Како американските научници спасија советско девојче на почетокот на Студената војна

Getty Images
Деветгодишната Ирина Цукерман во 1946 година беше првото советско дете на кое му беше спасен животот со помош на стрептомицин, лекот кој тогаш беше откриен. Овие напори беа преземени без оглед на огромните бирократски и административни препреки.

Селман Ваксман, пронаоѓачот на стрептомицинот, ја објави фотографијата на Ирина во својата прва книга за овој голем чекор во медицината. Таа не му била ниту познаница, ниту роднина – Ваксман се одѕвал на повикот од Советскиот Сојуз и помогнал во спасувањето на здравјето на Ирина.

Селман Ваксман, пронаоѓачот на стрептомицинот.

Советските власти тогаш решавале други горливи прашања, така што нејзините родители морале самите да се снаоѓаат.

Само еден грам

Во Советскиот Сојуз по војната во 1946 година туберкулозниот менингитис (инфекција на заштитната мембрана на централниот нервен систем) бил неизлечива болест. Ваквата дијагноза била еднаква на смртна пресуда. Кога познатиот советски физичар Венјамин Цукерман дознал дека неговата деветгодишна ќерка Ирина ја има оваа дијагноза, сфатил дека мора да преземе нешто зашто пациентите со оваа болест умирале во тек на три недели.

Како и многумина советски научници, Цукерман слушал забранети радиостаници. На денот кога на неговата ќерка ѝ била поставена дијагнозата, на лондонската радиостаница слушнал дека е направен и успешно тестиран нов препарат за лекување на оваа болест под назив стрептомицин. Благодарение на своите врски Цукерман дознал дека само еден грам стрептомицин е веќе испорачан во Москва, но никој не ја знаел вистинската доза за овој лек.

Венијамин Аронович, таткото на Ирина Цукерман

Пријателот на Цукерман Израел Галинкер дошол на идеја која во тоа време изгледала лудо – да се јави во САД и да ги најде лекарите кои веќе го тестирале овој препарат, па со нив да се консултира во врска со дозирањето. Во тоа време обидите за воспоставување контакт со „непријателската империјалистичка држава“ често резултирале со обвинувања за шпионажа но Цукерман и Галинкер и покрај тоа решиле да дејствуваат веднаш, без да мислат на опасноста. Телефонирале од приватниот стан на семејство Цукерман, од каде било потешко да се детектира повикот, одошто од работа. Го знаеле само името на болницата. Тоа била клиниката „Мајо“ во Минесота.

Спасоносно криумчарење

Благодарение на заедничките напори на советските и на американските оператори за интерконтинентални телефонски линии, Галинкер успеал да поразговара со лекарот Корвин Хиншо, човекот кој со стрептомицин прв успешно го излекувал туберкулозниот менингитис. И покрај лошата врска Хиншо успеал да му објасни на Галинкер дека на девојчето треба да му се дава 0.1 грам од супстанцата на секои 24 часа. Но, еден грам не бил доволен за спасување на малата Ирина.

Доктор Корвин Хиншо.

Во САД во текот на четириесеттите години од минатиот век стрептомицинот бил третиран како „стратешки лек“, така што Конгресот го контролирал неговиот пласман и извозот. Не постоел легален начин препаратот да се продаде на непријателскиот СССР. За среќа, Лина Птерн, шведско-советска биохемичарка, успеала да го убеди својот брат во САД да ѝ испрати минијатурни дози од овој препарат. Сите луѓе во советските научни кругови кои ја имале таа можност многу сакале да ѝ помогнат на малата Ирина Цукерман. Таа не била единственото дете кое заболело од оваа смртоносна болест – стотина други семејства се надевале на спас.

По половина година Селман Ваксман лично бил повикан во Москва. Со оглед на тоа дека бил упатен во ситуацијата тој тајно пренел 20 грама стрептомицин. Тоа било доволно и за Ирина и за други деца. Наскоро Советите развиле сопствено производство на стрептомицин, така што до 1948 година биле спасени над 900 деца.

Неочекувана помош за глувите

Телефонскиот повик на Галинкер во САД не останал незабележан. Сите советски физичари во тоа време биле под лупа. Галинкер бил обвинет за шпионажа поради контактот со Хиншо и бил осуден на смрт. Во затворската ќелија минал 40 дена, чекајќи егзекуција, по што пресудата му била заменета со казна од 25 години затвор. За среќа, во 1956 година, седум години подоцна, неговите влијателни пријатели успеале да го ослободат. „Животот на Ирина многу ме чинеше“, изјави Галинкер. „Но, вредеше“.

По излекувањето Ирина целосно го изгубила слухот. Со оглед на тоа дека израснала во семејство на научници, завршила на Московскиот државен технички универзитет и целиот живот се занимаваше со изучување на методите на комуникација меѓу глувите. Откриваше и тестираше слушни апарати, и се занимаваше со адаптација на Морзеовата азбука за глувите. Почина во октомври годинава во истата зграда каде нејзините родители го минале целиот свој живот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња