Пет факти за човекот кој ги победи колерата и чумата

Public Domain
Овој научник, роден во Руската Империја, има спасено милиони човечки животи, но неговото име им е непознато на многумина.

1. Борба против скептиците

Владимир Хавкин или Волдемар Хафкин (како што е попознат надвор од Русија) има создадено вакцини против тешки болести кои однеле милиони човечки животи.

Најпрво се занимавал со колерата. Пандемијата на колера владеела во Азија и во Европа додека тој на Пастеровиот универзитет во Париз работел на вакцината против оваа болест. Само во периодот од 1877 до 1890 година во Индија од колера умреле над еден милион луѓе.

Тогаш дури ни научните кругови не верувале дека може да се направи вакцина против колерата и повеќе се потпирале на примената на хигиенски мери. Младиот научник од Русија не се обѕирал на ова мошне распространето убедување на уважените колеги и не се откажувал од својот научен пристап. Тој во 1892 година својот живот го изложил на опасност со тестирање на вакцината на себе и постигнал успех. Сепак, оваа вест е дочекана со голема скепса. Дури и познатиот германски бактериолог Роберт Кох рекол дека е „премногу убаво за да биде вистинито“. На Хавкин му биле потребни примери во практика за да ги убеди своите колеги дека навистина открил средство против една од најсмртоносните болести која со векови го десеткувала човештвото.

2. Целосна посветеност на професијата

Но, британските власти покажале интерес за пронајдоците на овој епидемиолог. Велика Британија сакала да го запре ширењето на болеста во Индија. Затоа го испратила овој научник во својата колонија каде тој организирал производство на вакцината и лично учествувал во вакцинирањето на над 40.000 луѓе. Благодарение на неговиот труд смртноста била десеткратно намалена.

Небаре трагедијата со колерата не била доволна, индискиот град Мумбај во 1896 година го зафатила и бубонска чума. Британските власти повторно му се обратиле на Хавкин. Тој ја создал вакцината за само три месеци. Некои негови помошници не ја издржале таа тешка работа, пожртвуваноста и притисокот, па затоа го напуштиле. А, Хавкин повторно ја проверил вакцината на себе пред да им ја стави на располагање на Индијците. Таа првобитна вакцина не можела да понуди целосна заштита од болеста, но двократно ја намалила опасноста од зараза. Тоа била првата ефикасна вакцина против чума. На Хавкин му било оддадено признание така што во 1897 година бил прогласен за витез.

3. Вера и револуција

Научната дејност на Хавкин не била поврзана со Русија иако тој бил роден во Руската Империја, на територијата на денешна Украина. Студирал на Универзитетот во Одеса, но не можел да остане таму. По националност бил Евреин, а пред револуцијата од 1917 година правата на Евреите во Русија биле ограничени. Доколку студент од еврејска националност сакал да ја продолжи кариерата на универзитет како предавач, морал да прими православие. Хавкин бил убеден јудаист и не сакал да се откаже од својата вера.

Но, тоа не била единствената причина. Тој бил вклучен и во илегалното дејствување на левичарите и сонувал за социјалистичка револуција во Русија, поради што бил апсен. Но, се повлекол кога активистите избрале терористичка тактика во борбата против царските власти.

4. Чехов го забележал

Професорот Илја Мечников

Токму тогаш професорот Иљја Мечников, негов ментор во Одеса, го повикал да премине на Универзитетот во Лозана, а потоа во Париз на Пастеровиот институт. Во Париз тој работел само како помошник на библиотекарот, но сепак ги развивал своите идеи заедно со најголемите умови во оваа област. Мечников во 1908 година ја добил Нобеловата награда за проучувањето на имуниот систем на организмот.

Антон Чехов, кој по професија исто така бил лекар, ја критикувал ситуацијата во Русија која ги принудила Хавкин да емигрира. „Чумата не е толку страшна... Ние веќе имаме вакцини кои се покажаа како ефикасни. Патем, ги имаме благодарение на рускиот доктор Хавкин. Во Русија тој е сосема непознат, додека во Англија одамна е прославен како голем филантроп“, напишал Чехов, одговарајќи на стравувањата од ширење на вирусот во Русија.

5. Спасени милиони животи

Хавкин се соочил со скепсата на своите колеги, но и со недовербата на локалното население, односно луѓето кои сакал да ги спаси. Кога рускиот лекар со неколкумина свои индиски колеги пристигнал во едно село во близина на Калкута да ги подели вакцините против колера, биле пречекани од куп гневни мештани кои одбиле да ја примат вакцината. Потоа селаните почнале да им се закануваат на лекарите и да ги гаѓаат со камења. Наместо веднаш да се повлече, доктор Хавкин веднаш ја соблекол виндјакната, ја раскопчал кошулата и замолил еден колега да му даде инјекција. Оваа постапка на многумина им оставила силен впечаток. Тогаш над 100 луѓе се согласиле да се вакцинираат и никој од нив не заболел од колера.

Кога станува збор за вакцината на Хавкин против чума, таа во 1909 година била искористена за вакцинирање 8 милиони луѓе, а во 1940 година со неа се вакцинирани 35 милиони. Малата лабораторија која ја основал во Мумбај прераснала во огромна научна установа за проучување бактериологија и имунологија.

Во 1925 година овој институт почнал да го носи името на Хавкин. Еден од раководителите на институтот напишал: „Луѓето (од Индија) добро знаат дека Хавкин ги спасил од смрт, од страшната пандемија на чумата“.

Прочитајте уште: Четири познати руски лекари од 19 век кои ги променија правилата во медицината

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња