Пет фабрики од царска Русија кои работат беспрекорно до денешен ден

ЗИЛ

ЗИЛ

Константин Кокошкин/Russian Look/Global Look Press
Некои домашни фабрики работеле како во царска Русија, така и за време на комунистите, за и денес да продолжат да функционираат нормално. Иако имаат над сто години, модернизирани се и ги исполнуваат барањата на современиот пазар.

Руското Царство не можеше да се нарече индустриски развиена земја. Во 1913 година во градовите живееле само 15 отсто од населението, а Русија во текот на советската ера успеа да премине во категоријата на индустриски стопанства, кога според податоците на некои историчари, помеѓу 1928 и 1941 година, биле отворени 9.000 нови фабрики. Ова, сепак, не значи дека во Русија пред револуцијата воопшто немало важни фабрики. Некои од нив успешно ги преживеале и Февруарската и Октомвриската револуција, двете светски војни, национализацијата и приватизацијата, и денес и понатаму успешно произведуваат чоколада, техника, бродови, обувки и муниција.

1. Казањската фабрика за барут

Најстарото претпријатие на нашиот список е изградено во времето на Екатерина Велика, во 1788 година. Тогаш тука се произведувал барут за пушките и топовите. Фабриката е проширена и до почетокот на 19 век се произведени речиси 500 тони барут. Околу погонот никнаа цели населби.

„Фабриката со својата голема населба живее целосно одвоено од останатите жители на Казањ“, запишал историчарот и етнограф Николај Загоскин во 1895 година. Мирниот одвоен живот го прекинува трагедијата од август 1917 година. Пожарот кој е предизвикан од неизгаснато догорче ја уништил моќната фабрика, кога изгореле милион проектили и стотици згради. Фабриката ја обнови советската власт, а за време на Втората светска војна тука се произведувале проектили за легендарните фрлачи на ракети со повеќе цевки „Катјуша“. Денес во фабриката и понатаму се произведува барут за артилериско и за стрелечко оружје.

2. Кировска фабрика

Оваа петербуршка фабрика е „родена“ во 1801 година, но стана позната кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век, кога се нарекувала „Путиловски завод“, според името на сопственикот. Претпријатието произведувало локомотиви, вагони, муниција, проектили, топовски кули за бродови. Тоа бил најголем металуршки и инженерски центар на Руското царство. Познати се неговите погони и политички активни работници. Штрајкот на „путловците“ од 1905 година била искра која го разгорела огнот на првата, неуспешна револуција. А, во 1917 година многумина работници од фабриката „Путиловски“ се приклучиле на „Црвената гарда“, воена организација на болшевиците.

Во СССР фабриката е преименувана во чест на советскиот политичар Киров. Продолжила со работа и за време на германската опсада на Ленинград 1941-1944. Две и пол илјади работници умреле од глад, но во Кировската фабрика во текот на целата војна се произведувани и поправани тенкови, вклучувајќи го и познатиот тежок тенк КВ. Денес оваа фабрика произведува земјоделски машини.

3. Концернот за кондиторски производи „Бабаевски“

Во историјата која е долга 212 години оваа московска компанија минала пат од дуќан на поранешен кмет до голем индустриски комплекс. На почетокот на 19 век еден кмет отвори мала работилница за производство на слатки од овошје. Во 1899 година веќе испорачувал производи за царскиот двор. До 1922 година претпријатието се нарекувало „Партнерство на А.И. Абрикосов и синовите“(Товарищество А. И. Абрикосова и сыновей). Фабриката работела во советско време, а работи и денес, па така во обичните супермаркети се продаваат чоколади „Бабаевски“. Добра идеја за сувенир од Русија.

4. ЗИЛ (до револуцијата АМО, за време на Сталин – ЗИС)

Изградбата на оваа фабрика започнала во 1916 година, но не завршила пред револуцијата. Неколку години тука се составувале странски автомобили по лиценца, а својот прв камион фабриката го има произведено во 1924 година. Производството се развивало мошне брзо и за време на Втората светска војна – камионите ЗИС биле втори според застапеност во Црвената армија. ЗИС произведувала и луксузни лимузини. По распадот на СССР фабриката го изгуби своето место и до 2016 година практично престана да постои. На подрачјето на поранешната фабрика планирана е изградба на деловен и станбен простор. Но, во работилницата број 6 има живот. Тука и понатаму по нарачка се произведуваат класични лимузини ЗИЛ.

5. Балтичка фабрика

Ова петербуршко бродоградилиште е основано во 1856 година, и денес е водечко, исто како што било пред сто години. Во 1903 година Балтичката фабрика ја произвела првата руска борбена подморница, а во 2016 година во вода го пушти најголемиот нуклеарен мразокршач на светот „Арктика“. Во ова бродоградилиште се градат бродови за извоз, како што се танкери за Германија и фрегати за Индија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња