Патот од пропаст до врвот на Европа: Историјата на советскиот фудбал во фотографии

Иван Шагин/Sputnik
Во Советскиот Сојуз фудбал се играл и во војна и во мир.

1.

Кога во 1917 година се распаднало Руското Царство, се распаднала и неговата национална фудбалска репрезентација. Играчите си заминале ширум светот, и додека едни се бореле во рововите во Првата светска војна, други завршувале во наука, а некои дури и работеле за британската разузнавачка служба.

2.

По граѓанската војна настанала нова земја. Меѓународната изолација го комплицирала создавањето советска репрезентација, што за советското водство било прашање од голема важност. Ситуацијата се променила во 1924 година благодарение на Турција.

Турската репрезентација не била најсилна, а на Летната олимпијада во Париз 1924 година одиграла само еден натпревар во кој изгубила од Чехословачка. Сепак, Турците сакале да играат против СССР, екипа за која никој ништо не знаел.

3.

Откако добила одобрение од ФИФА, Турција му испратила на Советскиот Сојуз службен предлог за пријателски натпревар. Врховниот совет за физичка култура на Советскиот Сојуз го одобрил натпреварот и определил како ќе изгледа дресот на репрезентацијата: црвени маички и бели шорцеви.

4.

Возбудата и исчекувањето го достигнале својот врв. Пријателскиот натпревар бил закажан за 16 декември 1924 година во Москва. Со оглед на тоа дека странска репрезентација доаѓала во посета на Советскиот Сојуз, државната пропаганда натпреварот го прикажала како нешто што е од голема важност.

Како што се приближувал денот на натпреварот, била создадена нова советска репрезентација. За капитен бил поставен Михаил Бутусов, талентиран играч кој потекнувал од позната фудбалска династија.

5.

Советскиот весник „Црвен спорт“ на денот на натпреварот напишал: „На луѓето им беше тешко да поверуваат дека натпреварот навистина ќе се одржи на 16 декември. Цела недела паѓаше снег, сè беше покриено со мраз. Сепак, природата овозможи да се одигра најинтересната средба на сезоната. Присуствуваа повеќе од 15 илјади гледачи, рекорден број за Москва и за СССР“.

Советската репрезентација победила со резултат три спрема нула, а оваа релативно лесна победа над просечната екипа била прикажана како голем триумф на Советскиот Сојуз кој морал да се справува со политичката блокада од страна на капиталистичките земји. Оваа победа го одбележала почетокот на ренесансата на изгубената фудбалска традиција на земјата.

6.

Турците сакале да ѝ се реваншираат на Русија на друг натпревар кој бил одржан во Анкара на 15 мај 1925 година, но советската репрезентација ги победила со резултат два спрема еден. Ова уште еднаш предизвикало голема прослава во СССР.

7.

Сепак, возбудата спласнала со истото темпо со кое и настанала. ФИФА не одобрила други натпревари против советската репрезентација, а СССР станал член на ФИФА дури во 1947 година. Иако советските играчи не можеле да играат на големите натпревари, фудбалот во земјата сепак се развил. Во Москва во 1928 година бил отворен нов стадион – Динамо.

8.

Ленинградскиот фудбалски клуб Динамо на 22 мај 1936 година играше против Локомотив од Москва во склопот на првото советско клупско првенство.

9.

Фудбалот брзо ги освоил срцата на советскиот народ. Во 1940 година бил одржан првиот советски натпревар на Арктик.

10.

Во најтешките години на Втората светска војна, фудбалот го собирал советскиот народ и му давал надеж. Одржан е познатиот натпревар помеѓу Динамо и работниците на Ленинградскиот металски завод (ЛМЗ), од кои многумина играле за професионални фудбалски клубови.

11.

Кога завршила војната, московски Динамо заминал во историска посета на Велика Британија, каде играл против најдобрите клубови на Англија, Велс и Шкотска, вклучувајќи ги и Челси и Арсенал. Советските играчи победиле во два натпревари, додека во другите два од вкупно четири резултатот бил нерешен. Успехот на советската фудбалска турнеја низ Велика Британија ѝ помогнал на земјата конечно да ѝ се приклучи на ФИФА 1947 година.

12.

Советската репрезентација наскоро стекнала меѓународен углед. Советските фудбалери во 1960 година ја победија Југославија со резултат два спрема еден и станаа европски прваци во фудбал, победувајќи на Европскиот шампионат во Франција во 1960 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња