Како Советите ги користеле кучињата-„самоубијци“ против нацистичките тенкови

Архив Нинел Устинове/russiainphoto.ru
Кога во 1941 година Германците тргнале на Москва, советските трупи биле во речиси безнадежна ситуација зашто немале доволно ефикасно противтенковско оружје. Во очајнички обид да се одбрани татковината, за уништување на непријателските тенкови користени биле обучени воени кучиња.

Во првите години од Втората светска војна, советските „противтенковски“ кучиња биле голема пречка за Германците во нивната офанзива. Војниците на кучињата товареле експлозив и ги испраќале на непријателската оклопна техника. Денес овој факт може да изгледа загрижувачки за активистите за правата на животните, но треба да се има предвид колку била морничава перспективата по влегувањето на моќниот и зол непријател на Москва.

Митралезите на германските тенкови биле поставени премногу високо за да можат да гаѓаат толку ниски цели како што биле кучињата-„самоубијци“, а Германците не можеле лесно да излезат од тенкот и со пушки да пукаат на кучињњата зашто со оган ги покривала советската пешадија.

Германските тенковски единици често го запирале нападот кога на бојното поле ќе виделе војници со кучиња. Единствен ефикасен метод за спречување на „кучешкиот напад“ било користењето на фрлач на пламен. Често во текот на офанзивите германските единици ги убивале сите кучиња што се наоѓале по патот. Дури и германската авијација отворала оган на нив,

Потеклото на „самоубиствените“ кучиња

Советскиот Сојуз започнал да тренира вакви кучиња уште во текот на триесеттите години од минатиот век, многу пред почетокот на Големата татковинска војна.

„Противтенковските“ кучиња биле обучени да ползат под непријателскиот тенк со 12 килограми експлозив на грбот. Од експлозивот ѕиркала долга рачка и го активирала во контакт со целта.

Кучињата биле истренирани така да се мушнат под тенкот. Најпрво неколку дена ги оставале без храна, а парче месо се наоѓало под тенковите за вежби, па кучињата така се навикнале да го бараат под секој тенк. Исто така биле обучени да не се плашат од тешката артилерија и да му се прикрадуваат на тенкот одзади за да го избегнат огнот од непријателскиот митралез.

Воeни кинолози на велосипеди. Парада на Црвениот плоштад, Москва.

Првите „противтенковски“ кучиња во Црвената армија започнале да се користат во 1939 година, а по две години тие стапиле и во вистински борбени дејствија.

Катастрофален неуспех на првата акција

„Противтенковските“ кучиња од Првиот специјален баталјон (212 кучиња и 199 дресери) учествувале во борбата во близина на Москва.

Првиот поголем напад на кучињата врз тенковите завршил катастрофално зашто советската пешадија не ги покривала кучињата со оган, така што Германците без тешкотии ги убиле. Покрај тоа, дресерите направиле голема грешка со тоа што во обуката користеле советски тенкови со дизел-мотори. Германските тенкови користеле бензин, а кучињата биле навикнати на мирис на нафта, така што биле целосно збунети во оваа акција.

Многу војници загинале, а преживеаните се предале заедно со кучињата. На сослушувањата дресерите го откриле методот на обука на „противтенковските“ кучиња.

Борби на сите фронтови

Првиот специјален баталјон бил уништен, но Советскиот Сојуз продолжил да ги користи кучињата против Германците, само што е променета тактиката и е обновена дресурата. Кон крајот на 1941 година на фронтот учествувале над 1.000 кучиња, а веќе следната година ги имало над 2.000.

Кучињата-„самоубијци“ од 21 јули 1942 година влијаеле на исходот на големата битка кај Таганрог на брегот на Азовско море.

Кога непријателите со 40 тенка уништиле батерија противтенковски топови и ги откриле положбите на морнаричката пешадиска бригада, четвртата чета противтенковски кучиња била единственото оружје меѓу командниот пункт и Германците.

Во напад истовремено тргнале 56 кучиња. Уништени се многу непријателски тенкови. Овие кучиња го запреле нападот и дури ги принудиле Германците да се повлечат од бојното поле.

Одбрана на Ленинград, 1943 година

Во текот на опсадата на Ленинград група кучиња кренала во воздух непријателски тенкови и утврдувања. Тие вешто нашле премин низ бодликавата жица, го лоцирале непријателот и потрчале кон влезот во бункерите каде почувствувале дека има луѓе. Успеале да кренат во воздух неколку бункери и магацини за муниција.

Непроценлив придонес за победата

Кон средината на 1943 година ситуацијата на фронтот се сменила. Црвената армија почнала да добива поголеми количества противтенковско оружје кое не било доволно во првите денови на војната. Тогаш била запрена подготовката на кучињата-„самоубијци“.

Овие кучиња во текот на војната уништиле 304 непријателски тенка и можеби пресудно влијаеле ситуацијата на фронтот да се измени во корист на Советскиот Сојуз и така дале голем придонес кон кршењето на нацизмот.

Припадници на службата за деминирање со кучиња на Парадата на Победа на Црвениот плоштад во Москва.

Кога советската армија веќе била сигурна во победата, преостанатите кучиња дополнително биле обучувани за откривање мини. Многу од нив ја преживеале војната.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња