Дали советското заробеништво било пекол за Германците и за нивните сојузници?

Виктор Тјомин/МАММ/russiainphoto.ru
Кое било заробеништво е тешко, сепак германските заробеници во Советскиот Сојуз живееле неспоредливо подобро од советските заробеници во Третиот Рајх. Биле дури и платени за работата, примале пакети и писма од татковината.

За инвазијата на СССР Германија користела широк спектар сојузници, марионетски држави и доброволци од цела Европа. Така во воено заробеништво во Советскиот сојуз паѓале и Италијанци, Романци, Унгарци, Хрвати, Финци, Швеѓани...

Статистиката за германските заробеници во Советскиот Сојуз не била тема на јавна расправа. Дури и денес останува спорно прашањето за вкупниот број Германци и припадници на силите на Оската во советско заробеништво. Бројот варира од 2,3 до 3,4 милиони.

Романски заробеник во Одеса, август 1941.

Во Советскиот Сојуз за окупаторите се изградени над 300 логори, некои за стотина, а некои и за повеќе илјади затвореници. Некои логори постоеле само неколку месеци, а некои останале активни со години.

Германските воени заробеници сечеле шуми, подигале згради, граделе мостови и брани, или вршеле некои други работи. Како што еднаш има кажано советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов, ниту еден германски затвореник нема да се врати дома додека не се обнови Сталинград.

Работата на затворениците во Советскиот Сојуз била далеку од робување. Работниот ден не траел повеќе од осум часа, а затворениците биле можеби малку, но сепак платени. За дополнителната работа можеле да добијат бонус. Некои ослободени затвореници пред заминувањето дома го купувале сиот накит од локалните продавници.

Романски заробеници во логорот во Одеса, август 1941 година

Односот кон заробениците од другите земји на Оската бил уште подобар. Тие имале поволности и можеле дури и да работат во кујна. Затоа многумина Германци се обидувале да го скријат вистинскиот идентитет и да се се оградат од „народот на агресорот“.

Имало и обиди за бегство. Од 1942 до 1948 година повеќе од 11 илјади затвореници се обиделе да избегаат, но само 3% од нив успеале.

Имало и побуни и немири. Во јануари 1945 година заробениците во логорот во близина на Минск биле незадоволни од исхраната. Се забарикадирале во бараките и ги држеле чуварите како заложници. Обидите за преговори пропаднале, па се вклучила советската артилерија. Загинале над 100 лица.

Репатријацијата на германските воени заробеници од Советскиот Сојуз започнала набргу по завршувањето на војната. Болните и инвалидите во 1946 година биле вратени во своите земји. Околку 2 милиони затвореници биле пуштени од 1946 до 1955 година. Конечна општа амнестија била прогласена во 1955 година по посетата на канцеларот на Сојузна Република Германија Конрад Аденауер на Советскиот Сојуз.

Според достапните податоци, во заробеништво во СССР умреле речиси 15% од воените заробеници на силите на Оската. Поголемиот број смртни случаи настанале во годините на војната поради недостиг од храна, топла облека и адекватно сместување. Во германските логори се убиени или умрелe 58% од советските воени заробеници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња