Кога Американците ги потсетуваат на тоа дека нивната Алјаска некогаш била руска територија, тие само ги креваат рамениците. Но, кога ќе им кажат дека нивниот тропски пацифички скапоцен камен Хаваи, речиси склопиле сојуз со руските цареви, Американците се во шок и неверување.
Русија и Хаваи во 2017 година прославија два века односи, но веќе по една година, кон крајот на 2018, локалната руска заедница остана изненадена кога нивното историско наследство ненадејно беше подвргнато на ревизионизам.
Неволите започнаа во ноември 2018 година кога Здружението на хавајските граѓански заедници на својата 59 годишна конвенција службено упати жалба до Одборот за земјиште и природни ресурси на Хаваи, барајќи државниот парк Руска тврдина Елизабет (односно Елисавета) отсега да се вика Паулаула (Pāʻulaʻula), што е традиционален домороден назив за ова подрачје.
„Имињата на териториите мораат да го одразуваат нашето културно наследство и неговиот историски и географски интегритет“, наведува Здружението во својата жалба.
„Во текот на годината местата се преименувани и нашите древни имиња излегоа од употреба...“, вели Налани К. Браун, стручњак за туризам при Канцеларијата за економски развој на округот Кауај.
Руската заедница во САД, непрофитна општествена организација во која е собрана руската емиграција, не се сложува со тврдењето дека „новиот назив на тврдината ќе ја избрише уникатната и сосема неоткриена историја“ која ги поврзува хавајскиот и рускиот народ. „Најлогично и најмирољубиво решение е додавање на изворното име на веќепостоечкото историско“, велат во Руската заедница (The Russian Community Council of the USA - RCC).
Компромис за руската заедница е местото да се вика Russian Fort Elizabeth / Pāʻulaʻula.
„Се спротивставуваме на отстранувањето на зборот 'руски' од називот зашто нема да биде јасно за која Елизабет станува збор. Луѓето најверојатно ќе го асоцира на англиската кралица Елизабета, а не на руската царица Елисавета“, додава Елена Брансон, претседател на Руската заедница. „Се надеваме дека хавајската заедница ќе направи пријателски гест и ќе го остави името 'Руска тврдина Елизабет'. Тоа би било во духот на различноста, мултикултуралноста и пријателството“.
Со своите разурнати бедеми кои денес се издигаат повеќе од три метри (изворно биле високи шест метри), тврдината е последен видлив потсетник за присуството на Русите на архипелагот. Сепак, хавајските националисти не се заинтересирани за компромис.
„Одлуката ова подрачје некако да се нарече или да се преименува му припаѓа на народот на Кауај, како и одлуката за тоа кое име ќе биде примарно“, вели Мауна Кеа Траск, поранешен окружен обвинитил, во писмото испратено до Конгресот на руските Американци, друга руска емигрантска непрофитна организација.
Руската тврдина на островот Кауај во 1816 година ја подигнале истражувачите вработени во Руско-американската компанија од Санкт Петербург, а напуштена е неколку години подоцна кога Русите од островот биле избркани од страна на американските трговци, создавајќи антишпионска хистерија за да си обезбедат комерцијален монопол.
Освен оваа тврдина Русите имаат изградено уште две – Форт Александар и Форт Барклај де Толи – но, од нив не останало речиси ништо. Сите три се изградени како дел на неслужбениот сојуз со поглаварот Каумуали, последниот независен владетел на островот. Како што вели Елена Брнсон, Каумуали барал руски тврдини за да се одбрани од соперничкиот крал од другите хавајски острови. Русите, меѓутоа, никогаш не биле вмешани во овој спор.
Хавајското кралство во деведесеттите години од деветнаесеттиот век го уништиле и го освоиле хавајските корпорации со помош на платеници и војска. До 1920 година останале само околу 20 илјади вистински Хавајци, во споредба со околу 500 илјади во осумдесеттите години од осумнаесеттиот век. Денешната растечка свест за оваа трагедија потекнува од националистичката преродба, како и повикувањето на историска и на социјална правда.
„Ја разбираме желбата на Хавајците да ја зачуваат и да ја славата својата култура и својата историја, и враќањето на изворните топоними е важен дел од овој процес“, вели Брансон. „Русите никогаш не биле вмешани во воените операции и во други трагични настани на Хаваи; Русија била сојузник, а пример за тоа е изградбата на овие тврдини“.
Државните функционери велат дека не постои никаква желба да се избрише руската историја или да се игнорира важната улога што Русите ја одиграле во планирањето, проектирањето и почетната изградба на тврдината. Една американска карта од 1885 година јасно ја споменува „старата руска тврдина“, а американската влада го има прогласено ова место за национален историски споменик во 1962 година.
„Државните паркови сакаат да се вклучат во процесот кој точно ја одразува историјата на локалитетот, ја почитува изворната хавајска култура и ја признава улогата на руско-американската компанија“, изјави Курт Котрел, управник на Хавајски државни паркови на 28 декември 2018 година. „На ова (прашање) на големо се работи“.
Направени се планови урнатините на Руската тврдина да се претворат во културно-истражувачки центар за проучување и зачувување на руско-хавајското културно наследство и историја. Постои и веб-страница за популаризација на оваа цел.
Руската заедница укажува на други локации во САД, како што е Рашан хил во Сан Франциско, кое го има добиено името во педесеттите години од деветнаесеттиот век кога руските доселеници откриле мали руски гробишта на врвот на ридот. Гробиштата се отстранети, но името и денес постои и никој не предлага зборот „руски“ да се тргне и да се замени со некои назив на американските домородни племиња.
Натали Сабелник, претседател на Конгресот на руските Американци, на Руската тврдина укажува како на „симбол на пријателските односи... помеѓу Русија и Соединетите Американски Држави. Не менувајте го името на тврдината Форт Елизабет. Да продолжиме со соработката за обновување и враќање на тврдината на картата, на тој начин што сите заедно можеме да работиме на овој проект. Кога работиме заедно сите ќе добиеме“.
Кога станува збор за иднината, Котрел нагласува дека каква било конечна одлука може да донесе само Управата за земјиште и природни ресурси на Хаваи, но конечна одлука не се очекува во следниве неколку месеци. Хавајските државни паркови во меѓувреме ќе го проучат ова прашање и можеби ќе биде најдено решение кое ќе ги обнови пријателските односи помеѓу руската и хавајската заедница.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче