Француски научник: Во Русија се чуваат забите на Хитлер, а тоа докажува дека фирерот умрел 1945-та

Андреј Котљарчук/Russian Look/Global Look Press
Забите кои се чуваат во архивот на Федералната служба за безбедност на Русија навистина му припаѓаат на Адолф Хитлер, велат француски научници кои по долги преговори конечно добија дозвола да спроведат истражување.

Првото по многу децении научно истражување на забите на Хитлер кои се чуваат во архивот на Федералната служба за безбедност на Русија докажа дека тие навистина му припаѓаат на нацистичкиот водач.

Статијата на француските научници е објавена во списанието European  Journal  of  Internal  Medicine. Во истражувањето учествуваше познатиот стручњак за судска медицина Филип Шарле, кој се занимава со историски загатки. Тој, на пример, учествуваше во истражувањето на посмртните останки на Јованка Орлеанка и докажа дека една од „нејзините“ коски е всушност коска од мачка.

„Првпат по 1946 година Федералната служба за безбедност на Русија и Државниот архив на Русија ни дозволија да ги истражиме останките на Хитлер и да направиме независна научна анализа“, пишуваат авторите на почетокот на својата статија.

Набргу по завршувањето на Втората светска војна на советската страна ѝ биле предадени во кутиче забите на Хитлер од страна на Елена Ржевскаја, преведувачка во советскиот штаб и учесник во сослушувањата на заробени Германци. Задачата да ги чува забите ја добила токму таа поради едноставна причина. „Овде нема сеф. Веројатноста вие како жена да се напиете и да ги изгубите забите на Хитлер е најмала“, ѝ рекол тогаш нејзиниот претпоставен, полковникот Горбушин.

Кон крајот на април 1945 година советската војска влегуваше во Берлин и Хитлер размислуваше за самоубиство, испроба отров врз својот пес Блонди и ги диктираше последните наредби.

Знаејќи дека на 28 април во Милано е стрелан Мусолини и обесен со главата надолу, Хитлер на 30 април заедно со својата сопруга Ева Браун изврши самоубиство во бункерот во Берлин, а неговите изгорени останки наскоро беа пронајдени од црвеноармејците. Останките на Хитлер се конечно уништени во Германија во 1970 година и само уште делови од вилицата и коската на черепот со дупката од куршумот се чуваат во Русија.

Поради малиот број на сведоци на самоубиството на Хитлер почнаа да се појавуваат теории на заговор според кои фирерот или побегнал на Антарктикот, или умрел 1962 година во Аргентина, 1971 во Парагвај или 1984 во Бразил.

Според медицинските записи кои се чуваат во Америка, во моментот кога умрел фирерот имал само четири цели заби – единиците и двојките на долната вилица, останатите биле метални и токму такви заби има во архивот на ФСБ. Тие имаат траги од парадонтопатија, велат авторите на истражувањето и му припаѓаат на човек кој не јадел месо, што одговора на податоците дека Хитлер бил вегетаријанец.

Француските научници исто така откриле синкав слој на металните и природните заби, што може да биде последица од горењето или хемиска реакција на металот и отровот што го испил.

„Нашето истражување докажува дека Хитлер умрел

1945-та“, уверува Шарле. „Забите се автентични, во тоа нема сомневање. Тоа докажува дека Хитлер не избегал со подморница во Аргентина, ниту скрил во тајна база на Антарктикот ниту на Месечината“.

Прочитајте повеќе: Како Хитлер планирал да ја погуби сета популација на Москва и да го претвори градот во езеро

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња