу шанси против „господарката на морињата“.

Тогаш Наполеон осмислил и преложил план за заеднички напад на двете сили на Индија, како главен извор на британското богатство. Тој имал намера да ја освои Индија уште од инвазијата на Египет и на Сирија.

План на походот

Според планот било предвидено францускиот контингент со 35.000 војници и со лесна артилерија да стаса до Астрахањ и тука да се соедини со руската армија од 35.000 војници (15.000 пешадинци, 10.000 коњаници и 10.000 козаци).

Било замислено обединетите руско-француските сили преку Каспиското море од Астрахањ да се префрлат во персиски Астрабад (денешен Горган). Целата оваа прва етапа, од границата на Франција до Персија требало да трае 80 дена.

Во втората етапа, која би траела 50 дена, сојузничките единици би марширале и би стасале од Астрабад до авганистанските градови Херат, Фарах и Кандагар и од север би влегле на територијата на современ Пакистан, а пота подлабоко би продреле во Индија.

Покрај руско-француската армија која броела 70.000 војници, во походот требало да учествува и руската далекоисточна флотила, како и одделен одред козаци. На крајот од целата армија само овој козачки одред успеал да тргне кон Индија.

Царот Павел лично предложил на челото на оваа експедиција да биде генералот (од 1804 година маршал) Андре Масена.

Поход осуден на неуспех

Портрет на М.И. Платов

Походот на козачката војска на чело со атаманот Матвеј Платов бил првата фаза од заедничката операција. Погрешно се мисли дека тоа била спонтана одлука на императорот, зашто походот бил подготвуван долго и темелно.

На 28 февруари (13 март) 1801 година козаците тргнале од Дон во правец на Оренбург. Оттаму требало да поминат низ казашките степи, низ земјата на Хивинскиот канат и Бухарскиот емират (денес Туркменистан и Узбекистан), да минат низ Авганистан и да стасаат до територијата на денешен Пакистан.

Оваа патека за козаците не била во толкава мера terra incognita колку што се мисли. Руската дипломатија се потрудила да воспостави дипломатски односи со номадите во казашките степи.

Претпоставувајќи дека хивинскиот и бухарскиот владар нема да бидат претерано дружељубиви кон козаците, Русија воспоставила сојузнички односи со нивниот сосед, Ташкентската држава која била подготвена да ѝ обезбеди на козачката војска провијант и придружба до Авганистан.

Упад и поделба на Индија

За време на индискиот поход британските поседи во Индија не биле доволно стабилни. Британската источноиндиска компанија која се занимавала со колонизација на овој регион ги контролирала само источните и јужните територии на потконтинентот.

Во случај на успешен поход, козачките единици можеле да стасаат и до државата Сика, како и до Мратската империја, најголемиот државен ентитет во Хиндустан. Обете држави со години се спротивставувале на британската експанзија, така што кон новиот актер во Индија можеле да заземат малку подобар став – ако не сојузнички, тогаш благонаклоно неутрален.

Британската војска расфрлана по поседите на Британската источноиндиска компанија по бројност била слична на козачките единици – броела над 22.000 војници, не сметајќи ги слабите доброволни сили на мобилизираното локално население.

Против козаците на Платов и корпусот на Масена од 70.000 војници Британците не би имале големи шанси. Згора на тоа, Павел и Наполеон сметале дека ќе ги зголемат своите единици кога ќе им се придружат доброволци од автохтониот народ што Британците го угнетуваат.

Една од единиците во Втората Маратска војна.

Кога ќе излезат на крај со Британската источноиндиска компанија Французите планирале да се зацврстат во јужниот дел на потконтинентот, додека Русите би воспоставиле свое влијание на север.

Плановите се уриваат

Но, не било судено овој упад во Индија да биде реализиран. Императорот Павел Први бил убиен на 11 (23) март 1801 година во завера во која важна улога одиграла Велика Британија. Еден од првите укази на новиот император Александар Први бил козаците на Платов да се вратат дома.

Убиството на рускиот цар Павел Први

Наполеон гневно реагирал на смртта на својот руски сојузник: „Мене ме утнаа на трети нивоз (се има во вид атентатот на 24 декември 1800 година по францускиот револуционерен календар, за кој се осудени Британците), но ме погодија во Санкт Петербург“.

Историјата направила нагол пресврт Русија повторно ќе се придружи на антифранцуската коалиција и ќе поднесе многу полоши порази пред руските единици да влезат во Париз.

Британците децении подоцна ќе ги столчат државите Марата и Сика и така фактички ќе ја обезбедат својата доминација во Индија до средината на 20 век.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња