Фасцинантна храброст: Рускиот војник во очите на своите непријатели

Макс Алперт/RIA Novosti
Војната е пекол, но понекогаш мажите ја ценат пожртвуваната борба во која борците ги фасцинираат и своите непријатели. Од инвазијата на Наполеон до Втората светска војна собравме пофалби кои непријателите на Русија им ги упатувале на руските војници.

Главно се познати најголемите војни во кои Русија учествувала во текот на изминативе неколку векови. Малку е познато што мислеле странските војници и офицери за своите руски непријатели во текот на борбените дејствија.

Татковинската војна од 1812 година 

Спектакуларната победа во Татковинската војна од 1812 година била најголемиот триумф на руското оружје сè до Втората светска војна. Наполеон ја зазел Москва, но Русите, сепак, ја принудиле француската армија да се повлече, со што целата кампања на Наполеон била завршена. 

1812 година, Николај Семјонович Самокиш, „Подвигот на војниците на генералот Н. Н. Раевски кај Салтановка на 11 јули 1812 година“.

Во романот на Толстој „Војна и мир“ даден е впечатлив опис на војничкиот живот во Русија, но храброста на руските војници е неочекувано пофалена и од непријателска страна.

Наполеон Бонапарта:

„Најборбената армија не може успешно да војува против цел народ кој решил да победи или да умре […]. Сите луѓе со руска националност ги напуштија своите куќи кога видоа дека се приближуваме. Наидувавме само на напуштени и запалени села. Избеганите жители формираа одреди кои се бореа против нашите стражари. Тие никогаш не се судираа со нашите трупи, но ги заробуваа сите луѓе од нашите редовно кои им ги пљачкосуваа куќите или заостануваа зад војската.

Кримска војна 

Русија од 1853 до 1856 година војувала против воениот сојуз на Франција, Велика Британија и Османлиското царство. Војната ја изгубила, но и овој пат  непријателите ја документирале храброста на руските војници. 

Роџер Фентон, еден од првите војнии фотографи

„Земјата секој ден сè погусто ја прекриваа шатори и секој ден Русите потемелно се подготвуваа за отпор на армијата кога ќе тргне во напад […]. Видовме како руските офицери стојат на линијата, не плашејќи се од непријателскиот оган и како им покажуваат на своите луѓе на која страна да пукаат […]. Првиот напад на Французите беше очигледно неуспешен. Нивниот оган час беше слаб, час добиваше на интензитет. Во еден момент низ чадот видовме дека знамето е поставено на врвот на Малакоф и сите извикавме: 'Конечно стасаа'. Но, набргу сфативме дека тоа не е така. Знамето го поставија Русите – или сакаа да нѐ предизвикаат, или, што е поверојатно, да им стават на знаење на своите батерии дека таа положба сè уште ја поседува руската војска за да не ја гаѓаат“.

Руско-јапонска војна 

Руско-јапонската војна (1904-1905) е единствена војна во модерната историја во која европска земја е поразена од неевропска држава. За Русија војната со Јапонија го означила почетокот на распадот, кој на крај довел до крах на империјата. Но, оваа војна има дадено речиси неверојатна легенда за руските редови на Василиј Рјабов.

Рјабов, според преданијата, бил мобилизиран и упатен во рускиот полк кој се наоѓал во Манџурија. Тој бил познат кај војниците по тоа што мошне добро ги имитирал кинеските и јапонските војници за забава. 

Еднаш се понудил маскиран како кинески селанец да оди во извидница. На враќање го заробиле Јапонците, го сослушале, а потоа го погубиле.

Тука би можела да заврши приказната, но јапонскиот капетан кој го сослушувал Рјабов бил толку многу импресиониран од неговата храброст што напишал писменце на руската команда, и го оставил на неутрална територија, а тоа писменце го нашле козаците, така што денес текстот е познат:

„Нашата армија не може да не искаже искрена желба на уважената руска армија да воспитува што повеќе такви војници достојни за почит. Нашите симпатии кон овој навистина храбар и угледен војник, полн со чувство на долг кон татковината, достигнаа највисоко можно ниво“.

Прва светска војна

Во Првата светска војна Русија војувала заедно со Франција и со Велика Британија против Централните сили – Германија и Австро-Унгарија. Оваа војна била големо искушение за руските војници зашто нивната рововска борба била отежната од револуцијата на фронтот, во сопствените редови. И покрај разнишаниот дух на руската армија и бројните случаи на дезертерство определени руски војници влегле во историјата благодарение на својата неверојатна храброст.

Руската пешадија во Првата светска војна.

Пештер Лојд, воен аналитичар на австриски весник

„Би било смешно да се зборува за руските пилоти со презир. Русите пилоти се поопасни од француските. Тие се ладнокрвни. Тие можеби не се толку доследни во своите напади како Французите, но во воздух Русите се непоколебливи и можат без паника да поднесат големи загуби“. 

Германскиот генерал Максимилијан фон Посек

„Русите често јуришаа на нашите митралези и на артилеријата, дури и кога нивниот напад ќе беше осуден на неуспех. Тие не обрнуваа внимание на моќта на нашето стрелање, ниту на своите загуби. […] Но, руската команда не секогаш ја користи оваа значајна предност“.

Германскиот генерал Гинтер Блументрит

„Во одбраната руската царска армија беше тврдоглава и отпорна. Тие со огромна брзина мајсторски правеа одбранбени положби. Руските војници покажуваат исклучителна вештина во ноќните операции и шумските борби, и секогаш избираат борба гради в гради. Нивните физички потреби се мали, а нивната способност непоколебливо да му пркоси на казнувањето е навистина вчудовидувачка“. 

Втора светска војна 

Советскиот Сојуз поднесе огромни жртви во Втората светска војна. Русите сè уште ја паметат победата во таа војна како голем подвиг на народот кој на германско-фашистичките окупатори им се спротивстави со голема пожртвуваност, често и со храбар презир кон сопствениот живот. Понекогаш непријателот умеел да го цени тоа тежнеење за победа.

Германскиот фелдмаршал Паул Лудвиг Евалд фон Клајст

„Русите од самиот почеток покажаа дека се првокласни борци. Нашиот успех во првите месеци од војната може да се објасни со поквалитетна подготовка. Кога Русите стекнаа воено искуство, станаа првокласни војници. Тие се бореа со исклучителна упорност и со неверојатна издржливост“.

Генерал Франц Халдер, 1938-1942. Началник на генералштабот на копнените трупи на Вермахтот 

„Изгледа дека непријателот на иницијатива на новата команда, а исто така можеби и под влијание на Англија, ги вложува сите напори за да ја задржи линијата на фронтот и да ни оневозможи да продолжиме понатаму кон исток. Руската војска се бори мошне жестоко, исто како и претходно“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња