„Проколнати” руски бродови без посада и кормилар

Наталија Носова
Овие бродови можеби не се толку легендарни и морничави како „Проколнатиот Холанѓанец“, но за нив сепак се кажуваат приказни. Еден од нив, наводно, го презеле стаорци-човекојатци.

На почетокот на октомври во Балтичкото море пронајден е мистериозен брод недалеку од брегот на Калининградската област. Јарболот на големата јахта бил скршен, а на едната страна имало голема дупка. На бродот немало никој. Фрижидерот бил полн со храна и на масата имало таблет на кој му се испразнила батеријата. 

Напуштена по регата 

Министерството за одбрана на РФ кое ја пронајде „проколнатата јахта“ ја одвлече до најблиската воено-морска база. Неколку дена подоцна се дозна дека сопственик на пловилото бил полски бизнисмен кој учествувал во регата на крајот од септември. 

Јахтата доживеала бродолом, а нејзиниот капетан го спасила крајбрежната стража. „Loxa“ (така се вика јахтата) со недели пловела по морето дури не стасала на брегот на Русија. Сопственикот бил убеден дека јахтата потонала и сега нема желба да ја врати зашто за тоа е потребно многу напор и пари. Така „Loxa“ веројатно ќе оди во „старо железо“. 

Пред три години се појави мошне поинтересна приказна за друг „проколнат брод“ поврзана за Русија. Многумина беа навистина исплашени.

Сениште вредно 800.000 долари

Бродот го доби називот „Љубов Орлова“ во чест на прочуената советска актерка, а направен е во Југославија. Од 1976 до 1999 година во СССР и во Русија користен е како брод за крстосување. Потоа компанијата што го откупила банкротирала, и поради тоа „Љубов Орлова“ од 2010 до 2012 година беше „заробена“ во Канада. 

Беше предвидено да се префрли во Доминиканската Република и таму да се искористи како отпад, но за време на една бура се скинале јажињата и бродот „избегал“, односно исчезнал во океанот. Тоа беше голем проблем зашто брод со депласман од околу 4 тони без електронски системи и соодветна светлосна сигнализација претставува опасност за другите бродови што пловат во тие води. 

Освен тоа, постоеше можност таквиот брод да потоне, што неизбежно би нанело штета на екологијата на океанот. И на крајот, дури и претворањето на брод во отпад чини многу. Во овој случај станува збор за сума од 792.000 американски долари, судејќи според податоците што ги наведува рускиот весник „Аргументи и факти“. 

Ловот на „Орлова“ 

Над една година празниот брод „Љубов Орлова“ пловеше долж Атлантскиот океан и стана своевиден „Свет грал“ за морнарите и авантуристите кои се обидуваа да го пронајдат и тоа да го претворат во пари. Државјанинот на Австралија Стеф Браун дури и направи сајт под назив whereisorlova.com на кој собираше информации за „проколнатиот брод“ (сега сајтот не е достапен).

Прав околу „Орлова“ најмногу се крена во јануари 2014 година кога неколку британски таблоиди, меѓу кои и Мирор, соопштија дека „проколнатиот брод“ плови во правец на брегот на Велика Британија и Ирска. Згора на тоа, беше изнесена претпоставка дека бродот е полн со стаорци кои во текот на патувањето станале канибали. Ваквите стаорци би биле опасни за луѓето, претпоставија таблоидите. 

Оваа „идеална сцена“ за холивудски хорор-филм („џиновски стаорци-човекојатци од проколнат брод ги напаѓаат несреќните граѓани“) не се оствари. Бродот „Љубов Орлова“ сосема исчезна. Веројатно сосема. Така засекогаш остана нерешено прашањето дали навистина постоеле стаорци-човекојатци. 

Забот на времето 

Приказните за „проколнатиот брод“ од Русија се помалку драматични од претходната. По правило овие „сеништа“ се всушност бродови кои се оставени на пристаништата зашто само им прават трошоци на сопствениците кои не сакаат да плаќаат такси и даноци, како ни да им даваат плата на морнарите. Таквите бродови често полека пропаѓаат зашто властите од разбирливи причини не можат да ги тргнат.

Добар пример е бродот „Еруслан“ за превоз на товар кој во јануари 2017 година изгоре на пристаништето во Владивосток. Тој тогаш беше веќе две години напуштен, а неговиот сопственик кој на посадата ѝ должеше над 200.000 долари, на мистериозен начин исчезна. Посадата ја изгуби надежта и го напушти бродот. Додека „Еруслан“ гореше некои мештани украдоа од него што можеа. Тоа е навистина тажна приказна за кој било брод, па дури и за проколнат. 

Овој текст е дел од серијата текстови под назив „Russia X-Files“ која „Russia Beyond“ ја посветува на загатките, тајните и аномалиите поврзани со Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња