Шестиот Сталинов удар: Како Црвената армија ја уништила 14 СС доброволечка дивизија „Галичина“

Слободан Ѓукиќ
Овој месец се навршуваат 74 години од почетокот на Лавовско-Сандомешката стратегиска офанзивна операција на Црвената армија, попозната како „Шестиот Сталинов удар“, во која е поразена 14 СС доброволничка гренадирска дивизија „Галичина“. Во стравотниот налет, единиците на Црвената армија го ослободиле Лавов и големи делови од Јужна Полска, задавајќи смртоносен удар на нацистите од Западна Украина.

Кон средината на 1944 година стратегиската ситуација на целиот Источен фронт била мошне поволна за единиците на Црвената армија. Благодарение на низа крупни ослободителни операции кои во воено-историската литература се квалификуваат како „Сталинови удари“ создадоа услови за дефинитивно ослободување на западните делови на СССР, но и на цела Источна и Југоисточна Европа од германскиот окупатор и неговите сателити, сè до неговото конечно кршење.

Црвената армија едноставно повеќе не можела да запре. Не помогнало ни тоа што практично целиот Вермахт и Вафен-СС заедно со легионерските и со квислиншките формации учествуваа во борбените операции на Источниот фронт, ниту тоа што нацистичкиот министер за пропаганда д-р Јозеф Гебелс прогласи „Тоталер Крејг“ (Целосна војна) против непријателот кој продирал од Истокот кон Берлин. Накратко, не постоело ништо што би можело да му парира на, во историјата, незабележаниот обем и интензитет на борбени операции кои на фронтот со широчина од неколку илјади километри ги наметнала Црвената армија. Нацистичка Германија на сите начини барала модус кој би можел да се спротивстави на СССР кој веќе три години се наоѓаше во општонародната војна, во која за опстанок за оружје се фати речиси целото борбено способно население и ангажирани се севкупните материјални ресурси.

Шестиот по ред „Сталинов удар“ бил Лавовско-Сандомешката стратегиска офанзивна операција на Црвената армија чија цел била дефинитивна пресметка со нацистичките формации кои се наоѓале на просторот на Западна Украина и на Југоисточна Полска. Операцијата била изведена во периодот од 13 јули до 29 август 1944 година.

Пред самиот почеток на операцијата линијата на фронтот се протегала нешто позападно од градовите Ковељ, Тернопољ и Коломија. Јужните делови на Полска (пред сè Шлескиот регион) бил од големо економско и стратегиско значење за нацистичка Германија, така што во главите на германските генерали Западна Украина била мошне важен простор кој требало да се брани по секоја цена со цел спречување на продорот на Црвената армија во Полска. Во таа насока на сите единици кои се наоѓале на просторот на Западна Украина издадена им е итна наредба темелно да ги утврдат своите позиции и да изградат одбранбен бедем кој ќе биде составен од три напоредни утврдувања на појасот-линија.

Ангажирани сили


СССР

Советската команда на овој простор успеала да формира крупна нападна група составена од повеќе фронтови (1 и 4 Украински фронт). Командата на 1 Украински фронт донела одлука офанзивата да ја започне на два стратегиски правци (Чавовскиот и Рава-Рускиот) чиј успех би довел до расекување на одбранбениот распоред на единицата „Северна Украина“, нивно опкружување и уништување во реонот на градот Броди. Лавовско-Сандомешката операција требала да започне во исто време со големата Белоруска стратегиска офанзивна операција попозната како „Петтиот Сталинов удар“.

1 Украински фронт се состоел од приближно 80 пешадиски и коњички дивизии, 10 тенковски и механизирани корпуси и четири самостојни тенковски бригади. Неговата вкупна јачина изнесувала околу 1.2 милиони лица, 13.900 артилериски цевки и минофрлачи, 2.200 тенкови и самоодни оружја. Воздухопловната поддршка на овие сили ја давала 2-та воздухопловна армија со нешто повеќе од 2.800 авиони. Покрај 1-иот Украински фронт во операцијата учествувале и делови од 4-иот Украински фронт, како и полски партизански единици од составот на „Армијата на Крајова“.

Германски сили

Единицата „Северна Украина“ (образувана од две германски и една унгарска единица) со вкупно 42 дивизии, од кои шест биле оклопно-механизирани и моторизирани, вкупната сила на овие сили е проценета на 900.000 луѓе со околу 6.300 артилериски оружја и минофрлачи, како и 900 тенкови и офанзивни топови. Во текот на операцијата овие сили биле зајакнати со деловите од 17 армија и 24 тенковски корпус, вклучувајќи дополнителни 11 пешадиски дивизии, две тенковски, 14 СС гренадирска дивизиска „Галичина“ со различни доброволечки милиции, и неколку самостојни состави кои стасале директно од Германија.

Текот на операцијата

Пред офанзивните единици на 1-иот Украински фронт се наоѓале три одбранбени појаси кои ги запоседнале силите на единиците „Северна Украина“. Првиот одбранбен појас се наоѓал на оддалеченост од 4-6 километри зад првата линија на фронтот, вториот 10-15 километри, а третиот се потпирал на коритата на реките Западен Бут и Гнилнаја Липа. Вкупната длабочина на овој одбранбен фронт изнесувала 40-50 километри. Германската команда планирала во случај на голема советска офанзива главнината на своите сили да ги концентрира на вториот одбранбен појас и тука да даде пресуден отпор. Имено, и покрај супериорноста на советската артилерија која се состоела од голем број тешки хаубици и застрашувачки лансери со повеќе цевки за ракетата „Катјуша“ со својата последна модификација БМ-13Н и 300-милиметраскиот БМ-31-12 „Андрјуша“, германската команда имала намера да го жртвува својот прв утврден појас за зачувување на своите единици од целосно уништување.

Еден од најголемите адути на Црвената армија била нејзината артилерија. Требало да се доживее и да се преживее пеколот на гардиските и артилериско-ракетните единици кои се наоѓале во рамките на дивизиските, корпусните и армиските артилериски единици. Овие единици имале таква огнена моќ што можеле да ги претворат во прав и пепел и најутврдените позиции на непријателот, создавајќи ефект кој е еднаков на тактички нуклеарен удар.

Плановите за напуштање на првиот одбранбен појас ги забележале бројните специјални извидувачки групи на Црвената армија кои оперирале во блиската тактичка длабочина на непријателот. Врз основа на овие извештаи, командата на 1-иот Украински фронт маршал Иван Коњев одлучил без никаква артилериско-ракетна поддршка да го започне својот напад, и на јуриш да ја заземе одбранбената линија на непријателот, а втората одбранбена линија да се нападне со масовна поддршка на артилеријата и авијацијата.

Единиците на 1 Украински фронт започнаа со својата офанзива на 13 јули 1944 година во раните утрински часови на двата стратешки офанзивни правци Рава-Руски и Лавов. Делови од 3.гА и 13 А. набрзо се пробиле на првата линија од непријателскиот фронт и до 15 јули образувале клин со длабочина од 20 километри. Низ оваа бреша на 16 јули се воведени оклопно-механизирани единици од составот на 1.гТА и самостојни мешовити механизирани борбени групи кои брзо го совладале секој облик на отпор кој се наоѓал во вакуум помеѓу првиот и вториот одбранбен појас, проширувајќи го својот клин кој кон крајот на денот достигнал длабочина од 30 километри. Со избивањето на првите советски тенкови на линијата на огнот на вториот одбранбен појас, се активирала одбраната на единицата „Северна Украина“ која со свои сили се обидела да изведе неуспешен контранапад, уфрлајќи во оган единици на 16 и на 17 тенковска дивизија.

Во насока на Лавов ситуацијата во воведните денови на операцијата се одвивала нешто поповолно за германските сили. Користејќи го недостигот на советската артилериско-ракетна подготовка, германските единици успеале да образуваат една ударна тенковска група во која влегле делови на две оклопни дивизии со кои извеле силен противудар по силите на 38. и 60. А. Оваа тенковска група успеала заедно со 14.СС див. „Галичина“ да ги потисне истурените делови неколку километри во насока на почетната положба. Откако увидела дека на единиците од предните ешалони им е неопходна дополнителна помош, советската команда носи одлука на овој правец веднаш да ги насочи своите артилериски и воздухопловни борбени капацитети, а од резервите да ја активира 3-та гардиска тенковска, а потоа и 4-та тенковска армија.

Тенковските армии се воведени на мошне тесен појас на фронтот кој бил прооден (простор со ширина 4-6 километри и длабочина од 18 километри), каде содејството со единиците на 60.А настапиле кон населеното место Колтов кое се наоѓало северозападно од Тернопољ. Командантот на 3 гардиска тенковска армија генерал Рибалко успеал на 16 јули низ овој тесен коридор да ги внесе своите сили, а истото следниот ден да го направи и кмд. 4.тенковска армија генерал Лељошенко.

Употребата на двете најкрупни оперативно-стратегиски формации од рангот армија на олку тесен отсек на фронтот со истовремено кршење на противнападната германска ударна оклопна група претставува единствен случај кој не се случил за сето време на Големата татковинска војна.

Ваквиот развој на настаните резултирал со целосен колапс на германските сили кои го бранеле овој простор што довело до тоа Црвената армија до 18 јули на фронтот со широчина од 200 километри да оствари продор 50-80 километри во длабочината на непријателскиот фронт. Предните делови на Црвената армија успеале да ја форсираат и реката Западни Буг каде на тој начин затвориле обрач околу германската групација во која имало шест дивизии, вклучувајќи ја и гореспоменатата 14.СС доброволничка гренадирска дивизија „Галичина“.

Така за само неколку дена од битката Црвената армија успеала да ослободи 14.000 квадратни километри територија и да опкружи 65.000 непријателски војници југозападно од градот Броди. Советската команда не сакала да губи многу време со опкружената непријателска група, ами со својата главна сила го продолжила продорот кон Лавов и Рави-Руска. Тоа во голема мера зборува за фактот колку Црвената армија таа 1944 година била моќна, кога можела со своите помошни сили да држи во „котел“ десетици илјади германски војници и нивните домашни помагачи.

14.СС дивизија „Галичина“ во следните денови се обидела да се извлече од мошне тешката оперативна ситуација во која се нашла заедно со преостанатите сили на германскиот 13 армиски корпус. Имено, оваа дивизија за првпат се нашла во борбен допир со единиците на Црвената армија кои по неколку години војна биле исклучително искусни и одлично водени. Пред почетокот на битката кај градот Броди таа главно била ангажирана во противпартизански операции на просторот на Полска каде изведувала просторно ограничени борбени дејствија против непријателот кој немал постојан фронт. Во тие операции дивизијата направила и бројни злосторства над локалното население.
По пресекувањето на секој облик на врска со командата на „Северна Украина“ меѓу германскиот офицерски кадар во дивизијата настанала паника. Дошло и до бројни несогласувања, па дури и во мнозинскиот состав кој имал локално потекло каде доаѓало и до сепарација по национална основа во полковите. Сево ова условило дивизијата со неколку меѓусебно неповрзани групи без јасен воен план и водство, да тргне во операција на пробив на советскиот обрач. На борбениот морал на луѓето разурнувачки дејствувале советските лансери на ракети со повеќе цевки БМ-13Н „Катјуша“. Според различни сведоштва секој испукан плотун по позициите кои ги држеле единиците на 14.СС доброволничка дивизија „Галичина“ доведувало до панично напуштање на борбените положби од страна на нејзините војници, како да станува збор за некои третокласни посадни единици на германската војска, а не за припадници на Вафен-СС.

Некаде во тоа време (поточно на 20 јули 1944 година) имало и обид за атентат на Хитлер кој се наоѓал во својата волча дупка во близина на Разтенбург во Источна Прусија. Сево ова дополнително влијаело на борбениот морал на Германците кои се предавале на советските единици, фрлајќи го своето оружје в кал и извикувајќи „Војната е готова! Фирерот е мртов!“.

Преостанатите групи од германската војска во која имало околу 10.000 Украинци од 14.СС дивизија „Галичина“ низ пошумениот појас југозападно од градот Броди, исклучиво во глувата доба од ноќта, се обидувале да се пробијат од опкружувањето. На тој пат тие претрпувале постојани удари од страна на советската авијација и артилерија, а огромен број изгинале во постојаните заседи кои вешто ги имале поставено советските сили.

Конкретно, кога станува збор за 14.СС гренадирска дивизија „Галичина“ нејзината бројна состојба за само четири дена паднала на само 30% во однос на 18 јули 1944 година. Според германски извори определени единици на германскиот 13 армиски корпус и на 14.СС дивизија „Галичина“ на 22 јули 1944 година на неколку места успеале да излезат до обрачот и да стасаат до „слободната“ територија.

Нивната состојба била очајна. Тоа повеќе не биле единици, ами мали групи избезумени војници од кои секоја поединечно немала повеќе од 50 луѓе. Комплетната техника останала во обрачот или била уништена за време на пробивот. Вкупните загуби на СС-дивизијата „Галичина“ биле 8.000 загинати војници и офицери. Само 2.500-3.000 успеале да го избегнат опкружувањето и подоцна да се приклучат на локалните одреди на УПА (Украинска востаничка армија) и на 18.СС доброволничка дивизија „Хорст Весел“ која била формирана на 25 јануари 1944 година на територијата на НДХ, и која главно се борела на териториите на Унгарија, Словачка и Австрија.

Според советски извори кои не ги земаат предвид поединечните загуби на 14,,СС дивизија „Галичина“, ами се ориентирани на вкупните загуби на 13 армиски корпус кој бил опкружен кај градот Броди, се зборува за 30.000 загинати германски војници и нивни помагачи. Исто така, заробени биле 17.000 војници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња