Мистериозниот инцидент над Сахалин во 1983

Getty Images
На 1 септември 1983 година над советскиот далекоисточен остров Сахалин заталка необичен патнички авион, кого советските пилоти, по повеќе предупредувања, го соборија. Во морето беа пронајдени човечки и материјални остатоци, а официјалната верзија и верзиите на припадниците на војската покажуваат дека мистеријата за овој Боинг 747 е далеку од разјаснета.

Ноќта на 1 септември 1983 година на небото над советскиот далекоисточен остров Сахалин се случи необичен инцидент со патничкиот авион Боинг 747 на компанијата „Кореан Ер“. 

Официјалната верзија за настанот, на која се придржуваат во најмала рака владите на четири земји – Кореја, Јапонија, Русија и САД – се засновува на мошне едноставно објаснување. 

Патничкиот авион на компанијата „Кореан Ер“ Боинг 747 го имаше својот редовен лет KAL-007 на линијата Њујорк – Сеул со слетување во Енкориџ на Алјаска за дополнување гориво. 

Маршрутата водеше преку Тихиот океан со заобиколување на територијата на Советскиот Сојуз. Но, веднаш по полетувањето од Енкориџ авионот почна да отстапува од својата очекувана маршрута, а во моментот на неговиот пад на југозападот од Сахалин отстапувањето изнесуваше некаде околу 500 километри. 

Според податоците од истрагата на Организацијата за меѓународно цивилно воздухопловство (ICAO), екипажот на авионот погрешно го наместил автопилотот и не ја проверувал моменталната положба, потпирајќи се на автоматските системи. 

Во 4:51 по локално време авионот влезе во советскиот воздушен простор над забранетата зона на полуостровот Камчатка каде се наоѓаше советската ракетна база. 

Според официјалната верзија, советската противвоздушна одбрана го помешала Боингот со американскиот шпионски авион RC-135, кој истата ноќ, наводно, го набљудувал лансирањето на советска балистичка ракета. RC-135 на радарите изгледа исто како патнички авион. 

За пресретнување на корејскиот авион над Камчатка полетаа ловци МиГ-23 и продолжија да го следат сè до неговото излегување од советскиот воздушен простор. 

Во 6:13 Боингот повторно ја премина советската граница, овој пат над Сахалин. Во пресрет тргнаа пресретувачите Су-15. Во 6:24 пилотот на ловецот-пресретувач Генадиј Осипович испука две ракети кои го соборија авионот. 

Неговите остатоци паднаа во морето од висина од околу 9 километри на подрачјето на островот Монерон југозападно од Сахалин. 

Судејќи според официјалната верзија, до несреќата на овој патнички авион дошло поради неверојатен број случајности. Но, сведоците на настанот од советската страна изнесуваат многу нелогичности кои укажуваат на тоа дека упадот на Боингот во советскиот воздушен простор, во најмала рака, не е случаен и ја доведува во прашање официјалната верзија.

Нешто поинаква верзија на истиот настан, според мислењето на советското воено раководство, е дека упадот на Боингот бил дел од разузнавачката операција чија цел била откривање на радарската заштита на Далечниот Исток на Советскиот Сојуз. 

Во овој случај важно е да се спомене дека значајни области на советскиот Далечен Исток навистина беа затворени територии. Покрај ракетните бази, таму се наоѓаа бази на советската воена морнарица (до денес ова се објекти од посебно значење), базите на подморничката флота, радарски станици, базите на авијацијата за долг долет и други тајни воени објекти. 

Првото прашање што го поставија стручњаците и учесниците во овој инцидент од советска страна е како овој авион може да се оддалечи од својот курс. 

Боинг 747 во тоа време беше опремен со најсовремени системи за навигација кои на повеќе начини се дублираа еден со друг (вршеа иста функција), така што не може да се објасни со тоа дека отстапувањето од редовната маршрута не било воочено веднаш.

Покрај тоа, мошне е чудно тоа што американските и јапонските контроли на воздушниот сообраќај ниту еднаш не се обиделе да стапат во контакт со авионот на летот KAL-007 за да ги известат неговите пилоти дека се оддалечиле од курсот. 

Друго прашање е дали имало патници во авионот. 

Не може да се објасни и тоа што по падот на патничкиот авион не беа објавени списоците на загинатите, како што обично се прави во вакви случаи. 

„Корејците мораа да објават список на патници, но не го направија тоа. Тогаш, кој може да тврди дека во авионот имало патници?“, вели Александар Шчербаков, воен стручњак и пробен пилот. 

На местото на несреќата се пронајдени вкупно околу 30 фрагменти од тела на загинати. Многу помалку, одошто би се очекувало во случај кога би имало над 200 лица, како што се наведува.

„Уверен сум дека во авионот немало патници. Тие не можеа едноставно да исчезнат или да се растворат во морската вода“, вели Анатолиј Корнуков кој во 1983 година беше командант на 48 ловечка дивизија на Далекоисточниот воен округ (ДВО). 

Оние што учествуваа во потрагата по настраданите обрнаа внимание на тоа дека и најдениот багаж бил многу необичен. „Очила, пудриери, празни женски чанти. Сите пронајдени предмети се собраа во само шест кутии“, се сеќава Корнуков. 

Според мислењето на историчарот Александар Колесник, необичниот багаж ја “потврдува верзијата дека станува збор за провокација и дека патниците се симнале во Енкориџ“. 

Ставот дека станувало збор за провокација го поддржува и Филип Бобков кој во тоа време беше заменик-претседател на КГБ: „Тоа беше добро испланирана операција. Немаше патници, само екипаж“. 

На заклучокот дека овој лет бил само разузнавачка операција, според мислењето на непосредни учесници во овој настан, наведува, на прв поглед, занемарливиот податок дека авионот се задржа во Енкориџ 40 минути. 

Задоцнувањето е сосема вообичаена појава и не предизвикува посебен сомнеж, но е впечатливо тоа што авионот влегол во воздушниот простор на Советскиот Сојуз во исто време со американскиот сателит „Ferret-D/Farrah“.

Тогашниот началник на Управата за посебни оддели на Военото воздухопловство на Советскиот Сојуз Василиј Алексеев ги изнесува истите заклучоци: „Неговиот лет беше усогласен со налетот на американскиот сателит. Сите системи за противвоздушна одбрана на Далечниот Исток на Советскиот Сојуз беа откриени“. 

Иван Третјак кој во 1983 година командуваше со единиците на ДВО истакнува дека советските разузнавачи успеале да пресретнат шифрирана порака од Боингот кон сателитот: „Можам да видам подморници во длабочината. Добро се гледаат. Правам снимки“. 

Трето прашање е зошто корејскиот авион не одговорил кога се обиделе да стапат во контакт со него, а исто така не одговорил ниту на маневрите, ниту на огненото предупредување на советските ловци. 

Освен тоа, забележувајќи ги ловците, пилотите на Боингот почнале да маневрираат многу невообичаено за еден патнички авион, според наводите на пилотот Генадиј Осипович.

Боингот ја намалил брзината на 400 километри на час, како да се обидувал да го избегне следењето. А, на таа брзина Су-15 паѓа во ковит. 

Како што истакнува генералот Махмут Гареев, целта на провокацијата, ако тоа била провокација, е откривање на радарските системи на Далечниот Исток на Советскиот Сојуз: „На Американците им беше важно да ги откријат и поради тоа мораа да прелетаат над нив. Воен авион би бил соборен веднаш“. Боингот во овој случај поминал неколку часа во воздушниот простор на Советскиот Сојуз. 

„Никогаш немав помислено дека можам да соборам патнички авион. Што било, но не тоа“, тврдеше подоцна Генадиј Осипович. 

Конечно, дури и да станува збор за шпионска операција, мошне е необичен фактот што мисијата беше очигледно самоубиствена, а тоа е доста необично за војските на западните земји. Екипажот на авионот кој влета над строго чуваните територии на СССР секако дека не можеше да се надева дека ќе остане жив. 

Без целосно откривање на тајните документи, невозможно е со сигурност да се каже што точно се случи на небото над Сахалин во септември 1983 година, но сведоштвата на учесниците на овој настан препорачуваат да се сетиме на филмот на Бери Левинсон „Со војна против вистината“ („Wag the Dog“).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња