Како козаците ловеле самураи

Фотографија: Владимир Аносов
Еден борец од Кубањ се сеќава како пред 70 години бркал самураи по брдата на Манџурија.

За време на Втората светска војна Алексеј Никанорович Корољов од Краснодарскиот крај служел од единицата за посебни намени. Додека во другите единици протерувале фашисти од ослободените советски територии, тој со својот одред барал шпиони и диверзанти, во степите на Казахстан бркал басмачии (припадници на военополитичкото антисоветско движење на муслиманите во Средна Азија), а по брдата на Манџурија ловел самураи.

Аљоша Корољов во единицата за посебни намени дошол кога имаше 18 години.

„Најпрво вршевме операции во Кубањ и на Кавказ, а потоа во Украина и во Казахстан“, се сеќава ветеранот. „Се боревме против дезертерите, шпионите и бандеровците кои се криеја по шумите. Во степите околу Аралското езеро ги следевме басмачиите. Во пустината Каракум минавме речиси три месеци, а кога ја ликвидиравме тамошната банда, нашата единица беше упатена на Далечниот Исток. Тоа беше на почетокот на август 1945 година. По капитулацијата на фашистичка Германија нашите сили почнаа да се префрлаат на Далечниот Исток. Кога стасавме на границата со Манџурија, видовме огромен контингент тенкови, артилерија и пешадија. По нив границата ја мина и нашата единица“.

„Најпрво се движевме по рамнина, потоа по брда. Одевме преку мочуриштен терен и зад секој агол очекувавме заседа. Повлекувајќи се, Јапонците покрај патиштата оставаа војници кои беа подготвени да загинат, извршувајќи ја својата задача. Чекаа во јами длабоки околу еден и пол метар, од кои требаше со помош на долг штит да ставаат мини под гасениците на нашите тенкови“.

„Не наидовме на ниту еден руски тенк кој беше разнесен од такви мини, но покрај патот видовме многу трупови на јапонски војници“, раскажува Алексеј Никанорович. „Квантунската армија не одолеа на притисокот на нашите сили. Тоа беше вистински блицкриг: воздухопловни и морнарички единици, тенковски и копнени сили беа групирани на едно место и тргнаа во продор. Операцијата истовремено беше реализирана во повеќе насоки. Учествував во ослободувањето на кинескиот град Мулинг од јапонскиот окупатор, а потоа и градот Муданџанг, низ кој потоа пред наши очи десет дена поминуваа колони јапонски заробеници“.

Во Муданџанг Корољов повторно бил вклучен во единиците за посебни намени.

„Јапонската војска беше разбиена, но дел од војниците се разбегаа по шумите и се криеја по брдата од каде излегуваа да го пљачкаат кинеското население“, се сеќава тој. „Тогаш за првпат видов како самураи оковани во синџири вршат харикири кога ќе снемаат муниција. Никој сам не се движеше по улиците: во секој момент од заседа можеа да нападнат Јапонци-самоубијци. Тие скокаа од дрвја, од покриви и ги напаѓаа нашите војници. Во Муданџанг загина нашиот потполковник. Кога се проштевавме од него на плоштадот во центарот на градот се собраа голем број луѓе. Одеднаш забележавме некаква турканица. Успеавме на време да стасаме на местото. Излезе дека еден самурај се подготвува себеси да се крене во воздух заедно со куп луѓе“.

Актот за капитулација на Јапонија е потпишан на 2 септември 1945 година. Овој документ го означи крајот на Втората светска војна.

„Потоа тргнавме во обиколка заедно со јапонските офицери“, продолжува Корољов. „Тие преку мегафони објавуваа дека војната е завршена, дека царот потпишал акт за капитулација и им предложија на своите сонародници да се предадат без отпор. Поголемиот дел од нив го направија тоа, а оние кои не се одѕваа на повиците моравме уште неколку месеци да ги бркаме по брдата на Манџурија.

„Борците на Црвената армија заедно со кинеските партизани ги протеруваа јапонските освојувачи од окупираната територија. Луѓето на улиците ги поздравуваа ослободителите. Сите наши борци ги викаа 'Вања' и се трудеа да нè угостат колку што можеа. Од куќите изнесуваа грамофони и пуштаа советски песни. Се чудевме како тие плочи биле зачувани, зашто, на пример, за песната 'Широка е мојата родна земја' Јапонците за време на окупацијата беа подготвени да стрелаат цела улица“.

Кога стасал во Русија, Корољов добил одликување „За победа над Јапонија“. Демобилизиран е дури во 1951 година. Тогаш се вратил во родниот Кубањ (регион на Северен Кавказ, кој се наоѓа долж течението на реката Кубањ и нејзините притоки). Тука речиси 60 години работел во депото за локомотиви во Краснодар. За воведување нови техники во 1959 година добил „Почесно одликување“, а во 1975 година го добил звањето „Почесен железничар“, додека во 2000 година станал „Заслужен работник на Севернокавкаската железница“.

Алексеј Никанорович на 20 јуни 2015 година наполни 90 години. На неговиот роденден се собра целото негово семејство: трите деца, шестмина внуци и исто толку правнуци. Кога од орманот го извади мундирот со ордени и медали, внуците го замолија својот дедо да им раскаже за своите одликувања. И тој се сети како пред 70 години фаќал самураи по брдата на Манџурија...

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња