Историја во слики: 10 фотографии од Москва од пред 100 години

MAMM/MDF/russiainphoto
Во 1918 година, откако 200 години царската власт управувала со земјата од Санкт Петербург, престолнината се вратила во Москва. Еве како изгледал градот во тоа време.

Златоглавата Москва станала руска престолнина во 14 век. Масивните бели (а, потоа црвени) ѕидови на Кремљ биле симбол на нејзината моќ. Но, Петар Велики решил своето царство да го преуреди од темели и да ги укине старите традиции на конзервативна Москва со нејзините брадати болјари. Затоа тој ги избричил сите тие бради и го изградил Санкт Петербург каде ја префрлил престолнината во 1712 година. Кога Романови ја изгубиле власта, болшевиците решиле да се вратат во стариот црвен град кој за нив претставувал целосна спротивност на „одвратната“ петербуршка аристократија со нејзините „декадентни“ дворци.

На 12 март 1918 година Владимир Бонч-Бруевич, секретар на водачот на револуцијата Владимир Ленин, и нов одговорен секретар на владата, потпишал официјален указ за префрлување на престолнината во Москва.

На фотографијата можете да го видите Ленин како веќе седи во канцеларијата во Кремљ. Според легендата, Ленин го напуштил Петроград тајно во замрачен воз.

Тешко е да се замисли за каква голема преселба станувало збор. Не само што членовите на владата морале да го променат работното место, преминувајќи од Смолниот институт во Кремљ, ами и вработените во министерствата морале да се преселат заедно со своите семејства и со својот движен имот, вклучувајќи ги огромните домашни библиотеки.

Оваа фотографија ја прикажува Москва во раната пролет 1918 година.

Прво нешто што направиле болшевиците во Москва било воведување на нови правила и уништување на симболите на старата власт. Го урнале огромниот споменик на царот Александар Трети, таткото на Николај Втори, кој се наоѓал покрај Храмот на Христос Спасителот. Сталин подоцна ја урнал и самата црква која е обновена во деведесеттите години од минатиот век, а во нејзина близина е подигнат споменик на царот Александар Втори.

На ѕидовите на Кремљ истакнати се болшевички симболи како потсетување на оние кои загинале, борејќи се за револуцијата. Подоцна во овие ѕидини биле погребувани советските водачи и оние што новиот режим сакал да ги велича. На пример, тука е погребан писателот Максим Горки и тоа без согласност на неговото семејство на кое не му било дозволено дури ни да земе дел од неговата пепел.

Во мај 1918 година на московскиот Црвен плоштад приредена е голема процесија по повод прославата на православниот Велигден. Во тоа време болшевиците сè уште не ја започнале борбата против религијата. Во следните седум децении во Москва не е одржана ниту една масовна православна прослава. Иконите се заменети со црвени знамиња и со портрети на Ленин. Во мај на улиците се појавиле нови колони, кои сега го славеле празникот на трудот.

Планот на Лев Троцки да ја уништи православната црква во Русија започнал да се остварува во 1922 година. Патријархот Тихон (централната личност на оваа фотографија од велигденската прослава во 1918 година) бил уапсен, но не и погубен, веројатно благодарение на големото влијание што го имал. Да споменеме дека претходно долго служел на Алјаска, во САД и Канада, па дури и ја основал првата православна богословија во Северна Америка. Умрел во 1925 година по многу понижувања од страна на болшевиците и по многу претреси на неговата куќа, но тој продолжил да служи литургија до својата смрт. За време на Првата светска војна ги благословувал единиците кои заминувале на фронт.

Важно е да не заборавиме дека додека болшевиците ја префрлувале престолнината и официјалните државни институции во Москва, граѓанската војна продолжувала со несмалена жестина. Државата ги конфискувала житарките и другите прехранбени производи од селаните и бесплатно им ги делела на работниците. Бескрајните редови за храна биле редовна појава. Завладеал глад кој траел сè до 1922 година.

На оваа фотографија можеме да видиме црвена коњица која се подготвува да замине на фронт. Во тоа време белогардискиот генерал Колчак им давал отпор на болшевиците и во сибирскиот град Омск формиранa е неофицијална престолнина. На крајот, сепак бил поразен. Револуцијата, граѓанската војна и болшевичкото владеење однеле 12-15 милиони животи во периодот од 1917 до 1922 година. За споредба, граѓанската војна во САД однела помалку од еден милион лица.

Опонент на болшевиците во парламентите била Партијата на социјалистите-револуционери. Таа решително била против Брест-литовскиот мировен договор кој е потпишан во март помеѓу новата болшевичка влада и Централните сили на Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Отоманското царство. Социјалистите-револуционери сметале дека условите за мировен договор се неприфатливи и срамни почнале буна која го вознемирила Ленин. Но, побуната била разбиена со артилериски оган, а партијата била забранета. Оваа фотографија го прикажува центарот на Москва по буната.

Петтиот серуски конгрес на советите кој бил составен од претставници на пролетерите, селаните, на Црвената армија и на Козаците е одржан во Бољшој театар во Москва. Членовите на левичарската Партија на социјалисти-револуционери биле уапсени и одведени од конгресот. Пратениците го потпишале советскиот Устав во 1918 година и се сложиле да започнат борба против „непријателот на советската власт“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња