Олимписки игри се одржани во Москва во јули и во август 1980 година, за првпат во СССР и во Источна Европа. Пред нивниот почеток, за само неколку години подигнати се околу 80 објекти, меѓу другото, во Талин, Санкт Петербург, во Киев и во Минск, каде исто така се одржуваа етапи од натпреварувањата. Најмногу спортски објекти, секако, се изградени во Москва, но тоа не беа само спортски комплекси, ами цели станбени реони и паркови. Денес, речиси 40 години подоцна, и понатаму оставаат импресивен впечаток.
Најголемиот затворен стадион в Европа кој се наоѓа на московскиот Проспект Мира, е подигнат за само 2.5 години. Составен е од два објекти: базен и стадион со елипсен облик за 30 илјади гледачи.
„Олимписки“ си најде своја намена и по големиот спортски настан. Претворен е во една од најпопуларните концертни сали, во која имаат настапувани ѕвезди како што се Мадона, Пол Макартни и Леди Гага. Освен тоа во овој комплекс се отворени и бројни спортски секции, меѓу кои и секцијата за пливање. Тука се одржува и саем за книги, а исто така е отворен и голем трговски дисконт-центар за популарни брендови.
Во 2019 година стадионот и базенот се затворени поради реконструкција. Најавено е дека за две години спортските сали ќе бидат обновени, а исто така дека и во самиот комплекс ќе биде отворено кино и кафе-ресторан.
Овие згради на југозападот од Москва локалните жители ги нарекуваат „бублики“ (вид руски ѓеврек) поради необичниот облик. Била испланирана изградба на пет згради во облик на олимписките кругови, но архитектонскиот експеримент запрел на само две. Излегло дека овој облик не е поволен во експлоатацијата. Имено, се појавиле проблеми со звучната изолација и со одржувањето.
Секоја зграда има над илјада станови, а да се пронајде еден од 26 влеза што ви е потребен, не е лесна задача. Зградите се наоѓаат недалеку од филмското студио „Мосфилм“ и затоа често се појавуваат во советските филмови, како на пример во оскаровецот „Москва не им верува на солзите“.
Нов терминал на московскиот аеродром е отворен специјално за Олимпијадата. За време на натпреварувањето има примено над 460 илјади странски гости, Денес терминалот Г прима летови од многу европски авиопревозници. А, тука се наоѓа и најголемиот фри-шоп на аеродромот Шереметјево. Ако имате време додека го чекате летот, можете да наминете и во музејот на историјата на Шереметјево кој се наоѓа тука.
Во осумдесеттите години од минатиот век ова бил најголемиот велодром во светот. Градбата од птичја перспектива потсетува на огромна пеперуга, а на патеките може да се развие брзина до 100 километри на час. На овој велодром поставени се околу 200 рекорди. Тој и денес е во одлична состојба.
Зградите на југозападот од Москва во кои биле сместени учесниците на Олимпијадата, денес се обични станбени згради во кои живеат околу 15.000 московјани.
Тоа се обични сендвич панел згради од 15 и од 17 ката. Локалните жители наследија и убаво уреден парк со велосипедски патеки и со спортски терени. Во зградата на поранешната дирекција на Олимпијадата сега се наоѓа Музејот на одбраната на Москва, а во културниот центар има театар и филхармонија.
Во проектирањето на хотелот од 25 ката на Проспект Мира учествуваа француски архитекти и југословенски градежни фирми, а на отворањето настапи познатиот француски шансониер Џо Дасен.
По Олимпијадата хотелот ги примаше најголемите странски делегации, тука се снимани телевизиски емисии и беа одржувани меѓународни фестивали. Може да се види и во познатиот руски филм за луѓе со натприродни способности „Дневна стража“: по заоблената фасада на хотелот ита спортски автомобил.
Олимпискиот прес-центар започнаа да го градат во 1976 година. Тој има неколку сали за конференции, кино и концертна сала. Денес во ова огромно здание покрај метрото „Парк куљтури“ се наоѓа новинската агенција РИА Новости.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче